30 Септември 2014 Published in Родова Еднаквост Written by  Себијан Фејзула

Жените Ромки помеѓу тишината или гласноста во политиката?

Rate this item
(0 votes)

Ние не ја гледаме важноста на жените Ромки во политичкиот живот.

Амди Бајрам - пратеник во Парламент и политички лидер

Горенаведената реченица доволно кажува каков е односот и третманот кон жената Ромка од страна на ромските политичките партии. Во изминатите дваесет години Ромките дадоа значаен придонес во развојот и организирањето на ромските политички партии и невладиниот сектор. Сепак доминира впечатокот дека жената Ромка не го добива заслуженото место и позиција во ромските партии од страна на сегашните ромски политички лидери. Клучни фактори за оваа ситуација се: политичката култура на ромските лидери, законската регулатива, упорноста на самите жени и положбата на жената Ромка во традиционалното ромско семејство.

 

Законска регулатива

За жал или за нечија среќа ромските лидери мораа да ја почитуваат законската регулатива која ги обврзува сите политички партии да вклучат најмалку 30% жени на кандидатските листи. Законот за избор на пратеници (2002) и Законот за локална самоуправа (2004) одредува квота од 30% учество на обата пола на кандидатските листи за избор на пратеници и советници. Изборниот законик е дециден „… на секои три места на листата најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол“. Иако политичките партии ја почитуваат оваа законска одредба бројот на избрани жени во Парламентот е сепак само 30,9% што значи минимум исполнување на квотата. До сега сме имале само една жена Ромка (Ѓулистана Јумеровска-Марковска) преставничка во Парламентот. Од сите носители на политички функции – Роми, само 2 советнички се жени Ромки.

 

Политичка (не) култура на ромските лидери

Еден од поголемиот недостаток и проблем на нашите лидери е што практикуваат отсуство на родово-сензитивна зрелост во политичките настапи што очигледно се рефлектира врз политичката култура на партијата. Кога толку би се разговарало за проблемите што ги засегаат Ромите, како што се разговара за тоа кој од каде и како украде, тогаш би можеле да се пофалиме Ние сме тие кои што се секогаш добро застапени и претставени од своите претставници. Но, политичарите се толку зафатени со префрлување на вината еден против друг, што просто се губи амбиентот да се расправа за важни теми. Се потврдуваат моите , можда и нечии други сознанија дека нашите лидери ги користат жените како војници само во време на изборната трка.

 

Упорноста на самите жени

Проблемот на ромската заедница во однос на жената Ромка не е поразличен со статусот на жените во другите заедници. Така на пример, Anne Stevens[1] во Women, Power and Politics (Жени, Моќ и Политики) објаснува дека иако жените го имаат правото на глас, тие не се активни гласачи и се помалку присутни во политиката. Јавната/приватната поделба има двојна улога, како објаснување на подредената положба на жената и како една идеологија која ја гради таа позиција. На жените, пак, најчесто им е полесно да го прифатат овој факт, истакнувајќи дека и покрај образованието многу тешко може да напредуваат и да изградат кариера.

Фактот дека имаме само 2 жени Ромки советнички ми потврдува дека жените во политичките партии се користат само како метод за исполнување на законската регулатива. Поради тоа што на жените не им е дадена можност и доверба да ги докажат своите квалитети, во пост-изборниот период ромските политички партии остануваат слепи и глупи на потребите на жената Ромка. Едноставно за нив жените се Невидливи! Видливи само кога некој друг ќе посака да бидат видливи. Фактот дека жените Ромки сe перцепирани како некој што е апатичен, конзервативен, ограничен и емотивен, не дозволува жените да ја увидат важноста на самостојно одлучување за кого ќе го дадат својот глас и дали и како да бидат политички активни и вреднувани.

Што се случува со тие жени што “вредат“ еден глас? Најчесто на денот на изборите, масовно се регрутираат и пред сенивните сопрузи им сугерираат за кого да гласаат. Поради стереотипите дека мажите се тие кои треба да бидат партиски војници или симпатизери на одредена политичка опција, па согласно тоа веруваат дека им е подарено правото за просудување, тие најчесто диктираат кому да се даде глас од страна на членовите на семејството.

 

Традиционалната положба на жената Ромка

Неизбежен е фактот дека жената Ромка е потисната и поради својата положба која ја има внатре во семејството. Од нив не се очекува да бидат лидери на некоја партија или истакнати јавни личности. Жената Ромка во традиционалното семејство се воспитувадека во одредена возраст во животот мора да се омажат, и дека во бракот ќе имаат одредени обврски, како на пример, цеслосно да се посвети на потребите на семејството, мажот, да бидат примерни мајки во и надвор од семејството и заедницата.

Се прашувам како некоја жена Ромка може да има амбиција да направи нешто поразлично од тоа што и е наметнато, и од тоа што го очекуваат другите? Секојдневните активности на жената Ромка во општеството се само доказ за тоа колку се длабоко вкоренети сфакањата за улогата на жената. Многу малку е присутна свесноста дека со својот глас или учество може да смени политики кои што се директно поврзани со нејзините потреби и интереси, како на пример: семејното насилство; специфичните потреби на жената во однос на здравството; сексуалното вознемирување; дискриминацијата на работното место по однос на полот и многу други прашања. А нашиот лидер со својата изјава “Ние не ја гледаме важноста на жените Ромки во политичкиот живот”[2] потврдува каде им е местото на жените Ромки.

Категоријата ‘жена’ е поврзана во рамките на изградбата на семејството и сродството (приватно подрачје), исто како што категоријата ‘маж’ е поврзана со моќ, политика и знаење (јавно подрачје). Се согласувам со Карл Маркс кога вели дека јавната/приватна поделба е круцијална за разбирање на односите помеѓу семејствата, политичките структури и економските процеси[3]. Иако Маркс оваа изјава ја дал пред повеќе од сто години, нашиот пратеник (Амди Бајрам) за жал со неговата изјава испаѓа дека заостанува повеќе векови од Маркс. Перцепциите со кои жените се здобиваат кога стануваат активни надвор од домашната (приватната сфера) често пати се поврзани со нивниот морал, со нивната улога која што “треба” да ја имаат како жени. Токму поради двојната улога која ја имаат (репродуктивна и професионална), жената Ромка е принудена да мора да избере само една улога, во најчест случај репродуктивната (приватната). Ова се сфакања кои завземаа место за родовите односи и улога уште за време на комунистичките движења и се сфатени здраво за готово, односно половите идеи кои се вградени во социјално-културните сфакања за машки-женски разлики, моќ и нееднаквост.

Во овој момент жените Ромки се наоѓаат во оваа ситуација: слаба вклученост во политичките партии, потисната од јавниот живот поради потребите на семејството и од страна на политичките лидери кои отворено манифестираат машки шовинизам кон жените. Дали можете да го замислите развојот на ситуацијата доколку оваа неправда наречена ромска реалност се промени, ако вклученоста и улогите на жената и мажот во политичките процеси се изедначат и биде по фер плеј правила?

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.


[1] Stevens, Anne (2007). “Chapter 3: Women as Voters” and Chapter 4: The Representation of Women.” In: Power and Politics. Palgrave Macmillan, pp. 48-97

[2]Телефонски разговор со Амди Бајрам, преседател на Сојуз на Ромите од Македонија за Антико. http://www.antiko.org.mk/Uploads/Analiza_na_kandidatski_listi.pdf

[3]Davidoff, Leonore (1998). “Regarding Some Old Husbands Tales”: Public and Private in Feminist History.” In: Landes, Joan B. (ed) (1998). Feminism, the Public and the Private, Oxford University Press, pp. 164-194

 

Read 41052 times
Last modified on Понеделник, 13 Октомври 2014 09:36

Leave a comment

Make sure you enter the (*) required information where indicated. HTML code is not allowed.

Facebook

Twitter