30 Септември 2014 Published in Политика Written by  Дениз Селмани

Ромското движење

Rate this item
(1 Vote)

Според дефиницијата за граѓанско движење секој обид на луѓето да се организираат преку идеологија и да постигнат одредени цели се смета за граѓанско движење. Ова значи дека  секој обид на формално или неформално организирање на Ромите преку одредена идеа и постигнување на одредени интереси се смета  движење.  Важно е да се спомене дека секое социјално движење има свој животен циклус: тоа се создава, постигнува успех или неуспех и на крајот, преминува во нешто трето или  престанува да постои[1]. Се претпоставува дека посериозните обиди за создавање на ромско движење започна на почетокот на 90-тите години со само-организрање на ромските активисти преку формирање на невладини организации. Иако во прво време големиот број на активисти личеше на своевидна елита овој процес донекаде остана недефиниран и дискутабилен пред и се бидејќи овој процес сеуште трае. Обидите за создавање на Ромска Унија и првичните идеи на само-дефинирање се сеуште актуелни и како такви се земени во предвид во оваа анализа.

Почетоците на ромското движење гледано низ историска перспектива може да се сметаат од 1971 година со одржувањето на Првиот Ромски Конгрес и создавањето на Ромската Унија. Подигнувањето на т.н. “ромско движење” предизвика значителна промена во однесувањето кон Ромите во општеството. Може слободно да се каже дека пред тоа справувањето со политичката и социјалната реалност и судбина на Ромите беше дефиниранa од “надвор” од страна на разни системи на моќ и мнозинското население. 

Мотивацијата за еднаквост и социјалнo признавање во голема мерка беше резултат на промената во начинот на кој Ромите се занимаваа со својот идентитет. Асимилацијата на Ромите од страна на мнозинското население и самоодрекувањето главно поради стравот јавно да се декларира да се биде Ром, беа заменети со јасна поддршка и прифаќање на ромската култура и идентитет. Интеграцијата веќе не требаше да зависи од губење на културниот идентитет. Ромите побараа да бидат признати и почитувани од општеството како Роми. Заедно со политичките барања имаше обиди да се опише историјата и културата на Ромите од внатре и да се  направи достапна и за не-ромите. Лондонскиот конгрес предизвика да се зајакне организирањето низ целиот свет што резултираше со формирање на повеќе активни граѓански ромски организации во и надвор од Европа. Важен чекор за иднината беше основањето на Меѓународната Ромска Унија во која членуваа делегати од голем број на држави.

Ова имаше позитивни ефекти врз градењето на самодоверба на целото движење. Покрај тоа во периодот меѓу третиот и четвртиот конгрес се унапреди заштитата на националните и малцински права во неколку земји. Меѓународната Ромска Унија на неколку средби со претставници од различни институции на ОН, УНЕСКО, Советот на Европа и Европската Комисија ги дискутираше ромските прашања кои за жал беа не вродија некој посериозен успех. Во меѓувреме Меѓународната Ромска Унија стана членка на повеќе организации на УН и Советот на Европа.

За подобро разбирање на специфичностите на ромското движење, оваа анализа се заснива врз концептот и  перспективите на етничка мобилизација. Секако дека ромското движење може да се анализира со други теории зависно од целта и намената на анализата, но сепак моите согледувања на доминација на националните белези и самодефинирање на ромскиот идентитет го прават апликативен и е еден од можните пристапи за анализарање на досегашното ромско движење.

 

Теорија на етничка мобилизација

Етничката мобилизација е процес во кој групите се организираат околу некоја карактеристика на етничкиот идентитет (на пример, бојата на кожата, јазик, обичаи,..) кои се во потрага за колективни цели. Културниот аспект на теоријата за етничка мобилизација ја истакнува улогата на културата во процесот на етничкото мобилизирање. Со други зборови, оваа теорија вели дека членовите на една етничка група споделуваат заеднички вредности и морален норматив, а со тоа го одредува моделот на групата за етничка мобилизација. Според Schöpflin (2005) етничките групи ги користат инструментите на културната репродукција како што се облека, јазик, симболи, ритуал и така натаму за да ја потврдат својата заедница. Се претпоставува дека припадниците на една иста етничка група ќе имаат некој вид на природна врска поради нивната заедничка култура. Во овој контекст јасно е дека Ромите имаат иста култура, јазик, историја што наведува на идејата дека имаат заедничка врска и интерес за да се мобилизираат. Во класичен смисол ова може да биде вистина кај другите заедници, но не и и кај ромското мобилизирање. Како причина за ова се повеќе фактори: прво, идентитетот и дефиницијата за малцинство. Иако терминот Роми беше официјално прифатен на Првиот Ромски Конгрес во Лондон, многу ромски подгрупи одбиваат да се декларираат како Роми поради репресија, дискриминација или едноставно сакаат да бидат асимилирани. Варијацијата на ромски групи исто така прави потешкотии во идентификацијата како “една група” како и варијацијата на јазикот и усвојувањето на различната култура на државите во кои тие живеаат.

Една друга перспектива зборува за “реактивна етничка припадност” што тврди дека подемот на етничка мобилизација е побарана од страна на нееднаквата поделба на ресурсите по етнички линии. Но, ова се применува повеќе за територијално етнички идентитети, како што се наведува од балканските примери кога малцинствата имаат желба за територијата тие, најверојатно, ќе ги постигнат своите цели, без разлика дали тие ке заземат територија или не. За подобро разбирање на желбата за територија во овој поглед значи само идеологија не е потребно средство како конфликт за стекнување на територија[2]. Идеологијата на ромското движење никогаш не покажа интерес за стекнување територии туку напротив во повеќето случаи започна со дефинирање на своите основни симболи и решавање на проблемите преку соработка со националните влади и меѓународните организации.

Друг пристап во теоријата на етничката мобилизиција е перспективата на политичка партиципација. Оваа перспектива се смета за важна затоа што активностите на оние кои себеси се претставуваат како лидери на Ромите подразбира вложување на ресурси, нивна способност јавно да ги изнесуваат и заштитуваат интересите на Ромите и секако нивните обиди да добијат што е можно по масовна поддршка. Лидерите се важен фактор во мобилизацијата на луѓето односно идентификацијата со лидерот е неопходен услов за градење на доверба. Досега познато е дека Ромите (уметници, актери, активисти) беа перцепирани како лидери иако тие не поседувале лидерски вештини. Политичкиот процес има потреба од два дополнителни елементи: можност за поставувањ ена политичка структура и рамка.[3] Можноста за политичка структура значи институционална структура на државата во одредувањето на моделите на мобилизација. Таа се однесува на политичките услови во кое движењето мора да влезе, кога станува активно. Во овој термин ромското малцинство не беше признато од страна на државите до 90-тите години па често во некои земји националните малцинства дури и ден денес не постојат. Друг факт е дека за време на комунистичкиот режим ромското движење беше забрането. Југославија беше учесник на Првиот Ромски Конгрес во кој ромските лидери  се обидоа да го организираат меѓународното движење меѓутоа наидоа на забрана од страна на Тито.

”Ние може да кажеме дека можности не постојат додека не ги воочиме, дека интерес не постои додека не го дефинираме, изборот не постои се додека не се именува. Кога активистите сакаат да формираат движење тие треба да се занимаваат со прашања поврзани со интерпретација и значење. Пред движењето може да стои успешен активист кој треба да укажува на можностите, да дефинира интереси и именува избор со цел да креира разбирање на јавноста и да ги убеди луѓето да се приклучат или да го подржат нивното движење.” (Jane Jenson, 1998:5)

Се цел да се мобилизира група, активистите треба да привлечат внимание на потенцијални членови на групата за одреден проблем, но и да го објасни тој проблем и понуди начин кој дозволува да се дејствува со колективни акции. Капацитетот на активистите да привлечат внимание помеѓу Ромите е многу мал. Прво, иако тие се соочуваат со слични проблеми капацитетот на активистите е ограничен затоа што тие не се толку мотивирачки со што ќе ги натераат на луѓето да учестуваат во движењето. И второ, Ромите кои се подобро ситуирани во општеството многу често забораваат на овие проблеми и не се идентификуваат во таа кошница.

Теоријата на етничка мобилизација смета дека Ромите се група на маргините од општеството што се карактеризира со силно чувство на етничкиот идентитет. Иако постои одредено несогласување помеѓу академската јавност за тоа како точно да се разбере природата на ромскиот идентитет скоро сите научници се согласуваат дека овој идентитет е моќна алатка за мобилизација.[4] Ромскиот идентитет е главно важен бидејќи придонесе за општото разбирање на Ромите како една група и на тој начин предвидува активизам со рамка за политичка акција.

 

Мојот став

Ромскиот идентитет се повеќе се прифаќа како политичка реалност додека етничката мобилизација паралелно продолжува да биде важен канал за политичкото изразување. Затоа зајакнувањето на идентитетот помеѓу различните групи на Ромите во иднина ќе помогне да се идентификуваат и да  мобилизираат повеќе луѓе. Новата генерација на едуцирани Роми кои имаат позиции во владите, невладините организации како и студентите кои успеваат да се здобијат со организациски и лидерски вештини играат клучна улога во иднината на ромското движење. Потребата за единство и дефинирање на стратешки цели и тактики ќе го одреди идниот успех. Ромската дијаспора меѓу државите расте, како и бројот на Роми кои мигрирале во Европа, тоа е феномен кој може да го смени текот на финансирањето на ромското движење во нова димензија и квалитет.

Гледањето и прикажувањето на проблемите со кои се соочуваат Ромите исклучуво низ призмата на етничката припадност не е без опасности. Тоа може да привлече внимание на овие проблеми, а со тоа би можело да ги охрабри  Ромите да почнат се повеќе да се приклучуваат во политички и граѓански акции и да обезбедат инструменти преку кои ќе можат да помогнат да се промени нивната исклученост од општествено-политичкиот живот.

Медиумите и технологијата, особено интернетот се дел од новиот тренд на посредување при мобилизирање. Сведоци сме на неколку падови на режими во неколку африкански држави кои воглавно почнаа да се организираат преку новите масовни медиуми со што се покажува како успешна алатка за организирање група на луѓе кои имаат заедничка цел и сакаат да ја остварат преку мобилизирање. Сметам дека овој тренд може да искористи при мобилизирање на ромската заедница особено кај помладата генерација на Роми кои се доста активни по социјалните мрежи како Facebook и Twitter, но воедно и не-ромите да се приклучат кон ромското движење за сето ова потребно е многу јасна цел во која насока сакаме да се движи ромското движење. Со оваа компонента на мобилизирање ромското движење би било видливо во секоја држава. Кога би ни било за цел да направиме огромен протест преку кој ќе го искажеме незадоволството за тоа како сме третирани ќе предизвика бурни на реакции во Европа. Затоа сметам дека оваа компонента би можело да биде од огромна помош за ромското движење.

Се очекува да продолжи градењето на ромското движење со новата генерација на млади едуцирани Роми. Во нив е вложено труд, време, финански средства и претходни искуства кои ги прават поспремни да се носат со тековните проблеми и потреби на ромската заедница. Повозрасната генерација очекува овој потенцијал да биде соодветно искористен и обезбеди континуитет во продолжувањето на колективните цели и интереси на ромското движење. Засега има различни ставови за ромското движење во смисол дали навистина постои и кои се неговите цели. Според мене нашето ромско движење има свои особености и вредности и како такво има легитимно право да се само-дефинира односно не позајмува концепти од другите граѓански движења. Тоа секако е движење кое сеуште се гради и надградува преку повеќе генерации на активисти и секако дека има свој континуитет и колективна меморија. Прашање е на време и квалитет на генерациите кои доаѓаат за да покажат соодветна политичка и колективна зрелост за превземање на одговорноста во свои раце.

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.


[1] Sidney Tarrow, Power in Movement: Collective Action, Social Movements and Politics, Cambridge University Press, 1994

[2] The Romani movements, Minority Politics and Ethnic Mobilization in Contemporary Central Europe, Peter Vermeersch, page 34-35

[3] Ibid p. 39

[4] Ibid p. 40

 

Last modified on Понеделник, 13 Октомври 2014 09:36

Leave a comment

Make sure you enter the (*) required information where indicated. HTML code is not allowed.

Facebook

Twitter