30 Септември 2014 Published in Економија Written by  Надире Реџепи

Како да се интегрирате во ромската заедница?

Rate this item
(0 votes)

Живееме во време на глобализација која во последните неколку години навлезе во длабока финансиска криза. Во светот секој петти човек, а во Македонија секој трет граѓанин е сиромашен. Гледано од историски аспект, сиромаштијата е феномен кој одсекогаш постоел во општествата поради аномалиите во системот на организирање на државата. За разлика од минатото денес сиромаштијата е неприфатлива и претставува постојан предизвик за нејзино отстранување и искоренување. Сиромаштијата по својата природа е оспоруван концепт. Сепак научниците, креаторите на политики, дури и политичарите се согласуваат околу една работа – дека сиромаштијата е проблем. Каква и да е дефиницијата или описот на сиромаштијата главната или основната порака е дека сиромаштијата не е само состојба туку е и неприфатлива состојба.

После Втората Светска војна владите превзедоа поголема одговорност и решителност за елиминирање на сиромаштијата така што поставија заедничка платформа за обнова на Европа преку Маршаловиот план а од неодамна се поставени Милениумските Развојни Цели 2000-2015.

Во светот над 80% од луѓето живеат со помалку од 10 долари на ден, 25 илјади деца умираат секојдневно поради сиромаштија, 12,3 милиони луѓе се жртви на присилна работа, 186 милиони се невработени. Македонија е исто така опфатена со овие трендови, па така, според податоците на ОН (Обединети Нации), кај нас 50% од населението живее во некаков вид сиромаштија, а покрај оваа поразителна бројка, се смета дека одредени социјални групи се особено изложени на сиромаштија во споредба со останатите. [1]

Република Македонија е неизбежно дел од овие процеси и поради тоа има своја Стратегија за Намалување на Сиромаштијата. Сепак и покрај усвоената стратегија нагорниот тренд на сиромаштијата од 4% во 1990 стигна на 30,4% во 2011 година што укажува на потребата за прилагодување на начинот на живеење на населението според минималните услови. Одвикнувањето или учењето на нов начин на живеење со помали можности и ограничувања е тежок и болен процес за поединецот и семејството. Сепак, дел од македонските граѓани долго време живеат и скоро да се “навикнати” на живот во сиромашни услови. Станува збор за ромската популација, која е синоним за успешно опстанување во сиромашни субстандардни услови на живеење. Затоа со оглед на растечките трендови на сиромаштијата во светот и во Р.Македонија, време е да се постави обратна теза, односно дека во услови на зголемена сиромаштија нема потреба за интегрирање (навикнување) на ромската заедница во сегашните општествени текови туку обратно, новата генерација на сиромашни граѓани треба да се интегрира и учи од примерот на ромската заедница. Во оваа кратка анализа ќе наведам неколку примери како новата сиромаштија во Р.Македонија може да се прилагоди односно интегрира кон стилот на живеење на ромската заедница.

 

Политики и легислатива во Македонија

Како и секоја друга држава, Република Македонија има своја дефиниција со која одредува дали и во која категорија на сиромаштија припаѓа одредена група или поединец. Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на луѓе чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кои ги исклучуваат од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која што живеат.[2] Под сиромаштија се подразбира состојба во која основните потреби се поголеми од можностите за нивно задоволување[3].

Според Уставот, Македонија е социјална држава која гарантира минимум стандарди на права за достоен и пристоен живот. Сепак во досегашниот период владите на Македонија не успеваат да се справат со овој феномен односно да воведат политики кои ќе ја подобрат економската активности и стандард на живеење. Секако, владините политики не се единствениот фактор кој влијае на економските перформанси и дека во голема мера ситуацијата е зависна од макроекономските прилики во регионот и пошироко.

Законот за Социјална Заштита ја дефинира паричната помош за невработените и социјално загрозените семејства. Така според законот[4], едночлено семејство според пресметките добива социјална помош од 2.174 денари, двочлено семејејство прима 2.979 денари, а семејство со три члена има социјалната помош од 3.784 денари. Четиричлено семејство добива 4.558 денари, додека петчлено семејство месечно прима  5.393 денари социјална помош. Овие износи на социјална помош ги добиваат само лицата кои за првпат поднесуваат барање за користење парична помош. Граѓаните кои повеќе од три години користат социјална помош добиваат за 50 отсто, односно за половина помал износ. Законот исто така дава можност за дополнителна финансиска помош на вработените чиишто месечни приходи се помали по глава на член од семејството во однос на месечната потрошувачка кошничка за едно 4 члено семејство.

Покрај позитивните законски прописи и обврски на институциите одговорни за обезбедување на социјална заштита на населението истите не ги ажурираат редовно податоците за бројот на корисници на социјална помош. Така на интернет страната на Министерството за Труд и Социјална Политика нема информации за бројот на корисници на социјална помош додека Заводот за Статистика има објавено податоци за корисниците во 2010 и 2011 година. Многу е тешко да се споредуваат податоците по години за да се види каков е трендот и дали превземените мерки на институциите даваат конкретни резултати во однос на социјално исклучените и невработените лица. Генерално во досегашниот период државата обезбедуваше социјална поддршка на 35.000 – 49.000 семејства во разни категории.

 

Фактори кои произведуваат сиромаштија

Во последните 30-40 години сиромаштијата низ светот се зголеми за два пати повеќе. Како резултат на зголемување на бројот на сиромашни лица, двојно се зголеми и бројот на сиромашни држави. Несомнено Р.Македонија спаѓа во групата на сиромашни држави во развој каде што според  Заводот за Статистика живеат 30.4% сиромашни лица. Постојат попвеќе фактори кои го произведуваат овој растечки тренд на сиромаштијата:

Фактори од општествен контекст:

  1. Класното објаснување – сиромаштијата е резултат на маргинализација на група луѓе кои се исклучуваат од производните процеси поради што се ограничуваат нивните животни избори;
  2. Административното објаснување – сиромаштијата се препишува на грешките и на неефикасноста на државните служби (пр., неспособност на политичките лидери, бирократија и сл.)
  3. Нееднаквоста – сиромаштијата е продукт на нееднаквоста во општествената структура што имплицира демантирање на сите можности (пр., расна и полова нееднаквост).

Патолошките објаснувања сирмаштијата ја препишуваат на карактерот и поведението на сиромашните луѓе. Тука се вклучени:

  1. Индивиндуалистичкото објаснување – сиромашните се навикнати да бидат неадекватни, да прават лоши избори во животот, а со тоа и самите да си го креираат својот животен стил;
  2. Фамилијарното објаснување – верување дека сиромаштијата владее со едно семејство и таквото сиромашно објаснување се одржува со генерации;
  3. Супкултурното објаснување – “културата на сиромашните” ги учи сиромашните да бидат поинакви и да се адаптираат на сиромаштијата заедно со елиминирање на секаква амбициозност и верба.[5]

Очигледно дел од сиромаштијата се невработените лица кои подолго време немаат работа или пак се исклучени од пазарот на трудот поради нивната возраст. Трендот на невработеност во Македонија константно се движи помеѓу 35 и 40 %, што е од голем товар за нашата мала неразвиена економија. Иако дел од невработените се активни во сивата економија, која изнесува 45% од вкупната економија, тоа е суштински проблем кој ниту една од владите не успеа да го искорени и најде системско решение.

Во одредени периоди институциите превзедоа мерки за прочистување на бројот на невработените што вештачки придонесе да се намали бројот на евидентирани баратели на работа, кој во суштина не ја промени ситуацијата. Во ваквите бирократски мерки најчесто ромското население беше одстранувано од евиденицијата за да по одредено време на чекање повторно се регистрира во евиденцијата на невработени или баратели на социјална помош. Така овој феномен наместо да има системско решение стана дел од дневното политизирање на властите пред и после изборните циклуси со цел да се контролира зависноста на електоратот.

 

Како да се живее според Заводот за Статистика

Потрошувачката кошничка во Р.Македонија од година во година се повеќе поскапува поради инфлацијата односно порастот на цените што не значи дека се зголемува куповната моќ на граѓаните. Класично, кошничката вклучува производи од жито, месо, риба, млеко, млечни производи, јајца, масло и маснотии, овошје, зеленчук, шеќер, чоколадо и кондиторски производи, други прехранбени производи,  безалкохолни и алкохолни пијалоци. Почнувајќи од 2011 година, Државниот завод за статистика престана да ја пресметува потрошувачката кошничка според досегашните критериуми со цел да ги следи препораките на ЕУ во насока на хармонизирање на нашиот статистички систем со оној на земјите од ЕУ. За таа цел, Државниот завод за статистика во 2010 година за првпат ја спроведе Анкетата за приходи и услови за живеење, која во целост е хармонизирана според препораките на Еуростат. Оваа Анкета, меѓу другото, ќе биде и извор за пресметка на меѓународно споредливи податоци за животниот стандард во Република Македонија.[6] Последната проценка за висината на потрошувачката кошничка е направена за месец декември 2010 година во која просечната нето-плата по работник изнесуваше 21 454 денари. Вкупните трошоци за исхрана и пијалаци изнесуваа 12 342 денари и беа пониски од просечната нето-плата за 9 112 денари, односно за 42.5%. Ако се земе предвид фактот дека потрошувачката кошничка, која притоа содржи само храна и пијалаци, зафаќа 57,5% од просечната плата во земјава, излегува дека повеќе од половина плата граѓаните ја трошат за увозни производи.

 

Да го илустрираме ова со конкретен пример:

Да претпоставиме дека во едно 4 члено семејство едниот член е вработен и  месечно остварува приход од 21.454 мкд. Нешто  ппомалку од 60% од остварениот приход треба да го потроши на потрошувачка кошничка која изнесува 12.454 мкд од неговата плата. Од 21.454 мкд ќе му преостанат само 9.000 мкд. Каде ќе ги потроши овие пари? Допрва треба да плати расходи за електрична енергија, вода, кирија (доколку плаќа ), расходи за образование на децата, за облека, здравство итн.

Да анализираме едно 4 члено семејство колку реално би можело да ја искористи потрошувачката кошничка?

Производпретпоставка за потребни количини на месечно ниво

Вкупна месечна цена за производ

4 л. масло за јадење

400 мкд

62 леба

1550 мкд

5 кг. Брашно

250 мкд

30 л. Млеко

1500 мкд

6 кг. Месо

2400 мкд

15 кг. Зеленчук

1500 мкд

15 кг. Овошје

750 мкд

Хигиенски средства

2000 мкд

Пијалоци

2400 мкд

5 кг. Шеќер

250 мкд

2 кг. Сол

100 мкд

Кафе, чај, цигари

2000 мкд

Вкупно

15.100 мкд

Според пресметките од горенаведената табела произлегува дека просечната кошничка е поскапа за 2.646 мкд од утврдената без притоа да се калкулираат трошоците за сувомеснати, млечни и кондиторски производи.  Одлуката од каде ќе се троши за овие потреби е на секое семејство при што најчесто се скратува од прехранбените артиклите или пак се одложува плаќањето на сметките за електрична енергија, греење, вода итн. Да потсетиме дека просечната кошничка е пресеметана според висината на просечната плата во државата. Како и дали е можно да се обезбедат овие артикли со социјална помош од околу 5000 мкд. Одговорот е многу јасен и едноставен, не е можно да се прехрани семејството со подршката која ја дава државата. Доколку државата дава само околу 5000 мкд а семејството неизбежно троши минимум 15.000 мкд се поставува прашањето за даноците кои државата ги добива при купувањето на секој производ. Секој производ е најмалку 4 пати оданочен додека стигне во рацете на потрошувачот. Производителот плаќа данок за суровините и за работна сила за производство, следно се плаќа данок за транспортирање на производот, се оданочува трговијата на продавачите на големо и на мало, и на крајот купувачот плаќа 5% или 18%  данок на додадена вредност. Ако сумата од 15.000 мкд ја оданочиме 5 пати по 5 % (минимално) тоа изнесува вкупно 25% добивка на секој артикл за државата, односно 3.750 мкд. Ако оваа сума ја одземеме од дадените 4.558 мкд за 4 члено семејство излегува дека државата плаќа само 808 мкд месечна социјална помош. Тоа се 13 евра месечна помош по семејство односно вкупно 156 евра за цела година. На крајот пресметката покажува дека државата троши 7.6 милиони евра буџетски средства кои се неповратно дадени на 49.000 семејства –корисници на социјална помош.

 

Како се живее во ромска сиромаштија

Од наведените пресметки произлегува дека секое семејство и поединец мора да се снајде како знае и умее за да обезбеди донекаде достојна исхрана на сите членови на семејството. Ова Ромите го прават со векови наназад, при тоа често угнетувани и обесправувани од институциите на системот и поедини групации. Обичниот граѓанин кој е дел од новата сиромаштија е во предност кон Ромите затоа што неговиот социјален статус и третман од страна на институциите е далеку подобар, што автоматски значи дека полесно ќе се справува со сиромаштијата.

Следниве препораки се дадени со намера да се укаже на одредени потреби за привикнување или одвикнување на начинот на исхрана, размислување, делување и однесување во сиромашни околности, со јасна дистинкција за разликите со ромската заедница:

1.Користете го максимално претходниот социјален капитал (протекционизам)

Ромите немаат социјален капитал како мнозинската заедница, што значи дека немаат роднини и пријатели кои се вработени во институциите или во приватните компании за да им помогнат во ургентни ситуации. Новата сиромаштија во Македонија секогаш може да наиде на поддршка во рамките на системот и приватниот бизнис по фамилијарни или пријателски линии, солидаризирање по етничка и верска припадност. Ова за Ромите не важи, па затоа главата горе, ќе ви биде полесно да се справувате со сиромаштија отколку на обичниот Ром.

2. Јадете помалку

Доколку успеете да го навикнете семејството да јаде еден оброк во текот на денот, по можност некоја поефтина храна без месо, млеко, овошје и десерти, тогаш ќе успеете во уметноста на излегување на крај на месецот со социјалната парична помош на државата. Да не спомнам дека алкохолот, цигарите и патување на одмори се измислени идеали во ваква ситуација.

3. Купувајте облека само еднаш во неколку години

Облеката и обувките кои ги поседувате треба максимално да ги износите, што поретко перете за да не се искинат, а доколку се искинат да ги крпите се додека материјалот може да издржи. Крпењето на обувки чини пари па затоа почнете да вежбате сами да го правите тоа на некои постари и некорисни чевли.

4. Воспитување и школување на децата по секоја цена

Навикнете ги децата да учат од стари книги и одат на училиште со стари и поефтини ташни, со искрпена облека и чевли, без ниеден оброк на училиште односно само еден оброк дома. Доколку некој сака повеќе да му даде на своето дете или деца тогаш треба да најде начин како да заработува дополнително, односно излезе од  дома наутро, работи цел ден за некоја мала дневница (200-300 денари) и навечер донесе дома нешто за јадење. Во меѓувреме на малите деца кои не се на школска возраст треба да внимава највозрасниот од нив. Ако некое од децата е помалку успешно или незаинтересирано за учење штом ќе наполни 10 години земи го со себе да работи за дополнителна дневница или припомош. Ако е заинтересирано и има успех тогаш остави го сам да се справува со тоа затоа што немаш време, а можеби и знаење да му помогнеш. Ако се жали дека наставниците или другарите го малтретираат, даваат помали оценки или го сместуваат на последната клупа, или повеќето од одделението не се дружат со него затоа што е сиромашен, ќе му кажеш дека мора да издржи и успее да добие диплома и секако работа. Ако е веќе дипломиран а неможе да најде работа поради тоа што нема врски, не е политички подобен, нема пари да купи работно место пак понуди му да бара тезга на црно за да заработи нешто.

5. Штедење и само штедење

Мора постојано да наоѓате нови начини за штедење на останатите животни трошоци, кои не се храна. Преку зима може и мора порано да се легнува, а подоцна да се станува за да се заштеди огревот за дрва, да се навикнете на живеење без струја која е исклучена поради неплатени сметки, да се биде чист со помалку топла вода и скоро без хигиенски препарати,  да одиш на лекар само во крајно лоша здравствена ситуација. Да се навикнете на затворени врати и шалтерско одбивање ако се обратите до некоја институција или јавен сервис, а ако е многу ургентно да најдете пари за да ја купите услугата.

6. Не одбивајте чесна заработувачка иако е смешно мала

Во недостиг на стабилно вработување мора да се навикнете да работите се и сешто а да не биде против законот. Државата толерира дневна работа во сивата економија така да најчесто може да понудите физичка работна сила за чистење, носење, копање, ситна трговија на позајмени производи итн. Треба да бидете спремни дека на крајот на денот нема да добиете пари во рака туку ќе ви се понуди некој производ како компензација или пак едноставно ќе ви кажат да дојдете друг ден по дневницата. Добро е што има да земете а не да должите некому па така излегува дека сте во позитива.

7. Во крајно лоши ситуации јавните депонии и контејнери се извор на приходи, каде што освен храна може да најдете старо железо, пластика, хартија и други вредни работи, кои со мало дотерување или поправка може да бидат повторно корисни за вас или за продажба. Сепак за некоја подолгорочна работа со секундардни суровини ќе треба да внимавате на законските обврски и да отворите жиро сметка за да ви се исплати она што го собравте наоколу. Ако ви се насоберат повеќе од 12000 мкд годишно на сметка тогаш чекајте власта да ви ја укине социјалната помош, според закон.

8. Бидете иновативни и позитивни

Важно е да не ја губите надежта дека еден ден ќе најдете добро платена работа. Маката ве тера да размислувате и измислувате решенија, па ќе бидете со текот на времето иден иноватор за одредени проблеми и потреби. Не е страшно затоа што Ромите тоа го прават со векови, без институции, без држава, без протекции и без моќ. Едноставно живеат од денес за утре, од денес за денес и не им е мака. Маката може да ја споделите со сиромашните но исто така и веселите моменти. Не се откажувајте од голема веселба кога ќе имате прилика за тоа, сепак еднаш се живее.

9. Бидете земјоделец односно преселете се од град во село

Доколку имате некое парче земја кое е ваше или на некој ваш роднина, обично необработувано, тогаш не двоумете се да почнете да го обработувате. Влогот и ризиците се мали во споредба со она што можете да го добиете за исхранување на вашето семејство. Замислете се да немате земја и можност за бесплатно овошје и зеленчук па секој производ мора да го купувате. Ромите немаат земја ниту можност да обработуваат и одгледуваат нешто за своите семејства, па ете ги сеуште опстануваат и функционираат во секојдневието.

Се надевам дека препораките кои ги наведов ќе ви бидат корисни со тоа што полесно ќе знаете како да се соочите и да ја надминете сиромаштијата . Од анализата може да увидите дека постојат различни видови на сиромаштија кои имаат свои почетоци и краеви. Ромите секогаш биле жртви на овие почетоци и краеви на сиромаштијата, многу генерации го преживеале преку изнаоѓање на нови методи за опстанок и надминување на овој феномен.

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.


 [1] Дел од текстот „Сиромаштијата во Африка“ е преземен од весникот Слобода, бр. 5 (јули 2010), во издание на активистите на Анархистички фронт – Скопје; автор Freedom Fighter, стр. 8.

[2] Извештај за сиромаштија и за социјалната исклученост во Р.Македонија за 2010 година http://bim.lbg.ac.at/files/sites/bim/MPPS%20Izvestaj%20za%20siromastija%20vo%20RM%202010.pdf

[3] Национална Стратегија за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост во Р. Македонија 2010-2020

[4] Што превземаат граѓанските организации за намалување на сиромаштијата http://www.graganskisvet.org.mk/default.asp?ItemID=36CD15904DC03747838AC113C630290C

[5] Закон за социјална заштита Сл. Весник на Р. Македонија бр.79/09 од 24.06.2009 година

[6] Што превземаат граѓанските организации за намалување на сиромаштијата http://www.graganskisvet.org.mk/default.asp?ItemID=36CD15904DC03747838AC113C630290C

[7] http://www.stat.gov.mk/PrikaziSoopstenie.aspx?rbrtxt=42

 

Read 3317 times
Last modified on Понеделник, 13 Октомври 2014 09:34

Leave a comment

Make sure you enter the (*) required information where indicated. HTML code is not allowed.

Facebook

Twitter