30 Септември 2014 Published in Економија Written by  Надире Реџепи

Профит и загуба – ефекти на миграциските процеси врз буџетот на Република Македонија

Rate this item
(0 votes)

Во претходните анализи на Ромалитико визната либерализација е разгледана од меѓународен политички и економски аспект. Во неколку наврати е напоменато дека слободното движење на луѓе и капитал во време на финансиска криза е пропратено со зголемен прилив на баратели на азил во економски побогатите членки на Европска Унија.Очигледно е дека ваквиот тренд резултира во ревидирање на правилата за патување и можно поставување на нови мерки околу визниот режим. Сепак, мора да потсетиме дека миграциите и барањето на азил не се нов и непознат феномен за Македонија и за останатите држави во регионот. Миграциите (и во поново време барањето азил) се познати како една од можностите за излез од немаштијата и бедата, односно наоѓање на подобри животни услови и прилагодување кон истите (економски, социјално и политички).Бидејќи потрагата за излез од немаштија и беда луѓето ги  присилува да мигрираат, слично како постапките кои ги прават од Блискиот исток, Африка и Азија.

Миграциите постојат од кога и човекот постои, бидејќи во историјата на човештвото познато е дека луѓето патувале ден и ноќ во долги временски периоди трагајќи по подобри и побезбедни животни услови. Сепак мигрирањето од Македонија се бележи уште од почетокот на 20-от век поради разни причини. На пример: за време на Отоманската империја миграциите беа поттикнати од  политичките немири и потрага по богаство во Новиот Свет. Исто така по Втората Светска Војна, потрагата за вработување, политички опозициската положба со Југословенскиот комунизам и катастрофалниот земјотрес во 1963 предизвикаа иселување на населението во неколку наврати.[1]

Различни економски и безбедносни шокови предизвикаа миграции како во минатото така и денес, при што мигрирањето продолжува кон Европските земји или кон земјите каде што има подобри услови за безбеден живот, социјална и економска благосостојба и правда. Според извештајот на Европската Комисија (Април,2012), по визната либерализација, бројот на баратели за азил во 44 индустријализирани земји во 2009 година се зголеми за 6.351 лица од кои 5.773 барања беа поднесени во ЕУ27.

Како резултат на визната либерализација која беше овозможена од 2009 година, од земјите на Западен балкан кон земјите на ЕУ се случи масовна миграција на луѓе кои по потрага за подобар живот стабилни социо-економски услови за живот се почесто бараа и азил како решение подучени од примерите на лицата кои доаѓаа од Блискиот исток, Африка, Азија каде што имаше и недостаток на елементарна демократија и безбеден живот.

Оваа анализа ги анализира придобивките и трошоците (губитокот) на државата преку илустрирање одредени претпоставки и калкулации кои даваат подлога да се креира COST-BENEFIT анализа за овој феномен на подолг план. Ќе ги анализираме различните групи кои ја напуштија Македонија во последните две децении.

 

Економска состојба на Република Македонија

Република Македонија континуирано се соочува со истите економски проблеми, односно високи стапки на невработеност и сиромаштија. Во периодот кога Македонија беше дел од Југославија стапката на невработеност пристигна до 26.7% која што ја позиционираше Македонија како најсиромашна република на Југославија. Еден од показателите на макроекономската состојба на Република Македонија е реалната стапка на раст на Бруто Домашниот Производ кој што по осамостувањето на земјата од 1991-1995 резултираше со негативен раст.

Ваквиот пад беше нормален и очекуван за една млада економија која се соочуваше со тешкотии уште пред осамостојувањето.Осамостојувањето резултираше неминовен премин кон нов економски, политички и социјален систем кој, според многу истражувања и студии на релевантни институции и истражувачи се карактеризира со неподготвеност и криминалната транзиција кои придонесоа до негативни ефекти во целиот систем на државата. Во периодот на транзиција голем број на претпријатија беа криминално приватизирани, одеа под претходно смислен стечај или пак беа потполно исклучени од пазарот. Во тој период стапките на невработеност нагло се зголемија и останаа високи се до првиот квартал на 2013 година. Тие во приодот 1995 – 2013 се движеа во границите од 32% до 40%.

Со новиот извештај на Заводот на Статистика во вториот квартал од 2013 година стапката на невработеност во Република Македонија изнесува 28.8%. Ако правиме споредба на стапките на невработеност на Република Македонија денес со периодот во Југославија можеме да забележиме дека стапката која што била највисока во цела Југославија била 26.7% . Во изминатиот период се до денес Македонија не може да ја достигне оваа стапка на невработеност.

Ваквата ситуација на државата е еден од показателите за нестабилна економија која доведува до зголемена и длабока сиромаштија кај граѓаните на Република Македонија. Временски гледано поголем дел од ромската популација живее во хронична сиромаштија така да многуте истражувања ги повторуваат истите констатации без притоа да дадат одговор како нашата популација се справува со последиците на лошите економски перформанси во државата.

Сите овие најразлични негативни економски, политички и други показитали и активности на државата се доволни причини за барање излез и барање за миграција а многу почесто и барање на азил од истите во другите држави.Одливот на кадри и граѓани од среден слој од државата се доказ за неуспешно применетите политики и стратегии за подобрување на економската состојба. Затоа последните резултатиза стапката на невработеност објавена од страна на Заводот на Статистика предизвикуваат сомнежи. Тука се поставува прашањето како успеавме нагло да ја намалиме стапката на невработеност во Македонија? Дали миграциите имаат ефект врз намалувањето на стапката на невработеност или пак станува збор за зголемено вработување, иако е јасно дека освен вработувањата во државна админстрација во приватниот сектор нема значајни промени околу побарувачката на работна сила.

 

Анализа

Во овој дел ќе се обидам да анализирам неколку показатели за миграциите од кои ќе следат одредени калкулации и илустрации.

Во неколку наврати споменав дека миграциите се пропознатлива навикана граѓаните на Македонија кои се иселуваат од земјата во повеќе бранови во последните 100 години. Затоа денес не постои точна и дефинирана бројка околу државјанитесо Македонско потекло. Различните извори имаат различни бројки, како на пример; според проценките на Светската Банка (World Bank, 2011, 2011a) стапката на мигрирање од Р. Македонија изнесува 21,8 % што значи дека значителен дел од вкупното население живее во странство. Додека пак, ако се земат во предвид податоците на Еуростат тогаш стапката на емиграција изнесува 26 % која што претежно се смета за точно проценет индикаторза сегашната големина на македонската дијаспора.

 

Chart 1: Број на граѓани на Република Македонија кои се државјани во одделни земји на Европа во период од 1996-2010

Switzerland Migration Office data for 2008, 2009 and 2010

Source: Eurostat (2011): Population by sex, age and citizenship (migr_pop1ctz). in: http://epp.eurostat.ec.europa.eu; Council of Europe, Recent Demographic Developments in Europe; Switzerland Migration Office

 

Според податоците на Еуростат можеме да забележиме дека миграциите имаат нагорен кумулативен тренд со текот на времето. За ралика од другите години,од 2005 година е забележителен висок одлив на мигранти кои легално ја напуштаат државата. Оваа бројка во 2005 година кумулативно изнесуваше 251.247 додека пак во 2010 година се намали на 240.052 лица.

Ако во оваа пресметка ги вклучиме и нелегалните миграции тогаш вкупната бројка уште повеќе ќе порасне. Но поради факот дека нема точна информација околу нелегалните миграции пресметките ќе бидат базирани на оваа бројка од 2010 година.

 

COST-BENEFIT ANALYSIS - Трошоци (губиток) на државата

Со оглед на тоа дека вкупниот број на мигранти кои добиле државјанство или престој надвор од Македонија изнесува нешто повеќе од 10 проценти од вкупната популација потребно е да ги пресметаме губитоците на државниот буџет.

Под предпоставка дека 50% од вкупниот број на емигрирани државјани од Република Македонија или 120.026 лица претставуваат активно население, 10% стари лица и 40% деца, ученици и студенти губитоците на државата се:

1. Државниот буџет трпи губиток во даноците- данок на доход, даноци за осигурување, данок на додадена вредност, данок на имот и други даноци. Буџетот на Република Македонија се состои од вкупни приходи и расходи. Во категоријата на вкупни приходи спаѓаат: даночни приходи и придонеси, неданочни приходи, капитални приходи и донации. Вкупните буџетски приходи во 2012 година изнесуваа 2,883милијарди долари[2]. Ако оваа бројка ја поделиме со вкупната популација од 2.030.000 жители произлегува дека приливот на буџетот на Р.Македонија по глава на жител изнесува 1.420долари. Доколку овој износ го множиме со вкупниот број на мигранти ($1.420 *240.052 мигранти) произлегува дека државата губи околу 341.205.180 долари. Ова значи дека наместо 2,883 милијарди долари вкупните приходи би изнесувале околу 3,224 милијарди долари ( 2,883 милијарди долари + 341.205.180 долари).

2. Вкупната популација на Република Македонија изнесува 2.087.171. Збирот на вкупната популација во Република Македонија и вкупниот број иселени граѓани изнесува 2.327.223. Ова би значело природен раст на вкупната популација без дополнитални трошоци и проекти за зголемување на наталитетот. Тука е опортунитетниот трошок на државниот буџет кој што се троши за социјални трансфери на семејствата со трето дете се со цел за зголемување на наталитетот. Доколку државата би имала природен раст на наталитетот средствата наместо социјални трансфери би можела да ги насочи во ивестиции кои би придонеле за креирање на нови работни места и зголемена економска активност која понатаму би покажала поуспешни макроекономски резултати.

3.Вкупниот Бруто Домашен Производ – Во 2012 година вкупниот Бруто Домашен Производ изнесуваше 9,6 милијарди долари. Ако го поделиме овој износ со вкупниот број на жители од 2.030.000 (9,6 милијарди долари/ 2. 030.000 број на жители) го добиваме износот по глава на жител 4.729 долари.Со вкупна популација од 2.327.223 оваа бројка би изнесувала околу 11милијарди долари (4.729 долари * 2.327.223 вкупна популација). Што значи дека вкупниот Бруто Домашен Производ губи околу 1,5 милијарди долари од 240.052 македонски мигранти.

 

Придобивки (бенефити) на државата

Освен губитоци и опортунитетни трошоци државата има и придобивки од миграциите. Придобивките најчесто се од аспект на олеснување на трошоците од државниот буџет бидејќи најголемиот број иселеници се економски ранливи групи, односно корисници на социјална помош. Претежно Ромите спаѓаат во оваа група бидејќи според проценките 95% од ромската популација живее во приградски области во многу лоши животни услови.[3] Исто така стапките за невработеност на Ромите се највисоки во државата.

Според извештајот на УНДП во 2005 година стапката на невработеност на ромската популација достигна до 79% во компарација со нациналниот просек од 37.2% (UNDP, 2006, p. 11). Високата стапка на невработеност значи и висока стапка на сиромаштија. Според извештаите стапката на сиромаштија меѓу ромската популација во 2008 година изнесуваше скоро три пати повеќе од националниот просек: 88% во однос на 30% во Р.Македонија (LBI, 2008, p. 168).

Како резултат на високите стапки на невработеност и сиромаштија нормално е голем дел од ромската популација да биде зависник на социјална парична помош. Според истражувањата на ISPR (2004) 44% од Ромите се зависни од социјалните трансфери.

Сите горенаведени факти се причини и одредено оправдување дека најчесто Ромите мигрираат надвор од земјата и бараат излез во другите држави. Од ваквите миграции државата има придобивки во:

1. Намалување на трошоците во државниот буџет- вкупните трошоци на буџетот на Република Македонија се состојат од: расходи за плати и надоместоци, расходи за стоки и услуги, трансфери до ЕЛС, субвенции и трансфери, социјални трансфери, каматни плаќања и капитални расходи.

Според Заводот за Статистика во 2012 година повеќе од 50.000 лица биле корисници на социјална помош. Нагорниот тренд на мигранти го олеснува товарот на државниот буџет со самиот акт на напуштање на државата.

 

 

Вкупно

0-13

14-17

18-34

35-64

65 и повеќе

Македонија

1830

35,9

6,1

34,9

22,8

0,3

Србија

1835

40,1

6,4

30,5

22,6

0,4

Косово

2535

31,2

5

40,8

22,1

0,9

 Табела 1: Баратели на азил по возрасни групи во вториот квартал од 2011 прикажани во проценти

 

Ако ги земеме бројките од табеларниот приказ за Македонија во 2011 година и истите помножиме со 1.800 МКД (социјална месечна помош по лице), тогаш добиената сума покажува за колку се намалуваат расходите на државниот буџет за социјална помош (околу 650.000 Евра годишно). За дваесет години тоа е сума од околу 13 милиони Евра помалку за социјални парични трансфери за заминатата сиромашна популација. Ова е релативно мала заштеда на буџетски расходи во однос на сумата на приходи кои може да ги генерираат лицата во случај кога би работеле и трошеле во Македонија.

Под претпоставка дека сите кои заминале се ниско образуван кадар во кој државата потрошила најмалку осум години за нивното образование заштедените расходи од 13 милиони Евра се скоро безначајни. За жал бројот на високо образувани кадри е многу голем и без точна евиденција а од друга страна нивното заминување останува во сенка поради критиките кои ги добиваме за иселувањето на сиромаштијата. Така се доаѓа до ситуација на парадокс во кој сето општествено и институционално внимание е насочено кон задржување на сиромашните слоеви во земјата и безгрижно пуштање на образовните профили во кои сите ние инвестиравме од државниот буџет преку финансирањето на јавните образовни институции. Хипокризијата е дотолку поголема што ЕУ членките имаат позитивна регулатива за протокот на високо образовната работна сила додека за сиромаштијата се повеќе се поставуваат рестриктивни мерки за патување низ континентот. По правило секоја рестриктивна мерка предизвикува нови аномалии во општеството, особено во доменот на ограничување на движењето на луѓе и стока па најчесто се јавуваат организирани групи кои ја корумпираатграничната полиција и царина, повторно финансиски ги исцрпуваат токму сиромашните граѓани кои немаат друг избор во својата матична држава. Од друга страна медиумите и политичарите јавно ги критикуваат ранливите групи за нивната наводна злоупотреба на безвизниот режим иако сите знаеме кој и како манипулира со информациите и убедувањата дека на Запад има подобри услови за живот. На крај, вниманието на целата јавност е погрешно насочена кон обичниот граѓанин, наместо кон селективноста на мерките и однесувањето на ЕУ институциите искажан преку притисок кон нашите домашни институции. Радикалните групи се јавуваат како „заштитници„ на државниот интерес во однос на задржувањето на безвизниот режим што дополнително носи негативни поени за нашата демократија и слабост на институциите. Ова е типичен пример како повторно ЕУ и нејзините недоречени мерки негативно се одразуваат врз правата на сиромашните граѓани.

На крајот, целата ситуација произведува системски и финансиски аномалии затоа што освен време и труд, голем дел од средствата завршуваат во рацете на сомнителни структури или корупција додека сиромашниот граѓанин станува се посиромашен. Членките на ЕУ и сегашните земји кандидати не ги научија лекциите од последните две проширувања, ниту пак покажуваат желба нешто да променат во своето однесување и проценување на состојбите, туку едноставно најлесно решение бараат во политичко кокетирање со својот електорат дека со новите механизми на визниот режим ќе ги заштитат интересите на своите граѓани.

2. Намалување на стапката на невработеност – Заводот за Вработување на Р.Македонија од неодамна невработените лица ги има поделено на активни и пасивни баратели на работа. За активно население се сметаат вработените и лицата кои што не се вработени но редовно бараат работа; додека под пасивно население се подразбираат невработени лица кои подолг временски период не аплицирале за работа.

Ако ги земеме во предвид мигрираните граѓани на Република Македонија кои си заминале од државата тогаш тие би спаѓале во групата на пасивни баратели на работа поради тоа што подолг временски период се наоѓаат надвор од државата и не се во можност да аплицираат за работа.

3. Приливи на депозити – еден од важните бенефити на имање мигранти надвор од државата е приливот на девизни валути во државата. Ваквиот прилив има значајна улога за државата бидејќи ја обезбедува со странски депозити без приота да се задолжи кон странски инвеститори.

 

Интерни миграции

Во Република Македонија освен зголемениот број на миграции надвор од државата зголемен е и бројот на внатрешни миграции. Ова е резултат на демографската и економска развиеност на државата. Во зависност на регионот на живеење државата е поделена на два дела: исток и запад. Источниот дел од државата не е развиен како западниот дел бидејќи концентрацијата за развој е насочен кон поголемите градови (вообичаено на запад) од државата.

Претежно сиромашните слоеви страдаат најмногу бидејќи постојано се потиснувани надвор од централните делови на градовите и на тој начин формираат сиромашни гета или населби. Затоа и постои така наречен ‘‘ Македонски феномен‘‘ за интерни миграции кон западните делови од државата. Долунаведените податоци ги потврдуваат  интерните миграции во различните региони низ државата.

 

Регион

2006

2007

2008

2009

2010

Вкупно

 

Имигранти

Вкупно

2837

2909

3344

3181

2976

15247

Вардарски регион

224

278

325

303

314

1444

Источен регион

240

232

260

257

295

1284

Југозападен регион

323

337

393

379

362

1794

Југоисточен регион

232

250

264

210

250

1206

Пелагонија

300

330

328

324

318

1600

Североисточен регион

186

146

269

224

187

1012

Скопје

1092

1102

1200

1207

964

5565

Полог

240

234

305

277

286

1342

Табела 2: Интерни миграции на регионално ниво во Република Македонија, 2006-2010

Извор: State Statistical Office of the Republic of Macedonia, Migrations, Statistical Review: 2.4.8.08 (2007); 2.4.10.07 660 (2010)

 

Забележителна е бројката на интерни миграции во регионот на Скопје кој што изнесува 5.565 од вкупната бројка 15.247. Ова значи дека побогатите слоеви на граѓани мигрирале внатре во државата додека пак сиромашните слоеви не можејќи да одговорат на развојните инфраструктурни промени  останале во сиромашните гета… се до моментот кога ќе одлучат да јанапуштат земјата за подобра иднина.

Ваквата миграција доведува до нерамномерен развој на Единиците на локална самоуправа и појава на развиени и големи општини и рурални и неразвиени општини. Нормално повторно причина за интерна миграција.

 

Заклучок

Целокупната анализа покажува дека Република Македонија се уште продолжува да се соочува со истите аномалии и проблеми. Со цел намалување или подобрување на состојбата во Македонија ќе наведам неколку кратки препораки:

Намалување на политичкиот притисок врз работните места – немањето редовен работен однос ги прави луѓето несреќни и посиромашни. За да се зголеми благосостојбата и квалитетот на живот владеачката политичка партија не треба да одлучува за работните позиции туку да креира хармонија и еднаков третман кон граѓаните на Република Македонија. Бидејќи преку почитување на правила и процедури се креираат квалитетни кадри кои би придонеле со значителни промени во државата.

Зголемени инвестиции во едукација на млади – инвестициите во едукацијата се најсигурни и најисплатливи. Меѓутоа креирањето едукативни програми, проекти и стипендии не се доволни за совршен едукативен систем. Потребно е и овозможување на работни позиции за младите генерации се со цел да се стекнат со практични знаења и вештини.
Отворање на приватните образовни институции- се со цел креирање на поквалитетни едукативни кадри, државните институции треба да соработуваат заедно со приватните институции. Заедничката соработка освен креирање на квалитет придонесува и со зголемени приходи во буџетот на државата.

Инфраструктурни проекти и инвестиции насочени кон рурални области- развојната концентрција насочена кон централните градови ги запоставува сиромашните делови од државата. Со цел намалување на нееднаквоста меѓу граѓаните потребни се инвестици во рурални области кои би им овозможиле еднакви и подобри услови за сиромашните слоеви

Анализата подлежи на авторски права и забрањето е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.


 [1]http://www.migrationinformation.org/Profiles/display.cfm?ID=608

[2]https://www.cia.gov/library/publications/the-world-factbook/geos/mk.html

[3](Lakinska, 2000).   Empirical research targeting 3,122 Roma households in the largest Roma settlement in Macedonia ShutoOrizari

Last modified on Понеделник, 13 Октомври 2014 09:32

Leave a comment

Make sure you enter the (*) required information where indicated. HTML code is not allowed.

Facebook

Twitter