Вторник, 17 Април 2018 00:00

СЕЛЕКТИВНО УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЗАЕДНИЦИТЕ - Потреба од нови законски решенија

Written by  Марија Сулејманова
Rate this item
(0 votes)

 

Република Македонија е држава која издвојува долга историја на признавање на етничките групи и нивните јазици. Во целиот тој процес се забележува дека одредени заедници бележат развој во сенка, но во последниот период, односно од 2008 па се до ден денес тие исти заедници се соочуваат со проблемот на стагнирање на нивните права. За прикажување на развојот во сенка и стагнацијата оваа анализа елаборира на Законот за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% и врши компаративна анализа на Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа и на ново изгласаниот Закон за употреба на јазиците. Последните два закони се предмет на анализа бидејќи содржат членови кои директно ја регулираат употребата на јазиците на заедниците кои се помалку од 20%. Целта на анализирање на овие закони е прикажувањето на проблемот на стагнацијата во гарантирањето и унапредувањето на правата на заедниците кои се помалку од 20% и укажувањето на потребата на доследно гарантирање и вистинско унапредување на истите тие права.

Македонската уставност историски бележи употреба на различна терминологија за именување на припадниците на заедниците. До 1974 година во употреба беа зборовите народности и национални малцинства. Меѓутоа со Уставот од 1974 година терминологијата се ограничува на употреба на народности.[1] Со таквиот наратив на уставотворецот се доаѓа до заклучок дека во Социјалистичка Македонија имало употреба на три термини: народ, народности и етнички групи, при што останатите групи како Ромите и Власите биле сметани за етнички групи, а не народности.[2] Уставот од 1991 година го употребува зборот националности и конечно со усвојувањето на Рамковниот Договор и промените направени во Уставот со уставните амандмани од 2001 година, денешната терминолошка употреба гласи припадници на заедници (припадници на заедниците кои се не мнозинско население во Република Македонија).[3] Сепак и ова решение бележи различности со тоа што во денешната употреба се прави разлика помеѓу припадници на заедници кои се повеќе од 20% од населението и заедници кои се помалку од 20% од населението. Оваа разлика не е само терминолошка, туку истата не внесува во еден систем на регулирање на правата на заедниците кои зависи токму од тие проценти. Следејќи ја таа разлика и самиот законодавец се решил да донесе посебни закони со кои се регулираат малцинските права, односно правата на припадниците на заедниците. Тоа се гореспоменатите Закон за употреба на јазиците кои го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа[4] и Закон за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% во Република Македонија во Република Македонија, донесени во 2008 година. [5]

 

     1. Закон за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија

Законската рамка која треба да обезбеди напредок во практичното остварување на правата на припадниците на заедниците, и тоа конкретно на заедниците кои се помалку од 20% во Република Македонија е законски регулирана со Законот за заштита и унапредување направата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија. Овој закон се состои од вкупно 24 членови од кои само 6 членови се однесуваат на правата кои ги имаа овие заедници во Република Македонија. Истите се сосема општо наведени при што од овој Закон произлегуваат следните права и принципи: принципот на правична и соодветна застапеност при вработување во органите на државната власт и другите јавни институции, право на образование во сите степени на својот јазик, право на информирање на свој јазик, основање на здруженија и фондации за остварување на културни, образовни, уметнички и научни цели и право на употреба на свои симболи.[6]

Согледувајќи ја содржината на законот очигледната цел на законот, покрај пресликување на уставните амандмани од 2001 е формирање на Агенција за остварување на правата на заедниците. Имено, обврските на Агенцијата се сместени во еден член при што во законот е определено дека Агенцијата треба да се грижи за остварување на овие права преку подготвување на извештаи за информирање на Владата, давање на поддршка на Владата за реализација на обврските кои произлегуваат од Уставот и законите како и подготовка на своите планови за работа.[7] Имено, оттука произлегува дека обврската на Агенција е да ја следи имплементацијата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%.[8] Гледајќи го законот од јазикот на кој што е пишуван истиот се карактеризира со нејасни законски надлежности дадени на Агенцијата.[9] Тоа воедно укажува на слаби надлежности на Агенцијата. Сепак, следењето и надзорот на имплементацијата од читањето на законот се издвојува како надлежност при што може да се забележи дека недостига дел на преземање на мерки и активности за унапредување на правата на овие заедници. Една од наведените активности на Агенцијата е да обезбедува координација со другите органи на државата, меѓутоа земајќи ја во предвид немоќта на Агенцијата во однос на нејзините ограничени надлежности на следење на состојбата, координацијата преминува само во делумно информирање. Покрај нејасните законски одредби законот воедно и не содржи одредба за буџетот на Агенцијата. Нејзината надлежност на следење на примената на правата на заедниците воедно се и поклопува со надлежностите на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот Договор, меѓутоа во пракса е јасно дека Секретаријатот главната грижа ја насочува кон спроведување на правата во однос на албанската заедница.

Агенцијата се соочува со недостаток на буџет, недостаток на човечки ресурси како и поддршка од другите државни институции.[10] Проширувањето на надлежностите на Агенцијата е нешто кое се очекува да се оствари веќе подолго време, но состојбата останува иста. Агенцијата нема соодветна политичка поддршка, нема развиен механизам за ефективно унапредување на правата на припадниците на заедниците и истата останува не консултирана за спроведувањето на политиките кои се однесуваат на заедниците кои се помалку од 20%.[11] Земајќи ги  во предвид сите негативности, заклучокот е дека е потребна промена на законот и зголемување на надлежностите на Агенцијата во правец на зацврстување на нејзините механизми за следење и воведување на механизам за преземање на конкретни мерки кои може да допринесат за унапредување на правата. Истата забелешка се упатува и кон членовите кои ги регулираат правата на заедниците. За да може законот да го носи називот кој што го носи потребно е истиот да ги унапредува правата, а не само да ги пресликува уставните решенија.

 

     2. Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во едниците на локалната самоуправа и Закон за употреба на јазиците

Во 2008 година е донесен исто така и Законот за употреба на јазик кои го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во едниците на локалната самоуправа. Со овој закон се регулира употребата на друг јазик кој го зборуваат најмалку 20% од населението општо во државата и во единиците на локалната самоуправа.[12] Имено законот ја специфицира употреба на другиот службен јазик во Собранието на Република Македонија, комуникацијата меѓу граѓаните и министерствата, употребата на другиот службен јазик во кривична и прекршочна постапка, во управна постапка и во другите судски органи, во органите надлежни за извршување на санкции, народниот правобранител, во изборниот процес, личните документи, матичната евиденција, полициските овластувања, радиодифузната дејност, инфраструктурните објекти, во локалната самоуправа, финансии, образование и наука, култура и слободен пристап до информации.[13]

Како што може да се види од законот, покрај главната насока на регулирање на употребата на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од населението во Република Македонија истиот содржи и одредби со кои се регулира и правото на употреба на јазикот на припадниците на заедниците кои се помалку од 20%.[14] Тоа се согледува пред се во одредбите кои се однесуваат на примената на јазиците во локалните самоуправи каде што одредени заедниците со застапени со најмалку 20% од населението во општината. Со донесувањето на овој закон со кој што се регулира Амандманот V од Уставот, можат да се направат разграничувања и да се заклучи дека во Република Македонија постојат три групи на јазици. Тоа се: македонскиот јазик ( службен јазик на целата територија на државата и во меѓународната употреба), јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (службен јазик во употреба во горенаведените државни институции на територија на државата и употреба на јазикот на локално ниво во општина во која оваа заедница е застапена со над 20%), јазиците на заедниците кои се помалку од 20% (службен јазик во општините во кои се застапени со над 20% и службен јазик воведен со одлука на Советот на општината). Овој закон пред се ја унапредува употребата на јазикот на заедниците што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на државно ниво, додека во однос на другите заедници се забележува сосема минимално унапредување на употребата на јазиците. Имено, иако е и уставно и законски регулирана можноста за употреба на јазик на заедница со одлука на Советот, ваквата можност е искористена во мал број на општини и употребата на јазикот во овие општини се ограничува на употреба на јазикот само на седниците на Советот.[15]

Од неодамна беше изгласан Законот за употреба на јазиците[16] кој сеуште не е влезен сила. Доколку овој закон влезе во сила во тој случај Закон за употреба на јазиците кои го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа престанува да важи.[17] Тоа што овој закон предвидува е унапредување и зголемена употреба на јазикот на заедницата со најмалку 20% од населението. Иако називот на законот го опфаќа зборот други јазици, истиот пред се ја унапредува примената на албанскиот јазик, додека одредбите кои се однесуваат на заедниците кои се помалку од  20% се само преземени од законот од 2008.

Со овој нов закон се предвидува формирање на Агенција со конкретно наведени обврски и цел.[18] Имено, со законот на Агенцијата и е дадена обврска да се грижи за унапредување на јазикот на граѓаните кои го говорат најмалку 20% од населението во Република Македонија. Целта на унапредување на јазикот од страна на Агенцијата е планирано да се остварува преку давање на поддршка на институциите со превод и лекторирање и давање на стручни мислења при што со законот е определено во Агенцијата да се вработат судски овластени преведувачи, лингвисти, дипломирани филолози и лиценцирани лектори.[19]

Значајна новина што би се вовела во системот со овој закон е формирањето на Инспекторат за употреба на јазиците кој дополнително би се регулиран со друг закон.[20] Од одредбите на законот во моментот тоа што може да се види е дека инспекторат ќе биде надлежен за изрекување на глоби за прекршок во случај на непочитување на законската обврска за примена на јазиците од страна на сите органи (наведени во член 1 став 3) и во сите постапки ( наведени во член 2 став 3). Истиот член содржи и глоба за прекршок која би можела да му се изрече на службено и одговорно лице вработено во органите на државната власт. Покрај наведувањето на органи и постапки во точно определени членови и ставови, овој став определува дека овие глоби би важеле и за сите други институции наведени во законот.

Од одредбите на законот произлегува дека инспекторат би имал обврска да врши надзор и на доследното спроведување на примената на јазиците во единиците на локалната самоуправа и на можностите дадени на заедниците помалку од 20% за употреба на нивните јазици. Меѓутоа надлежностите на инспекторат се сеуште непознати со оглед на тоа што истите би се уредиле со посебен закон.[21] Земајќи го во предвид тој факт и општиот јазик на кој што е напишан членот со кои се регулираат глобите, многу прашања остануваат неодговорени. Се поставува прашањето дали инспекторатот би можел да ја казни локалната самоуправа која со одлука решила во таа општина по пат на добра волја да го прогласи за службен и јазикот на заедница која е помалку од 20% од населението во општината во случај на не имплементирање на примената на јазикот (иако во ваков случај практиката покажува дека добрата волја на примена на друг јазик се поставува како можност истиот да биде службен јазик само на седниците на советот на општината) .

Законот од 2008 и ново изгласаниот закон бележат низа различности. Одредени сфери кои се наведени во законот од 2008 во ново изгласаниот закон не се запишани или се пропуштени а истите се однесуваат директно или индиректно на заедниците кои се помалку од 20%. Во законот од 2008 е запишано дека странките, сведоците и другите учесници во постапката имаат право на бесплатен преведувач доколку не го разбираат или не го зборуваат јазикот на кој што се води постапката, како и право на превод на обвинението и поднесоците.[22] Иако овие права претставуваат права во кривичната постапка, законодавецот во тој период се одлучил тие права да ги наведе и во законот од 2008. Причината зашто истите права не се запишани во ново изгласаниот закон се непознати, но битно е да се напомене дека и доколку ново изгласаниот закон влезе во сила, правото на разбирање на постапката, преведувањето на поднесоците и обвинението на лица кои не го разбираат или не го говорат македонскиот јазик се од круцијално значење за кривичната постапка. Во спротивно настанува суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка. Истото се однесува и за правото на превод во прекршочна и парнична постапка. Правото на превод и разбирање на постапката иако се регулирани во законот од 2008 и Закон за кривична постапка, во практика ова право не се остарува бидејќи нема квалификувани преведувачи вработено во судовите или во државната власт кои би можеле да дадат превод. Со тоа се заклучува дека законодавецот не само што не ја забележал потребата од унапредување и овозможување на практична реализација на ова суштествено право на припадниците на заедниците кои имаат потреба од превод, туку и не ја регулирал во новите законски решенија.

Понатаму, народниот правобранител се има изјаснето дека секое лице и припадник на заедница која е застапена со помалку од 20% од населението може да се обрати до канцеларијата на народниот правобранител на тој јазик.[23] Сепак истото иако е прифатено во практика, не е преминато во законско решение во ново изгласаниот закон. Законот од 2008 исто така определува дека упатството за гласање се печати на јазиците и писмата на заедниците наведени во Уставот[24], сепак истото го нема како законска одредба во ново изгласаниот закон.

Новиот закон определува во член 2 став (3) дека јазикот на заедница на која зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија е службен јазик и во радиодифузната дејност, но новиот закон го прескокнува регулирањето на радиодифузната дејност во посебен член во закон иако истото е регулирано во членовите 33-39 во законот од 2008. Се работи за правото на заедниците да го изразуваат слободно својот идентитет преку употреба на јазиците на припадниците на заедниците во печатените и електронските медиуми. Имено, истите одредби од законот од 2008 се запишани и во Законот за радиодифузна дејност и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Сепак, тргнувајќи од фактот дека новиот закон ја регулира употребата на јазиците логично би било законот да не содржи само генерална одредба во која ја набројува радиодифузната дејност и примената на јазикот кој го зборуваат најмалку 20%, туку и да го гарантира ова право и на заедниците кои се помалку од 20% од населението. Ваквото гарантирање е особено важно  следејќи ги предлозите за отворање на нов канал на македонската телевизија. Имено и во програмата за работа на МТВ е предвидено дека програмата на заедници кои се помалку од 20% ќе се промени тогаш кога ќе биде најден друг канал за емитување на јазиците на припадниците кои се помалку од 20% од населението.[25] Меѓутоа и покрај постоењето на нова идеја за префрлување на програмата на овие заедници на друг канал, таа можна промена останува нерегулирана со закон.

Новиот закон во членот 2 став (3) исто така го вклучува и образованието, но како и радиодифузната дејност, никаде во закон не е посветен посебен член за образованието. Тоа значи дека никакво унапредување не е предвидено за заедниците кои се помалку од 20% и употребата на нивните јазици и покрај знаењето дека имплементацијата на право на образование на мајчин јазик на некои од помалите заедници е во стагнација и без прогрес.

Тоа што може исто така да се забележи од читање на содржината на законот е дека другите членови кои се од значење за припадниците на заедниците кои се помалку од 20% се само препишани од Уставот и другите закони. Одредбите кои се однесуваат на личните документи се преземени од законот од 2008 при што за припадниците на заедниците од најмалку 20% се предвидува дека испишувањето на нивниот мајчин јазик е по службена должност, додека ова решение за заедниците кои се помалку од 20% останува не унапредено, односно по барање на лицето.  Истото се однесува и за именување на инфраструктурни објекти на јазиците на припадниците на заедниците. Новиот закон ја проширува само употребата на јазикот на најмалку 20% од граѓаните на гранични премини, аеродроми и патокази.

Кога станува збор за мултикултурноста на државата со решенијата презентирани во законот, земајќи ја во предвид ситуацијата и пропишаната рамка за заедниците кои се помалку од 20%, може да се каже дека долго истакнуваната мултикултурност во државата е во сериозна криза. Одредени решенија презентирани во новиот закон би можеле да бидат регулирани поинаку за сепак да се задржи до одреден дел таа мултикултурност. На пример, книжните, кованите пари и поштенските марки е предвидено да содржат симболи на културното наследство на граѓаните кои го зборуваат македонскиот јазик и на граѓаните кои го говорат јазикот на најмалку 20% од населението. Ваквото решение само ја ограничува мултикултурноста и можноста Република Македонија да се истакне како таква. Наместо ограничување, законодавецот можел да го прошири овој член со прикажување и на културното наследство на заедниците кои се помалку од 20%. Сепак, главната позитивност на овој закон и за реализирањето на одредбите содржани во законот е предвидениот буџет во самиот закон. Со внесувањето на буџетот во законот истиот добива поголема сигурност дека одредбите ќе бидат доследно имплементирани.

 

     3. Заклучок и предлози

По разгледувањето на овие три закони може да се заклучи дека системот за унапредување и заштита на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% се соочува со можноста за стагнација доколку не се покаже поголема политичка волја за нивно унапредување и менување на законските решенија во насока на унапредување на овие права. Доколку се направи споредба помеѓу Агенцијата за заедниците кои се помалку од 20% и Агенцијата за примена на јазиците на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, се забележува дека втората Агенција има точно определена цел за разлика од првата чии надлежности во законот се конфузни и се ограничени на надзор без обврски доделени до другите значајни институции да соработуваат со оваа Агенција. Втората Агенција е исто така и понапредна согледувајќи дека истата (доколку закон влезе во сила) ќе ја овозможи практичната примена на одредбите од законот со генерирање на преведувачи, лингвисти и лектори.

Политичката волја за унапредување на правата на заедниците кои се помалку од 20% исто така треба да се покаже (доколку влезе во сила Законот за употреба на јазиците) во законското регулирање на инспекторатот за употреба на јазиците барем во оние делови кои директно се однесуваат на заедниците а се регулирани со Законот за употреба на јазиците. При што може да се регулира соработка помеѓу Агенцијата за заедниците кои се помалку од 20% од граѓаните и инспекторатот.

Суштинската промена која треба да се направи е сепак измена и дополнување на Законот за заштита и унапредување на заедниците кои се помалку од 20% со вистинско унапредување на правата на заедниците а не само препишување на уставните решенија. На тој начин сите пропуштени сфери ќе можат да бидат предмет на регулирање и доследно унапредување со следење на досегашните критики во практичната реализација на правата. Ваквата измена подразбира и доследно регулирање и проширување на надлежностите на Агенцијата со осмислен и применлив систем при што идејата за генерирање на преведувачи исто како и Агенција од Законот за употреба на јазиците не треба да се запостави. Воедно, главната досегашна забелешка е немањето на финансиски средства што имплицира дека овој закон како и ново изгласаниот треба да содржи финансиска проценка и гаранција дека истите ќе бидат добиени од Буџетот на Република Македонија. Притоа значајно е исто така да се напомене дека процесот на унапредување на јазикот или генерално на правата на заедниците кои се помалку од 20% во овој период може да придонесе за враќање на мултикултурниот карактер на државата.

 

Анализата подлежи на авторски права и забрането е неовластено објавување, превземање на делови од текстот, репродуцирање и дистрибуција без претходна согласност на авторот.


[1] “Устав на Социјалистичка Република Македонија”. Службен Весник, 25 февруари 1974, бр.7, год. XXX, Skopje.

[2] Friedman, Victoria A. “The Romani Language in the Pepublic of Macedonia: Status, Usage, and

 Sociolinguistic Perspectives.” Acta Linguistica Hungarica 46 (3-4) (1999). P. 320.

[3] “Устав на Република Македонија” со примените од 2001, дел Преамбула.

[4] “Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа”. Службен Весник, 13 август 2008, бр. 101, год. LXIV, Скопје.

[5] “Закон за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Република Македонија”. Службен Весник, 22 јули 2008, број 92, год. LXIV, Скопје.

[6] Исто.

[7] Исто, член 13.

[8] Исто, член 14.

[9] “Оценка на спроведувањето на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во РМ”. ОБСЕ и Агенција за остварување на правата на заедниците. Декември 2014, Скопје. Стр. 9.

[10] Исто, член 102-103.

[11] “Стратешки план 2018-2020”. Влада на РМ, Секретаријат за спроведување на Рамковен Договор, Декември 2017. Достапно на: http://www.siofa.gov.mk/data/Strateski%20Plan%20%20na%20SSRD5.pdf

[12] “Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа”. Службен Весник, 13 август 2008, бр. 101, год. LXIV, Скопје.

[13] Исто.

[14] Исто, член 41.

[15] “Aнализа направо на употреба на јазикот, право на информирање на свој јазик преку електронски и печатени медиуми и право на употреба на симболи на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% во Република Македонија”. Агенција за заштита на правата на заедниците, Октомври 2016, Скопје. Стр.6.

[16] Предлог – Закон за употреба на јазиците, Влада на Република Македонија, Август 2017, Скопје

[17] Исто, член 24.

[18] Исто, член 18.

[19] Исто, член 18 (3).

[20] Исто, член 20.

[21] Исто, член 20, став 2.

[22] “Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа”. Службен Весник, 13 август 2008, бр. 101, год. LXIV, Скопје. Член 7 и 8.

[23] “Aнализа на право на употреба на јазикот, право на информирање на свој јазик преку електронски и печатени медиуми и право на употреба на симболи на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% во Република Македонија”. Агенција за заштита на правата на заедниците, Октомври 2016, Скопје.

[24] “Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа”. Службен Весник, 13 август 2008, бр. 101, год. LXIV, Скопје. Член 24.

[25] “Годишна програма за работа на ЈРП Македонска Радио Телевизија за 2018 година” Македонска Радио Телевизија, Август 2017 година.

Read 7021 times Last modified on Вторник, 17 Април 2018 12:48

Leave a comment

Make sure you enter the (*) required information where indicated. HTML code is not allowed.

Facebook

Twitter