Научивме ли нешто од овие локални избори?

Локалните избори претставуваат прв чин за учество во локалната демократија. Генерално првиот круг од локалните избори помина во фер натпревар помеѓу политичките партиите и граѓанските листи. Сепак, проблеми се нотирани од страна на ДИК и меѓународните набљудувачки мисии при спроведувањето на новитетот на овие локални избори кој дојде на барање на ВМРО ДПМНЕ, а тоа е фингер принтот кој има за цел да придонесе кон осигурување на кредибилитет и легитимитетот на изборите. Исто така, според МВР, но и претставници на ромската заедница како и граѓански активисти забележано е вршење поткуп и вршење притисок од страна на поголемите меинстрим партии. Интересен е и податокот дека повеќе од 60.000 гласачки ливчиња се неважечки споредбено со претходните кога имаше нешто повеќе од 45.000 неважечки ливчиња.

Изборната кампања која започна уште пред официјалниот датум со кој ДИК го предвиде периодот за спроведување на кампањи беше исполнета со најразлични ветувања и проекти, но и “црна кампања”, особено помеѓу кандидатите за градоначалници каде секојдневно се споделуваа скандали. Овој тренд не ги одмина ниту ромските лидери и кандидати за градоначалник на Шуто Оризари. На овие локални избори настапија 9 советнички листи предводени од Роми од кои четири се натпреваруваа надвор од Шуто Оризари при што три беа независни листи и една партиска.

Како еден историски и позитивен новитет на овие локални избори беше тоа што за прв пат настапија три ромски независни листи кои како цел имаа да влезат во советите на општините. Во Битола независната листа беше предводена од Ремзи Медик долгодишен ромски активист кој освои 516 гласови, додека во Виница независната листа беше предводена од Сејдо Салиов кој важи за добро познато лице во Виница кој освои 342, а во Струмица листата беше предводена од Шефќет Асанов, граѓански активист кој освои 439. Според официјалните резултатите објавени од страна на Државната Изборна Комисија (ДИК), за жал ниту една од горенаведените независните листи не успеа да влезе во советот на својата општина. Но, со самото нивно појавување поставија нови стандарди на водење кампањи во кои главниот фокус им беа проекти со кои ќе се решаваат децениските проблеми со кои се соочува ромската заедница што навистина е за поздрав. Во Прилеп на независната листа, “Че Вреди” под реден број 20 на листа беше номинирана Адифе Асаноска, која за жал исто така не успеа да влезе во Советот на општина Прилеп. Во Штип со своја листа настапи, Сојузот на Ромите (СРМ) која беше предводена од Ферад Мачев која освои 420 гласови, но не успеа да влезе во Советот на општина Штип.

Покрај независните листи уште 13 Роми се вклучија во натпреварот за влез во советите на општините и се најдоа на листите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА, ДСР и СРМ, секако не вклучувајќи го натпреварот во Шуто Оризари за кој ќе пишувам подоле во оваа статија. Во Прилеп на под реден број 22 од страна на СДСМ на листата за советници беше кандидиран Џуниет Асановски, додека од стана на ВМРО ДПМНЕ под реден број 18 беше кандидиран Алмир Сулејманоски. За жал и двајцата не успеа да влезат во Советот на општина Прилеп.


Во Битола покрај независната листа предводена од Ремзи Медик на листата на СДСМ под реден број 13 беше номиниран Шефки Тахировски кој е член на ПЦЕР, но ни тој не успеа да влезе во Советот на општина Битола. Во Куманово на листата на СДСМ под реден број 7 се најде Самет Салиевски и успеа по втор пат да ја претставува ромската заедница во Советот на општина Куманово. Во Берово на листата за советници на листата од страна на ВМРО ДПМНЕ под реден број 8 беше номинирана Мерема Голиќ која за жал не успеа да влезе во Советот на Берово на која и фалеа многу малку гласови. На листата на БЕСА во Ресен под реден број 9 беше номиниран Сефер Далиповски кој исто така не успеа да влезе во Советот на Ресен.

ПДПР како коалиционен партнер на СДСМ имаше кандидирано двајца членови односно Зекир Абдулов под број 7 во Делчево и Аки Акиов под реден број 5 во Кочани. По завршување на првиот круг и двајцата успешно се изборија да ја претставуваат ромската заедница во Советите на Кочани односно Делчево.  Во Виница покрај независната листа предводена од Сејдо Салиов не успеа да влезе во Советот ниту кандидатот од редовите на СДСМ, Риза Салиов кој беше ставен на листата под реден број 7.

Во Гостивар со своја листа настапи ДСР која беше предводена од страна на Фирдауз Ајдари кој успеа да влезе во Советот на општина Гостивар и стана најмлад Ром кој ќе биде дел од локалната власт на овие локални избори. Во Ѓорче Петров на листата на СДСМ под реден број 3 беше кандидиран Сенат Вели кој исто така успеа да стане дел од Советот на општина Ѓорче Петров при што е вториот најмлад Ром кој ќе ја претставува својата заедница на овие локални избори. Ваквиот потег ја потврдува тезата дека иднината на ромската заедница е во рацете на младите Роми кои се повеќе покажуваат интерес за вклучување во политиката, а притоа доаѓаат без претходен политички багаж.

За Советот на град Скопје беа номинирани четворица Роми. На листата на СДСМ под реден број 10 беше кандидиран Габриел Бајрам од СРМ и Едис Хасан под реден број 23 при што само Габриел Бајрам успеа да влезе во Советот на град Скопје. Додека од ВМРО ДПМНЕ беа кандидирани старо-новите советници односно Мирдита Салиу од ДСР настапи под реден број 10 и Ерџан Селими од РОМ настапи под реден број 14 при што и двајцата успеа да добијат втор пат мандат во Советот на Град Скопје. Советот на град Скопје претставува важен сегмент на политичкото претставување особено поради фактот што најголем број на Роми живеат во подрачјето на Град Скопје. Од особена важност е тројцата избрани советници да покажат поголема иницијативност за решавање на децениските проблеми со кои се соочуват Ромите во сите општини кои се дел од Град Скопје.

Во општина Шуто Оризари која важи за главен политички бастион на Ромите на овие локални избори во борбата за претставување на заедницата во Советот се натпреваруваа дури 7 политички партии (СДСМ, ДУИ, СРМ, Левица, БЕСА, ДПА) и 3 коалиции (ЛДП/ДОМ, АА/А, НПР/ДСР) со свои листи. Резултатите покажуваат дека со по 4 претставници во Советот на Шуто Оризари ќе бидат од коалицијата ЛДП/ ДОМ (1629 гласови), СДСМ (1610 гласови) и ДУИ (1434 гласови), со по два претставници ќе бидат СРМ (923 гласови), Левица (880 гласови) и АА/А (666 гласови) и со еден претставник ќе биде НПР/ДСР (531 гласови). Интересен податок е тоа што за прв пат во историја на спроведување на локални избори во Шуто Оризари настапуваат дури 4 албански партии односно коалиции кои вкупно за советничките листи освоија 2292 односно 26% од вкупниот број на гласови. Уште поинтересна ќе биде математиката за тоа кој ќе биде избран за Претседател на советот на општина Шуто Оризари, но и за тоа кој кого ќе поддржува во вториот круг за Градоначалник во кој ќе се натпреваруваат Асан Ферат од СДСМ и Курто Дудуш од коалицијата ЛДП/ ДОМ.

Политичката едукација на ромската заедница мора да продолжи, особено ако се има во предвид дека 954 гласови односно 12% од вкупниот број на гласови за советничките листи се означени како неважечки гласачки ливчиња само во Шуто Оризари, но од информациите на ромските набљудувачи истото се случувало во секое гласачко каде што живее мнозинско ромско население. Ваквите податоци укажуваат на две нешта дека заедница или не знае како да гласа на локални избори бидејќи добива повеќе ливчиња особено во Скопје или намерно ги поништува гласачки ливчиња во знак на незадоволство од изборот на кандидати и програмата на истите. Исто така, политичката едукација на ромската заедница треба да се насочи и кон пријавување на притисоци и обиди за поткуп бидејќи тоа навистина оди на штета на целата ромската заедница, но и се коси со сите демократски принципи за фер натпревар на политичката сцена.

Во однос на родовата еднаквост на овие локални избори за советници се избрани 16 мажи и 5 жени кои ќе ја претставуваат ромската заедница во своите општини. Ваквиот податок укажува на фактот дека како заедница сеуште сме доста патријахални и притоа не дозволуваме и не ја поддржуваме доволно жената Ромка активно да се вклучи во политиката. Овој факт не е поразличен ниту кај останатите не-ромски заедници доколку се земе во предвид дека и покрај квотите за учество на жените не им се дава доволно простор што го прави во целост македонското општество не доволно рамноправно кога се работи за родот.

За крај доколку направиме споредба на локалните избори во 2017 година и на локалните избори оваа година ќе дојдеме до заклучок дека учеството на Ромите се намалила бидејќи во 2017 година биле избрани 27 советници Роми од кои 22 биле мажи, а 5 биле жени, додека оваа година се избрани 21 од кои 16 мажи и 5 се жени. Загрижувачки претставува фактот што дури во четири општини (Кичево, Виница, Прилеп, Берово) каде што на локалните избори во 2017 година сме имале свои преставници Роми во советите во следните 4 години нема да имаме претставници. Исто така, загрижува и фактот за намалувањето на бројот на советници Роми во општина Шуто Оризари каде во претходниот мандат бил 15, а во следниот ќе бидат 13.

ЗАКЛУЧОК

Првиот и најважен заклучок од овие локални избори е што независните листи претставуваат одличен потенцијал за создавање на ново политичко движење кое ќе понуди нова свежина на ромската политичка сцена, но и генерално на македонската. Предводниците на независните листи покажаа сериозна политичка зрелост, но и храброст покрај сите предизвици да настапат и да покажат една нова слика за водење на нова политика на локално ниво која ќе се заснова на принципи на отвореност, одговорност и транспарентност пред ромската заедница. Вториот заклучок е дека моќта на ромскиот глас треба да биде многу поголема на локално ниво од ова што го видовме во првиот круг. Затоа што во еден ваков политички контекст каде што постои длабока поделеност помеѓу меинстрим партиите односно малата разлика помеѓу истите нуди можност ромскиот глас да биде одлучувачки. Третиот заклучок кој треба да го извлечеме, а е од особена важност за ромската заедница е тоа како ќе преговараме во вториот круг од овие локални избори. Потребно е обединување ромскиот глас за да може се преговара за реални локални политики и проекти кои ќе имаат цел да ја подобрат состојбата на ромската заедница на локално ниво. Овие преговорите треба да започнат што побрзо со поголемите партии кои се борат за градоначалнички места во Скопје, Ѓорче Петров, Чаир, Гостивар, Тетово, Кичево и останатите градови каде што живее поголемо ромско население.

Со оглед на сето она што се случува на ромската политичката сцена како заедница ни е потребна мобилизација на највисоко ниво која ќе ги надмине партиските и индивидуалните интереси на политичките лидери која во центарот ќе го стави интересот на заедницата и ќе ги дефинира црвените линии при преговори со меинстрим партиите. Сето ова треба да се реализира преку внатрешен договор на сите политички субјекти со дефинирање на национален интерес во следните 10 години за кој ќе се залагаме сите како заедница без разлика дали партиите се власт или во опозиција. На ромскиот народ му е потребно повеќе од кога било обединување и враќање на надежта дека како заедница може да бидеме еднакви и рамноправни со сите останати етнички заедници. Не знам дали ја научивме лекцијата како заедница од овие локални избори, но сигурен сум дека треба извлечеме поука ако сакаме да опстанеме и да одлучуваме сами за својата иднина. Следните избори без разлика дали ќе бидат парламентарни, претседателски или локални треба да покажеме дека дојде времето на нова политика на сплотеност без разлика на која партија или коалиција и припаѓаме.

Пишува: Дениз Селмани, програмски менаџер за локална демократија

Партнери и поддржувачи

   
   
     

Пронајдете не’

Контактирајте со нас

ул. Аминта трети (Ленинова) бр.33А/1-25,
1000 Скопје, Северна Македонија

+389 75 314 504

[email protected]