Според податоците од 30 јуни 2026 година, во Северна Македонија се регистрирани 88.541 невработено лице, од кои 45.628 се жени, односно 51,5% од вкупниот број.
Невработеноста постепено се зголемува со возраста. Лицата над 50 години сочинуваат 40% од сите регистрирани невработени, односно 35.430 лица. Најпогодена е возрасната група од 55 до 59 години, со 12.745 невработени лица. Истиот тренд се забележува и кај жените: најголем број невработени жени има во групата од 55 до 59 години – 6.697 жени или 14,7% од сите невработени жени. Вкупно 17.517 невработени жени се на возраст над 50 години.
Податоците покажуваат и значителна застапеност на Ромките меѓу невработените жени. Во центрите за вработување се регистрирани вкупно 5.273 невработени Ромки, што претставува околу 11,6% од сите невработени жени.
Најголем број невработени Ромки се регистрирани во:
- Скопје – 1.757
- Прилеп – 658
- Битола – 391
- Куманово – 375
- Штип – 319
Само во овие пет центри се концентрирани околу две третини од сите регистрирани невработени Ромки. Гледано според нивното учество во вкупниот број невработени жени во конкретниот центар, највисоки стапки се забележуваат во Виница – 47,3%, Штип – 30,7%, Прилеп – 25,9%, Битола – 24% и Кичево – 19,5%.
Овие податоци укажуваат на потребата од таргетирани мерки за вработување на повозрасните лица и жените, со посебен фокус на Ромките. Потребни се достапни програми за преквалификација, субвенционирано вработување, поддршка за самовработување и директно информирање и вклучување на Ромките во активните мерки на пазарот на трудот.
Забелешка: податоците се однесуваат само на лица регистрирани како невработени и не ги опфаќаат неактивните лица кои не се евидентирани во центрите за вработување. Овие податоци се превземени од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.











