Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико на 13 ноември 2026 година го одржа првиот од трите регионални саеми за вработување. Саемот се одржа во хотел „Амор“ во Кочани, со поддршка на Стопанската комора на Северна Македонија. На него се сретнаа претставници на компании и невработени лица кои активно бараат работа од Кочани, Виница, Делчево, Берово и Штип. На саемот дојдоа повеќе од 70 баратели на работа, со CV-ја што претходно им ги подготвија нашите теренски фасилитатори. Целта ни беше барателите на работа директно да се запознаат со работодавачите и тоа да им помогне да стигнат до вработување.

На саемот учествуваа компании од различни дејности, меѓу кои Амфенол, Антура, Тонко, хотел „Амор“, Европа 92 и Рудник САСА, како и други компании од регионот. Тие ги претставија своите потреби од работна сила и слободните работни позиции и директно се запознаа со потенцијалните кандидати.

Зошто се важни саемите за вработување

Недостигот на работна сила е еден од најсериозните предизвици за македонската економија и за деловниот сектор. Затоа е потребно домашниот пазар на трудот подобро да се искористи, особено затоа што работниците од трети земји не ги задоволуваат очекуваните потреби на компаниите.

Со саемите сакаме работодавачите да ги поврземе со домашната работна сила што им е на располагање. Посебно внимание посветуваме на ранливите категории граѓани и на припадниците на малцинските заедници. На средбите и интервјуата компаниите ги запознаваат кандидатите и нивните знаења и вештини и наоѓаат луѓе кои одговараат на нивните потреби. Барателите на работа пак директно разговараат со работодавачите, ги претставуваат своите компетенции и дознаваат кои работни места се бараат. Вака понудата и побарувачката на работна сила подобро се усогласуваат, а се придонесува и за економската активност, социјалната инклузија и еднаквиот пристап до пазарот на трудот.

Благодарност до нашите партнери

Им благодариме на Стопанската комора на Северна Македонија за поддршката на саемот. Комората е најголемата деловна заедница во државата и постојано ги поврзува компаниите со потенцијалната работна сила. Соработката меѓу граѓанскиот сектор, институциите и бизнис-заедницата е клучна за да се поттикне вработувањето, економски да се зајакнат локалните заедници и да се создадат подобри услови за развој на компаниите.

Нашата работа на терен

Регионалните саеми се дел од поширокиот ангажман на Ромалитико за економско зајакнување и подобар пристап до пазарот на трудот.  Посебно се фокусираме на тоа припадниците на ромската заедница да имаат повеќе можности за вработување. Покрај средбите со работодавачите, нашите теренски фасилитатори ги информираат, советуваат и поддржуваат барателите на работа и ги упатуваат кон соодветни работни места и обуки.

Регионалните саеми за вработување се спроведуваат во рамки на проектите „Инклузија на Роми преку вештини и вработување“, во рамки на проектот „Зголемување на приходите и социо-економско зајакнување на ранливите и маргинализираните групи (IISEE)“, поддржан од We Effect и финансиран од Шведска и „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите во Западен Балкан“ финансиран од Европската Унија.