Денес во рамките на втората фаза на РОМАКТЕД програмата во Кичево се организираше обука за недискриминација и говор на омраза опфаќајќи го и врсничко насилство во училиштата.
Воведно обраќање имаше оперативната раководителка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ која истакна дека важно е да се зборува за врсничкото насилство, дискриминацијата и говорот на омраза имајќи предвид дека перцепцијата кај наставниците и децата за овие прашања се разликува. Од големо значење е да се зборува на овие теми затоа што тие различно влијаат на секоја индивидуа, бидејќи главна цел на сите нас е да имаме здрави деца и здраво општество, додаде таа.
На работилницата учествуваа околу 40 ученици од основното училиште „Санде Штерјоски“ и средните училишта „Мирко Милески“ и „Дрита“ како и наставниот кадар на овие училишта.
Во рамките на работилницата низ интерактивна дискусија беа презентирани различните форми на дискриминација и говорот на омраза и низ вежби учениците добија претстава за главните облици и дефиниции за овие негативни појави и различните начини на кои сите можеме да им се спротиставиме.
Исто така како дел од синергијата меѓу РОМАКТЕД програмата и проектот на УСАИД за инклузија на Ромите, беше презентирана online платформата за пријавување на случаи на дискриминација https://reagiraj.org.mk
Работилницата во Кичево се реализираше во соработка со заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција 2019-2022“ односно проектот „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија“ а со поддршка на Институтот за истражување и анализи Ромалитико и општина Кичево.