Со длабока загриженост ја следиме информацијата за бруталниот напад врз 14-годишно момче што се случил на 22 јуни во скопската населба Ченто.

Според информациите објавени во јавноста и потврдени од Министерството за внатрешни работи, малолетникот бил физички нападнат од три лица, при што му биле нанесени повреди со остар предмет (бил прободен 7 пати со нож). По нападот, според наводите на семејството, момчето било оставено беспомошно и во бессознание, по што било пренесено во болница и оперирано. Според моменталните сознанија, осомничените лица биде пронајдени после неколку дена од нападот, но не се задржани во притвор поради немање на официјална кривична пријава од обвинителството. Што значи дека осомничените лица се моментално на слобода.

Бараме од Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и судовите да постапуваат професионално, ефикасно и доследно во согласност со законите. Имајќи ги предвид околностите под кои е извршен нападот, тежината на повредите и фактот дека жртвата е малолетно лице, бараме правната квалификација на делото да одговара на неговата вистинска тежина. Доколку доказите го потврдуваат тоа, очекуваме случајот да биде квалификуван како обид за убиство извршен од повеќе лица. Со оглед на сериозноста на настанот, начинот на кој е извршен нападот и фактот дека станува збор за малолетно лице, сметаме дека постојат сериозни причини надлежните органи да побараат и определат мерка притвор за осомничените, со цел непречено водење на кривичната постапка, спречување на евентуално влијание врз сведоци и заштита на жртвата и јавниот интерес.

Истовремено, сметаме дека на повреденото дете и на неговото семејство треба да им биде обезбедена соодветна психолошка, психосоцијална и институционална поддршка, со цел да се надминат траумата, стравот и последиците предизвикани од овој брутален напад.

Дополнително загрижува фактот што јавноста за овој тежок случај дозна после неколку дена по неговото случување. Јавноста има право навремено да биде информирана за вакви сериозни случаи на насилство, особено кога жртва е дете. Ги повикуваме медиумите континуирано да го следат текот на постапката, сè до нејзиното завршување, вклучително и исходот од постапката и казната што ќе ја сносат сторителите.

Очекуваме сторителите да понесат одговорност соодветна на тежината на делото, а институциите преку навремена и законита реакција да испратат јасна порака дека насилството врз децата нема да биде толерирано. Изразуваме искрена поддршка и солидарност со повреденото дете и неговото семејство и бараме правда за детето.

  • Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико
  • Здружението Асоцијација Иницијатива за Социјална Промена – ИнСоК
  • Здружение за развој на ромската заедница СУМНАЛ
  • Здружение на граѓани – Ромски Ресурсен Центар (РРЦ)
  • Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА
  • Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари
  • Здружението за правата на Ромите – Штип
  • Здружение на граѓани Ромаверзитас – Скопје
  • Центарот за ромска заедница ДРОМ – Куманово
  • Здружението за унапредување, поддршка и развој на ромската заедница – АРКА Штип
  • Едукативен Медиумски Центар – 24 Вакти
  • Рома Прес

Регионален Хаб во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите во Западен Балкан