Институтот за истражување и политики – Ромалитико со најостра загриженост реагира по повод вчерашниот напад врз ромскиот кандидат за советник во Општина Виница, Умит Скопко. Овој настан претставува втор физички напад врз истиот кандидат и отвора сериозни прашања за безбедноста на изборниот процес и адекватноста на институционалниот одговор.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, на 02.10.2025 година во 11:25 часот во Виница настанала физичка пресметка, при што кандидатот се здобил со тешки телесни повреди. Виновникот е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Имајќи ја предвид сериозноста и повторливоста на нападите, сметаме дека надлежните органи треба да го процесуираат случајот како обид за убиство.
Ромалитико ја осудува секоја форма на насилство, особено во контекст на изборниот процес, кој мора да се одвива во фер, безбедна и демократска атмосфера. Очекуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе темелна и брза истрага, а јавните обвинителски органи соодветно да постапат.
Воедно, повикуваме сите политички партии јавно и недвосмислено да го осудат овој инцидент и да дадат пример дека насилството нема место во политичкиот процес.
Ромалитико ќе продолжи да го следи текот на изборниот процес и ќе инсистира на транспарентност и отчетност од страна на институциите, со цел заштита на демократските вредности и правата на сите граѓани.









