Денес во рамките на РОМАКТЕД програмата, Ромалитико и Програмската канцеларија при Советот на Европа во Скопје во соработка со Секретаријатот за европски прашања организираа обука за ЕУ/ИПА фондови за општини наменета за општинските контакт точки и други претставници на локалната администрација во општините партнери на оваа програма.
Воведни обраќања имаа оперативната раководителка на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Лејла Дервишагиќ, претставник од Министерството за труд и социјална политика Мабера Камбери како и претставник на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Нафи Сарачини. Во своите обраќања истакнаа дека улогата на локалната самоуправа е важна во процесот на интеграција во ЕУ и оттука е важно општините да ги добијат релевантните информации како да се користат ЕУ и ИПА фондовите.
Во рамки на обуката локалната администрација беше запознаена со процесот на програмирање и планирање на проекти и други отворени можности за општините и засегнатите страни на локално ниво процесот на програмирање на ИПА 3, структурата на програмската рамка за ИПА 3, како и за можностите за прекуграничната соработка и ТАИЕКС инструмент.
Обуката беше реализирана со поддршка на Центарот за ИПА Обуки при Секретаријатот за европски прашања.