Од анализата на тема говор на омраза забележуваме користење не само на навредливи зборови, туку и на фашистички изрази кои треба да бидат забранети. Користењето на фашистичките изрази кон ромската заедница е зачестено, особено користењето на изрази поврзани со Холокаустот и тоа изрази кои го оправуваат и повикуваат на негово повторување, истакнаа кд Институтот за Истражување и Анализа на Политики – „Ромалитико”, изразувајќи ја својата општа загриженост за начинот на комуникација на социјалните мрежи во нашиот македонски виртуелен простор.
Од „Ромалитико” посочија дека изразите „полека, полека ќе биде четврти Рајх кај и да е…” или „само Хитлер за вас Циганите” се израз на историското незалагање на државните институции за оттргнување на расистичките размислувања кон ромската заедница.
– Ширењето на антициганистичките идеи е слободно во нашето општество бидејќи никој не сноси одговорност за користење на таквите изрази иако нашиот Кривичен Законик криминализира ширење на расна и верска нетрпеливост, супериорност, вклучително и одобрување и оправдување на геноцид, нагласија од Институтот.
Препораките на Европската Комисија од последниот извештај, според „Ромалитико” се однесуваат на подобрување на легислативата во однос на говорот на омраза која ќе обезбеди заштита од говорот на омраза, собирањето на дата и податоци во однос на говорот на омраза и дискриминаторскиот говор и уредување на онлајн медиумите. Истакнато е, како што наведоа, дека Северна Македонија се уште нема адекватна заштита против говорот на омраза и дискриминаторскиот говор.
– Меѓутоа дали заштита против говорот на омраза и дискриминаторскиот говор е доволна за заштита на ромската заедница? Под претпоставка и да се конкретизираат генерално и широко поставените одредби кои го криминализираат говорот на омраза, сепак останува дилемата дали одредбите повторно ќе дадат заштита на ромската заедница се додека ширењето на антициганизмот како посебен вид на расизам и антициганистички идеи и концепти не бидат криминализирани во Кривичниот Законик, потенцираа од „Ромалитико”.
Од таму наведоа дека по случајот „Јавна Соба”, за којшто Институтот за Истражување и Анализа дава целосна поддршка, се воведе можноста за отворање на Кривичниот Закон за внесување промени.
– Сметаме дека со отворање на Кривичниот Законик може да се отвори дебата за повеќе недостатоци, како и конкретна дебата во однос на внесување на антициганизмот во законикот, потенцираа од „Ромалитико”.