Изминатиот викенд (05 и 06 Јуни 2021) онлајн на ZOOM, се одржа вториот модул од 6 работилници од Барвалипе школата. Изминатите два дена беа исполнети со многу теоретски и практични содржини од трите сесии за Правни монитори, Мобилизатори на заедницата и Бизнис фацилитатори каде околу 60 потенцијални теренски работници се стекнаа со нови знаења и вештини кои ќе можат успешно да ги применат понатаму во работата и активизмот.

Правните монитори ги разработија основните и алтернативните механизми за остварување на основните човекови права кои понатаму ги поврзаа со проблемите и потребите на ромската заедница како и социјалната и здравствената заштита и пристапот до нив. Во недела, на 06 Јуни, продолжија со разработка на надлежностите на локалната самоуправа во доменот на домување, здравство, вработување и образование како најважни и најклучни за ромската заедница. Во склоп на оваа сесија ги утврдија и надлежностите и разликите помеѓу извршител, адвокат и нотар и процесите на домување, извршување и вработување. Сите делови кои ги разработија се поврзани со идните услуги кои ќе ги нудат хабовите во 20 предвидени општини низ Републиката.

Мобилизаторите на заедницата работеа во групи на нивните вештини поврзани со јавен наратив, креирање приказни кои вредат за себе, за заедницата, за сегашноста и кои се важни за градењето и одржувањето на односи со ромската заедница. За да може понатаму да ја разберат заедницата, да придонесат кон градење на силна заедница и да учат од искуствата поврзани со исходот од промените, идните теренски соработници преку интензивна работа во групи, споделување на искуства, приказни, идеи и мотивирање на едни со други работеа на градење на свест за промена и се придвижија чекор поблиску кон нудење на квалитетни услуги како дел од хабовите во дваесетте општини.

Бизнис фацилитаторите беа навистина практични на нивните сесии за разработка на Канвас бизнис моделот кој вклучува сегмент на клучни вредности на бизнисот, пазарни сегменти, односи со потрошувачи, канали на продажба и приходи. Разработката и утврдувањето на сите овие сегменти беа клучни за бизнис фацилитаторите наредниот ден да се задржат и да усвојат знаења за клучни вредности, ресурси и партнерства во текот на бизнисот и ја разработија структурата на трошоци како многу важен сегмент за успех. На крајот од сесиите имаа поединечни презентации за сите претходно набројани сегменти кои ги презентираа, а добија и домашна со разработка на сопствен детален Канвас бизнис модел до следниот модул.

Идните теренски соработници во Проект на УСАИД за инклузија на Ромите навистина се подготвуваат за поддршка на својот ромски народ и целиот ентузијазам низ овој и претходниот модул навистина покажува резултати и ветува квалитетни услуги во хабовите и одлична соработка со локалните власти.