Триесет и пет трудови инспектори го зголемија своето знаење на темата заштита од дискриминација на работното место со фокус на јавниот сектор и соодветните ранливи групи, особено Ромите. Тие исто така научија за разликите меѓу трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација наспроти принудната работа и дискриминација на работното место. За мнозинството од учесници, оваа обука претставуваше прва можност да научат за антидискриминаторската регулатива и институционалната рамка за заштита од дискриминација на работното место. Интерактивните методи за обука надополнети со практични вежби поттикнаа дискусии и исцрпно запознавање од страна на учесниците.
Обуките беа реализирани заедно со акциите „Спречување и борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија“ и „Промоција на различноста и еднаквоста во Северна Македонија“ во рамките на заедничката програма на Европската унија и Советот на Европа „Хоризонтален капацитет за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, во соработка со проектот ROMACTED „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на Локално ниво“.
Фасилитаторите од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, РОМАКТЕД 2, Џенгис Бериша, Фатма Бајрам Аземовска, Алмира Кагури и Фирдеза Зекирова го преставија концептот на Антициганизам како специфична форма на расизам и дискриминација против Ромите. Антициганизмот е историски конструиран, настојчив комплекс на расизам против општествени групи идентификувани под стигмата „циган“ или други поврзани термини. Фасилитаторите на РОМАКТЕД посочија на пристапот на Ромите до вработување и бариерите со кои тие се соочуваат на нивното работно место. Исто така, беа претставени и афирмативните мерки усвоени од државата како и фактот дека постои недостаток на мерки за контролен механизам за спречување на злоупотребата на афирмативните мерки и обезбедување на нивно целосно користење.
Оваа обука ќе биде проследена со дополнителни обуки од септември оваа година со цел да се обучат сите трудови инспектори во Северна Македонија.