Според анализите на Ромалитико на изборите во 2014 година бројот на изгубени гласови односно нераспределени во мандати за пратеници изнесуваше 87,831. На изборите во 2016 година, бројот на изгубени гласови изнесуваше 94,503. Додека пак во 2020 година на парламентарните избори изгубени гласови имаше околу 59,841. Најмногу изгубени гласови имаше во првата изборна единица, а најмалку во шестата изборна единица. Најголем дел од овие изгубени гласови се гласови на помалите политички партии кој со промена на сегашниот модел во една изборна единица без изборен праг би значело 8 до 11 пратенички мандати на помалите политички партии[1].
Имено, во изминатите години Ромалитико активно се залага за промена на изборениот модел и воведување на една изборна единица без изборен праг. Досега, политичкиот натпревар за глас повеќе го девалвираше гласот на помалите партии, особено на ромските политички партии кој поради географски и политички скроени изборни единици немаат еднакви и фер можности за квантитативно соединување на гласовите на ромскиот електорат, па така избраниците на ромската заедница вообичаено се избрани од втората изборна единица (Шуто Оризари и Куманово).
Ромалитико ја застапува идејата за една изборна единица без изборен праг бидејќи воведување на изборен праг ќе биде повторно на штета на помалите партии и тогаш се губи целисходноста на воведувањето на една изборна единица, бидејќи помалите партии нема да може самостојно да се натпреваруваат на избори и на тој начин ќе бидат зависни да коалицираат со поголемите политички партии. Сметаме дека една изборна единица без изборен праг е решение кое што ќе понуди еднакви можности на помалите партии да партиципираат во изборните процеси во државата.
Очекуваме дека сите политичките партии ќе го прифатат предлогот за една изборна единица без изборен праг кој ќе овозможи подемократски амбиент и праведна изборна трка која ќе понуди квалитет и репрезентативност во законодавниот дом.
________________________
[1] Просечниот број на гласови за добивање на едно пратеничко место се движи од 6500 до 9500 гласови во зависност од изборната единица.