Вчера во Брисел, Европската Комисија (ЕК) го претстави новиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2022 година при што препознава лимитиран, но позитивен напредок. Инститот за истражување и анализа на политики – Ромалитико секоја година подготвува извештај во сенка и го доставува до Европските институции за остварувањето на правата и состојбите на ромската заедница во Република Северна Македонија. ЕК го препознава извештајот во сенка како придонес и најголем дел од податоците од извештајот во сенка се дел од Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2022 година подготвен од страна Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување. ЕК во Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2022 година Ромите ги споменува 34 пати во различни области кои ќе бидат претставени во оваа кратка анализа.

Најпрво во Кластер 1 кој се однесува на основите на пристапниот процес во делот заштита на човековите права, ЕК забележува дека интерпартиската пaрламентарна група за поддршка на Ромите во тесна соработка со релевантни граѓански организации спроведува бројни активности.

Загрижува фактот што во делот основни права, препораката од минатата година за обезбедување на соодветна поддршка и услуги во заедницата на ранливите категории деца, особено децата жртви на насилство, децата Роми и децата со попреченост се повторува и ЕК нотира дека сеуште е валидна оваа препорака.

Во делот за правата на децата ЕК забележува дека постои потреба да се подобри соработката меѓу институциите за подобро разбирање и справување со предизвиците со кои се соочуваат различни групи деца, како што се децата со попреченост или децата од ромската заедница. При што ЕК смета дека локалните самоуправи и граѓанските организации треба да ја подобрат соработката со центрите за социјална работа за да развијат и поддржат нови услуги во заедницата низ целата земја, вклучително и услуги за поддршка на децата во ризик, децата Роми и децата со попреченост кои се жртви на дискриминација и сегрегација.

Во делот заштита на малцинствата ЕК нотира одреден напредок во однос на вклучувањето на Ромите. При што укажува дека државата има усвоено нова стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030 која опфаќа антициганизам, образование, вработување, социјална заштита и здравствена заштита, домување, граѓанска регистрација и култура. Дополнително, Република Северна Македонија има усвоено акционен план за заштита, унапредување и исполнување на човековите права на жените и девојките Ромки 2022-2024 година. ЕК адресира дека треба да се подготват преостанатите акциски планови во другите клучни области. Исто така, нотира дека Владата на РСМ има назначено Советник на Премиерот кој е задолжен за прашања кои се однесуваат на инклузија на Ромите.

Во учебната 2021/2022 година, 420 деца Роми, од кои 208 од семејства во социјален ризик, биле вклучени во градинки во 15 општини. Во основното училиште за учебната 2021/2022 година биле запишани 1.601 дете Роми на возраст од шест години. Годишната стапка на осипување по одделение за децата Роми во основното образование е 4%, а во средното образование е 5%. Дополнително, ЕК забележува дека државата има преземено мерки со цел да се спречи нередовното посетување на децата Роми во основното образование, да се реинтегрираат децата кои не се запишани навреме во образованието или го напуштиле образованието без да го завршат. Министерот за образование и наука ангажираше 30 образовни медијатори Роми да работат во 17 општини. Исто така, ЕК забележува дека нема систематски мерки за решавање на проблемот со децата на улица што е децениски проблем на државата. ЕК нотира дека сегрегацијата во училиштата останува висока што е поразителен факт за државата.

Согласно Законот за непријавени лица во матичната книга на родените донесен до крајот на јануари 2020 година, од 700 пријавени непријавени, поднесени се 318 пријави за упис во посебната матична книга на родени, од кои 292 лица се запишани. 15 раселени семејства се од Косово * , меѓу кои 60 деца сместени во привремени засолништа во Визбегово.

Бројот на невработени Роми е 12.990, што е мало намалување од 13.703 во 2021 година. Бројот на Роми кои имаат корист од активните мерки за вработување изнесува 589 или 5,2% од сите корисници. ЕК нотира дека не се донесени нови мерки за таргетиран пристап кон Роми. Младинскиот гарантен план за 2021 година опфатил 979 Роми (од кои 488 жени). ЕК нотира дека Владата има направено географското мапирање на ромските населби, кое дава преглед на условите за живот во ромските населби во 14 општини со најголемо ромско население. Поголемиот дел од ромските населби сè уште не се опфатени со урбанистички планови. Во 2021 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација евидентирала седум случаи на дискриминација врз основа на ромска етничка припадност. Ромките и девојките остануваат особено ранливи, често поради невработеноста. Владата работи на приоритетните активности идентификувани на семинарите за Роми во ноември 2019 година; мониторингот и известувањето е во тек. Заложбата за спроведување на приоритетите на Познанската декларација останува задоволителна.

Во делот за легална и неправилна миграција ЕК забележува дека бегалците од Косово, главно Роми, со вкупен број 251, остануваат со неизвесен статус. Освен ограничен број (14) признати бегалци, останатите имаат или супсидијарна заштита (87) или немаат статус (150). Додека националните власти не ги враќаат или депортираат, тие остануваат без статус и без пристап до права. По две децении живеење во земјава, со различни статуси, се наметнува потреба од одржливо решение.

ЕК во делот за азил нотира дека Законот за странци дозволува давање долготраен престој на лица кои уживале меѓународна заштита, со што се олеснува нивната локална интеграција. Сепак дополнителните барање како приложување на доказ за редовен приход и регистрирано место на живеење како дел од оваа одредба го отежнуваат процесот на интеграција. При што ЕК заклучува дека ваквите барања се особено тешки за косовските Роми кои сè уште се под супсидијарна заштита. Нивниот статус се ревидира секоја година и ги спречува да добијат долгорочен работен однос.

Во 2021 година, Секторот за азил ја продолжи практиката на укинување на меѓународната заштита за бегалците од Косово на кои им беше доделена супсидијарна заштита. Помеѓу јануари и декември 2021 година, 43 косовски Роми (21 случај) ја загубија супсидијарната заштита. ЕК смета дека ваквите практики ги поткопуваат можностите за изнаоѓање трајно решение за преостанатите бегалци од Косово и затворање на ова долгогодишно прашање. Нема услуги за преведување финансирани од државата во која било фаза од постапката за азил или за кој било јазик, и ова претставува голема празнина во постапката за азил. ЕК смета дека дополнителен проблем претставува бесплатната правна помош која е предвидена со изменетиот Закон за бесплатна правна помош која сепак останува недостапна за овие Роми.

Во делот за здравствените нееднаквости, ЕК забележува дека програмата за активна здравствена заштита им овозможува на неколку целни групи да пристапат до здравствената заштита, вклучително и ромската заедница, а луѓето кои живеат во оддалечените области можат да добијат лекарски посети.

Во поглавје 19 кое се однесува на социјална политика и вработување, ЕК забележува дека минатогодишната препорака која се однесува на продолжување со спроведување на мерките за активирање на пазарот на труд на Роми е само делумно имплементирана, истата важи и за наредна година.

Во делот за Младинската гаранција биле вклучени 969 Роми, од кои 148 биле вработени во период од 4 месеци. ЕК нотира дека вработувањето на Ромите, како и долгорочно нискоквалификуваните невработени и лицата со попреченост е поддржано со шемата за гарантирана минимална помош воведена со Законот за социјална заштита.

Во поглавје 26 кое се однесува на образование и култура, ЕК забележува дека препораката од минатогодишниот извештај за подобрување на пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попреченост и децата Роми да се зголеми уписот во предучилишна возраст и да се продолжи со подобрување на поддршката за обука и професионален развој на наставниците е само делумно спроведена и истата препорака останува валидна за наредната година.

Процентот на студенти Роми запишани во високообразовните институции е зголемен во последните три години од 46% на 52%. За учебната 2021-2022 година биле доделени вкупно 130 стипендии за студенти Роми од јавни и приватни високообразовни институции и универзитети во земјава.