Откако Канал 5 ја објави сторијата за Везире Шабаноска, која е самохрана мајка на две малолетни деца за кои изјави дека не може да добие никаква документација и покрај сите документи кои и биле побарани како и ДНК тест, се огласија и повиканите институции за кои невладината организација „ Ромалитико“ алармираше дека лицата без документи се спречени да влезат во системот на социјална и здравствена заштита, односно да ги користат мерките на Владата бидејќи институциите доцнат со донесувањето на подзаконските акти кои произлегуваат од Законот за лицата без документи. Од Управата за водење на матични книги во одговор за Канал 5 велат дека во тек е носењето на подзаконските акти со кои се утврдува формата и содржината на Посебната матична книга на родените, Посебната матична книга на умрените, изводот од посебната матична книга на родените и изводот од посебната матична книга на умрените.

„ За предметите за кои е изработена ДНК анализа и веќе се заведени како предмети во Управата, Ве известуваме дека согласно доставените докази од страна на подносителите на барањата, се изработуваат решенија и по постоечкиот закон за матична евиденција. Управата за водење на матични книги согласно новодонесениот закон за лицата неевидентирани во матичната книга на родените има обврска да изврши дополнителен упис во посебната матична книга на родените, но за тоа да се случи потребно е странките да поднесат барање на шалтерите на Управата. Во прилог на барањето покрај доказите со кои располагаат потребно е да се приложи и фотографија за лицето за кого се однесува барањето, која фотографија ќе биде дел од изводот од посебната матична книга на родените.“ – велат од Управата за водење на матични книги.

Од Министерството за внатрешни работи пак ретерираат со одговор повикувајќи се на Законот дека неговата цел е лицата неевидентирани во матичната книга на родени да се евидентираат во посебната матична книга на родени заради добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно со закон. Од МВР појљаснуваат дека во изработка на овој закон учествуваа претставници од повеќе министерства: Министерството за правда – Управата за водење матични книги, Министерството за внатрешни работи, како и Владата на РСМ, а координатор беше Министерството за труд и социјална политика. Од страна на МТСП беше донесен акциски план за спроведување на законот за лицата без документи и информација на влада со кој МВР требаше да донесе подзаконски пропис, велат од Министерството за внатрешни работи.

„ Во Министерството за внатрешни работи е формирана Работна група со цел изготвување на горенаведениот подзаконски пропис, кој е во постапка на изработка и негово донесување. Со оглед на вонредната состојба во која се наоѓа државата поврзана со коронавирусот се очекува во најскоро време тој процес да продолжи се до негова комплетна реализација и примена.“ – велат од МВР.

Законот исто така предвидуваше дека во рок од 6 месеци од донесувањето на овој закон ќе се повикаат овие 700 лица да ги достават своите барања до Управата и МВР за да ги добијат своите лични документи за прв пат во својот живот.