Коронавирус пандемијата предизвика хаос во глобална мера, а покусо не остана и западниот балкан, во кој секојдневно расте бројот на заразени. Според извештаите на СЗО, веќе на 27 февруари потврден е првиот случај во Западен Балкан односно во Република Северна Македонија. Овој податок покажува дека Северна Македонија прва ја наговести пандемијата во овој регион. Иако за оваа пандемија нема лек, државата во сите постоечки ресурси и капацитети се обидува да го минимизира импактот на овој вирус врз граѓаните, економијата и сите останати општествени текови.
Во време на пандемијата се разви и криза која панично делуваше на конзумерското општество. Генерациите што веќе имаа искуство од претходни кризи ги подучуваа помладите дека треба да се пазарува и да се остане во карантин. Во меѓувреме се развиваше и чувството за солидарност и хуманост кај народот односно со мали иницијативи покрај оние на црвен крст, се организираше разни типови на помош од прехрамбени производи, хигиенски производи и дезинфектанти. Сепак на крајот сите наоѓаат начин да се заштитат од вирусот, но забораваме на оние коишто се помаргинализирани од маргинализираните, оние коишто се најпогодени од погодените, инкогнито заедницата – лицата без документи.
Во 2018 година на ромскиот семинар организиран од страна на Европска Унија, во којшто имаше и претставници на владата како и премиерот лично господин Зоран Заев, се разговараше за проблемите на ромите за кои е потребна заедничка соработка на сите засегнати страни за да се решат. Во делот на оперативни заклучоци, како приоритет на оваа влада, беше најавено од премиерот дека Република Северна Македонија ќе го реши статусот на лицата без документи. Иако лицата без документи беа проблем коишто не започнал во 2018 година, благодарејќи на граѓанскиот сектор после многу години од осамостојувањето на државата дојдоа на ред во политичката агенда на Владата на Република Северна Македонија.
Со оглед на комплексноста на овој проблем којшто дојде до судир со повеќе закони, а преголема незаинтересираност на министерствата за внатрешни работи и правда, а воедно и Управата за водење матични книги, мораше да се изнајде решение кое барем ќе ги засолни лицата без документи односно им се понуди ограничен број на права коишто би можеле да ги користат како системска алтернатива на тоа што треба да им следи. Па така граѓанските организации повторно во замена на ‘рѓосаниот систем на државата излезе во пресрет на потребите на институциите и ги изброја сите неевидентирани лица односно сите лица без документи во државата. Кога веќе половина од постоечкиот проблем беше решен сеуште немаше чист видик за разрешница на овој проблем. На 31 мај 2019 година, прв пат се појави предлог законот за лицата без регулиран граѓански статус. Овој предлог беше минимумот што можеше да се направи за да се демонстрира интерес за решавање на овој проблем. Секако граѓанските организации не беа задоволни од она што можеше да се понуди и предложија коментари на ЕНЕР системот за го претворат решението во системско а не во временско. Иако Министерството за труд и социјална политика пројави извонреден труд и заложба за да се реши овој проблем, сепак законот предвиде временски решенија во кои лицата без документи ќе добијат временски лични карти за идентификација и ќе можат да ги користат здравствените права, социјалните, образовните и правото за вработување. И во изјава на тогашната министерка г-а Мила Царовска беше јасно дека ова е само временско решение и дека не е лично задоволна од тоа како се решава проблемот, но убедуваше дека подобро е да се движи статусот на лицата без документи од ништо во ограничен број на бенефити кои ќе помогнат за нивниот статус.
Законот за неевидентирани лица конечно беше донесен на 15ти Февруари со јасни насоки за завршување на правниот процес до Август 2020 та година. Во истиот закон се наведени рокови во кои што надлежните министерства треба да донесат подзаконски акти за официјално започнување на процесот на регистрација и добивање лични документи, меѓутоа за жал роковите се пробиени а надлежните остануваат пасивни актери во овој процес.
Оваа статус кво состојба со минорни напредувања траеше додека светот не замрзна на почетокот од 2020 година. Иако се сметаше за недостижен вирус на почетокот, многу брзо коронавирусот стигна во Европа па и во регионот односно Република Северна Македонија. На почетокот од март со воведувањето на мерките за карантин и полициските часови, народот панично наоѓаше начин да се снабди со храна и хигиенски производи. Додека сите тоа можевме да го направиме, 700 луѓе кои веќе живееа на работ до амбис бараа начин како да се засолнат и да преживеат уште еден ден. Оваа група на луѓе е во поголем ризик да се зарази од вирусот за разлика од останатите. Покрај тоа, оваа група би имала двојно поголем административн товар само поради тоа што немаат документи за идентификација. Исто така не смее да се заборави фактот дека оваа група на луѓе е најчесто невработена, или ако веќе работат, најчеста окупација им е собирање на секундарни суровини. Треба да знаеме дека оваа криза не е само здравствена криза, туку и криза која не натера да ги преиспитаме нашите принципи, вредности, хуманост и солидарност. Со оваа криза сфативме дека сите сме ранливи и дека мораме да се чуваме во вакви времиња. Иако недоволно, сепак многу индивидуалци, општествено одговорни бизниси, организации и хуманитарни акции помогнаа и на овие луѓе, но сепак пакет со храна е само можност за пролонгирање на проблемот што постои веќе долго време. Во нивно име Ви благодарам, но овие луѓе имаат потреба од системско решение. Имаат потреба од личен идентите пред се топол дом, вработување, здравство, образование и сите услови кои сите ние ги уживаме како граѓани на државата. Не се дојденци, туку се составен дел од оваа држава. Не се фантоми, туку се луѓе со имиња, со презимиња, со кафеави очи, со зелени очи и сите други карактеристики кои не прават луѓе – сите исти.
Во позитивна нота, потврдено е дека по 60тина дена од првиот случај во државата, нема ниту едно лице без документи заразено од коронавирус. И покрај двојните шанси за нивно заболување, лицата без документи се борци и го победуваат oзогласениот вирус. Сега е редот на Владата да ги охрабри институциите и да го реши овој проблем еднаш засекогаш. Без разлика на било која Влада, дали би имале наскоро избори или не, овие лица веќе треба да бидат граѓани на Република Северна Македонија а не колатерална штета.
Автор: Суад Скендери