Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, заедно со партнерските организации Институт за европска политика – ЕПИ и – МАЧР, во рамки на проектот „Иницијатива за јавна доверба“, одржа состанок со претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Целта на состанокот беше презентирање на проектот, неговите главни активности и очекуваните резултати, како и разгледување на можностите за соработка и координација со релевантните институции во областа на превенцијата на корупцијата и зајакнувањето на интегритетот.
За време на состанокот, претставниците на проектниот тим ги претставија трите главни пакети на активности предвидени во рамки на проектот, со посебен осврт на механизмите за спречување на корупцијата, унапредување на транспарентноста, отчетноста и градењето доверба меѓу институциите, граѓанскиот сектор и пошироката јавност.
Во дискусијата беше истакнато значењето на институционалната соработка во спроведувањето на активностите насочени кон јакнење на превентивните механизми против корупцијата. Претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата ги споделија своите искуства и информации за тековните активности и механизми во оваа област, како и можностите за понатамошна координација со проектниот тим.
Претставниците на Комисијата изразија подготвеност да дадат поддршка во остварувањето на проектните цели. Во таа насока, беше предложено формализирање на соработката преку потпишување Меморандум за соработка, со цел да се обезбеди поструктурирана и одржлива координација во рамки на проектните активности.
Проектот „Иницијатива за јавна доверба“ има за цел да придонесе кон унапредување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот преку зајакната соработка меѓу граѓанските организации, институциите и другите релевантни чинители.
Ромалитико, заедно со своите партнерски организации, останува посветено на градење партнерства и спроведување заеднички иницијативи кои придонесуваат кон спречување на корупцијата, јакнење на јавната доверба и унапредување на доброто владеење во Република Северна Македонија.









