Во рамки на втората фаза на РОМАКТЕД програмата „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ на 7 јуни 2021 се одржаа информативни средби со општините Битола и Крива Паланка.

На средбите учествуваа градоначалниците Наташа Петровска и Борјанчо Мицевски и националниот тим за поддршка на РОМАКТЕД програмата, Ѓултен Мустафова проектен координатор и Мерсиха Усеин контакт точка од Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико.

Градоначалниците  беа информирани за концептот и целите на втората фаза на РОМАКТЕД програмата. Националниот тим за поддршка истакна дека втората фаза на РОМАКТЕД програмата е поддршка на локалните власти да ги интегрираат специфичните активности/мерки за Ромите во главните локални политики, акционите планови поврзани со овие политики, буџетите и испораката на јавни услуги, со што ќе се зајакне демократското учество и зајакнување на локалната ромска заедница.

Како основни цели на програмата беа истакнати: подобрување на локалната демократија, отчетност, инклузивност и одговорност кон ромските граѓани и со тоа и подобрена испорака на услуги.

Петровска и Мицевски ја истакнаа нивната поддршка и подготвеноста на општинските администрации на Битола и Крива Паланка за спроведување на оваа фаза на РОМАКТЕД програмата.

Општина Битола беше опфатена и во првата фаза на РОМАКТЕД програмата „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“, додека Крива Паланка е една од трите општини со кои е проширена имплементацијата на оваа програма.

Втората фаза на Програмата РОМАКТЕД официјално започна на 1 јануари 2021 година и ќе се спроведува во период од четири години (48 месеци). Истата е  финансирана од ЕУ и Советот на Европа и имплементирана од Советот на Европа.