Законот за заштита од дискриминација беше неколку месеци во законска процедура за негово донесување и истиот беше изгласан од страна на Собранието по притисокот направен од страна на бројни невладини организации. Законот стапи во сила во месец мај 2019 година и истиот се смета за закон кој усогласи поголен дел од областите кои се сметаа за спорни според предходното законско решение.

Согласно одредби од законот, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација требаше да биде формирана непосредно по стапувањето на сила на самиот закон во рамка од 3 месеци, меѓутоа истата и по една година не беше формирана. Тоа што го добивме после една година од стапување на сила на овој закон е негово укинување од страна на Уставниот Суд.

Уставниот Суд во текот на вчерашниот ден донесе одлука да го укине Законот за заштита од дискриминација што значи дека овој закон се елиминира од правниот поредок, a започнатото извршување согласно законот ќе се запре. Ваквата одлука на Уставниот Суд значи дека законот нема да може да се применува за идни случаеви.

Уставниот Суд својата одлука ја темели на членот 75, став 3 од Уставот според кој што “Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.” Во овој случај Законот беше ставен на гласење по втор пат, откако истиот не беше предходно потпишан од страна на Претседателот на Републиката. Бидејќи Законот по втор пат се најде на гласење во Собранието  Уставниот Суд смета дека требал да биде изгласан со апсолутно мнозинство, или 61 пратеник. Со оглед на тоа што Законот за заштита и спречување на дискриминација беше уствое со 55 гласа, Уставниот Суд реши да го укине овој закон.

Меѓутоа прашањето во овој контекст од перспектива на правна сигурност и заштита не е дали овој закон е донесен по пропишаната процедура, туку дали сега во период на вонредна состојба и пандемија е време да се укине законот кој нуди заштита од дискриминација, кога и самите меѓународни стандарди истакнуваат дека мерките од страна на државата не треба да дискриминираат по ниту еден основ.

Вонредната состојба, како и што е имплементирана во нашата држава, подразбира превземање на мерки за заштита на здравјето на населението врз основа на кои што државата ограничува други права, како што е правото на слободно движење. Согласно членот 4 од Меѓународниот Пакт за граѓански и политички права за време на вонредна состојба државите потписнички можат да отстапат од обврските согласно Пактот, но тоа можат да го направат до степен кој строго се бара од итната ситуација и под улов мерките да се во согласност со другите меѓународни обврски и ДА НЕ ВКЛУЧУВААТ ДИСКРИМИНАЦИЈА само на раса, боја, пол, јазик, религија или социјално потекло.

Водичот на Обединетите Нации на темата “Вонредна состојба и Ковид19”  истакнува дека “ниту едно ограничување не треба да дискриминира и да биде спротивно на меѓународното право за човекови права”.  Земајќи го во предвид фактот дека заштита од дискриминација е една од клучните компоненти во следењето на мерките на државата и е особено важна заштита во време на пандемија, одлуката на Уставниот Суд за укинување на закон кој ја нуди таа заштита е сосема временски погрешна.

Од друга страна се поставува прашањето на резонирањето на уставните судии кои одлучиле во време на пандемија да укинат еден значаен закон. Резонирањето на судиите, а особено на уставните судии, треба да биде во согласност со потребите на целосното опшеството, односно на граѓаните затоа што и самите уставни судии се избрани од страна на Собранието кој претставува дом на народот и кој дом ја црпи својата моќ од граѓаните. Оваа одлука исто така прикажува дека предимство се дава на процедуралните правила, а не на важноста на материјата која ја регулира овој закон.

Ситуација е уште повеќе комплицирана со тоа што нашата држава нема собраниски состав којшто би можел да изгласа “нов” закон, па така оваа значајна заштита останува непокриена со конкретен закон во еден непознат временски период.

Со оваа одлука заштита на граѓаните од дискриминација е ставена под знак прашалник. Покрај немањето на тело до кое што граѓаните и невладините би можеле да се обратат во случај на дискриминација, со оваа одлука граѓаните и невладините се оставени и без конкретен закон според којшто и самиот Уставен Суд до пред неговото укинување одлучуваше