Учеството на граѓаните во процесот на креирање политики е битно за развојот на  заедницата, и претставува еден од столбовите на демократијата. Со воспоставувањето на  консоцијалната политичка рамка во Македонија, што ja наметна Охридскиот Рамковен  Договор, се појавија нови форми и можности за вклучување на граѓаните во политичките  процеси. Иако најголем дел од граѓаните учествуваат во политичките процеси само за  време на изборите, постојат многу начини преку кои граѓаните можат да учествуваат на  постојана основа (Pahad, 2005). Според Creighton (2005) граѓаните се вклучуваат во  донесување одлуки во ситуации каде што тие одлуки влијаат на нивните животи, особено  на локално ниво, каде што граѓаните го чувствуваат директното влијанието на  политичките одлуки.   

Во овој контекст децентрализацијата се промовираше како еден од најдобрите начини за  приближување на локалната власт до граѓаните, со цел да се овозможи поефикасно  работење на локалните проблеми и повисоко учество на граѓаните во управувањето со  локалните работи. Преку овој процес, локалните власти имаат можност да ги вклучат  граѓаните преку директни средби за да го увидат нивното мислење за определени  политики, нивните потреби и преференции коишто можат да станат дел од работата на  локалната самоуправа (Македонски центар за меѓународна соработка, 2011). Искуството  од останатите држави покажува дека соработката со граѓаните и НВО секторот при  испорачувањето на програми и услуги може да обезбеди пристап до ресурси, знаење и  заложба во имплементирањето на активностите кои се во интерес на заедницата. Како  резултат на тоа, граѓаните се чувствуваат вклучени во решавањето на нивните проблеми,  расте довербата во локалните институции и се зајакнува легитимитетот на одлуките на  локалните власти.   

Сепак, обемот на трансфер на надлежностите  од централно на локално ниво и  капацитетот на локалните власти да одговорат на новите предизвици ја доведе до  прашање ефикасната дистрибуција на јавните добра и услуги кон етничките заедници. И покрај биполарниот карактер на политичките процеси во Македонија на централно ниво,  преовладуваше претпоставката дека помалите етнички заедници со тек на време ќе имаат  поголем глас во артикулирањето на нивните проблеми и ќе може директно да се залагаат  за решенија на истите. Според тоа, поголема заинтересираност и учество во локалните  политики ќе имаа онаа етничка заедница која се соочува со најголеми проблеми во  општините.   

Во овие рамки, произлегоа неколку документи (Стратегијата за Ромите во Република  Македонија, Национални и Локални Акциони Планови, Национална стратегија за  вработување и сиромаштија итн.) кои го нагласуваа вклучувањето на Ромите во локалните  процеси и текови. Како резултат на тоа, Ромскиот НВО сектор се концентрираше на  креирање на Локални Акциони Планови и обуки во заедницата; политичките партии се  фокусираа на преговори внатре во коалицијата за вклучување на Ромски локални  советници, и се појавија иновативни структури за учество на локалната заедница преку  Ромските Информативни Центри – РИЦ и концептот на медијаторството (поттикнат од  страна на Советот на Европа).  

Сите овие активности треба да водат кон поголемо учество на Ромската заедница во  локалната самоуправа, зголемена информираност, како и поголема транспарентност и  одговорност на локалните власти кон сите граѓани, вклучувајќи ги и Ромите. Сепак,  резултатот од горенаведените активности е со мал импакт, бидејќи постојат мал број на  истражувања со таргет на Ромската заедница кои го документираат зајакнувањето и  артикулирањето на нивните проблеми на локално ниво. Оттука произлезе и потребата за  ова истражување кое има за цел да ја идентификува вклученоста и учеството на  Ромите во процесот на носење одлуки на локално ниво, и да ги прикаже постоечките  механизми преку кои Ромите би можеле да се вклучат во работата на локалната  самоуправа во Република Македонија. Воедно, ги истражува и разликите на дејствување  на Ромската заедница на локално ниво во петте општини каде што беше спроведено  истражувањето.

Кликнете тука за да го прочитате целото истражување