Родовата рамноправност и унапредувањето на положбата на жените во општеството претставува едно од фундаменталните начела на демократијата и општествениот поредок, чија основа е автономија на единката и права и слободи. Според тоа, секој човек има право да учествува во одлуки кои го дефинираат нејзиниот или неговиот живот. Ова право е основа на идеалот за еднакво учество во процесот на одлучување кај жените и мажите. Жените треба да учествуваат рамноправно со мажите во сите процеси од секојдневното живеење, затоа што тие најдобро ја познаваат нивната состојба во која се наоѓаат (UNDP, 2014). Тие треба да бидат вклучени во сите нивоа на одлучување бидејќи и тие имаат свои гледишта во јавниот и приватниот живот.
Според статистиката на Меѓународната Организација на Трудот (ILO), во последните дваесет годни (1995 – 2015) партиципацијата на жените на пазарот на трудот во светски рамки е намалена од 52.4% на 49.6% (ILO, 2015). Во однос на застапеноста на жената во политиката во рамките на 193 членки на Обединетите нации, жените учествуваат само со 22.8% во националните парламенти (Inter-Parlimentary Union , 2016). Овие бројки потврдуваат дека жените во светот се недоволно застапени во секој домен од социо политичкиот живот, недоволно застапени во парламентите и далеку позиционирани од сите нивоа на одлучување.
Факторите кои го попречуваат учеството на жената во јавниот и политичкиот живот се различни и зависат од социо-економскиот развиток, културата, географската положба и политичкиот систем. Со исклучувањето на жените од одлучувачките тела се ограничуваат и можностите за зацврстување на основните принципи на демократијата во едно општество. Воедно, ваквото ограничување има голем ефект кон економскиот развој и придонесува до обесхрабрување кај жените за постигнување на родова рамноправност. Доколку мажите ги монополизираат политичките процеси со донесувањето на закони кои влијаат врз општеството во целина, во практиката таквите одлуки не секогаш ги балансира интересите на машката и женската популација. Исто така во Милениумските Развојни Цели, е констатирано дека еднаквото учество на жените и мажите во власта и во процесот на донесување на одлуки е дел од нивното основно право да учествуваат во политичкиот живот и во сржта на родовата еднаквост. Жените треба да бидат активни учесници во одредувањето и имплементацијата на развојните агенди (United Nation, 2016).
Жените кои сакаат да се вклучат во политиката согледуваат дека политичката, јавната, културната и социјална средина е често негативно настроена кон нив. Во теоријата, правото за учество на избори, да се кандидира, и да се изврши избор на кандидат се засноваат на правото на глас. Во реалноста, правото на глас на жената останува лимитиран, затоа што кандидатите на избори се најчесто мажи. Овој факт е вистинит не само за полу демократските земји и земјите во развој, туку и за земјите кои имаат етаблирани демократии.
Во Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика во текот на 2011 година достави документ до Владата за учество на жените во јавниот и политичкиот живот во единиците на локалната самоуправа. Од истиот, може да се забележи дека по донесувањето на Изборниот Законик во 2009-та година во кој е предвидена квота за жени кандидати, бројот на жени советници пораснал за околу 27% односно од вкупно 1390 советници, 300 биле жени. Во споредба со 2005 година, учеството на жените на локално ниво било зголемено за 4,3%. Според МТСП, исто така се забележува дека постои диспаритет помеѓу некои општини во Македонија. Иако не е прецизирано во кои општини, тврдат дека во некои општини учеството на жени е над 41% додека пак кај други е под 20%. (Министерство за труд и социјална политика, 2011). Незадоволителна е состојбата кај жените градоначалнички, и тоа се должи поради фактот што новото законско решение не познава афирмативни мерки за жени градоначалнички. Во однос на вработувањето, стапката на вработеност кај жените во 2005 изнесувала 30.1%, додека во 2013 година е зголемена на 40.4% или зголемување за 10.3 процентни поени. Сепак и покрај зголемувањето, стапката на вработување е помала во однос кај мажите, која изнесува 59.6% (Пејковски, 2013).
Во однос на учеството на жената Ромка во јавниот и политичкиот живот, постои генерална констатација дека жените од маргинализираните групи се речиси исклучени од локалните процеси на одлучување. Во овие рамки, генерално постојат мал број на истражувања кои квантитативно ја опишуваат позицијата на жената Ромка во Република Македонија.
Токму затоа, ова истражување има за цел да ја определи состојбата и позицијата на жената Ромка во јавниот живот, како и вклученост на жената Ромка во јавната администрација и политичките партии во Република Македонија. Исто така ова истражување ги испитува ставовите и перцепцијата на Жената Ромка за процесите на одлучување и вклученост во политичкиот живот.