Поставувањето на Ромското прашање во дискурсот на јавните политики во Република  Македонија е процес индуциран “од надвор“ на иницијатива на ромското цивилно  општество и надворешните донатори. Досегашните набљудувања на односот на  политичката гарнитура и институциите за поставување на ромските политики во рамките  на нивните агенди укажуваат дека политиките се формално усвоени (window – dressing  policy) како дел од агендата за приближување кон ЕУ.  Сведоци сме на многу стратегии,  програми, проекти и вклученост на различни актери како и издвојувања на финансиски  ресурси за решавање на прашањето на Ромите. Иако интеграцијата на Ромите на Европско  и национално доби голема важност во изминатата деценија со креирање на политики и  мерки кои ќе помогнат во интеграцијата, сепак ефективните резултати на национално и  локално ниво се далеку од очекуваното.  

Појдовна основа за анализа на јавните политики за Роми е потпишувањето на  меѓународната декларација “Декада на Ромите 2005 – 2015“, каде земјите потписнички меѓу  кои и Македонија се обврзаа дека ќе работат на намалување на јазот помеѓу Ромите и Не Ромите во четирите приоритетни области вработување, домување, образование, здравство  и со посебен фокус на родовото прашање, дискриминација и политичко учество. Како  резултат на ова, Република Македонија донесе низа мерки во рамките на т.н. меко  законодавство (soft-law) – програми и планови кои немаат правно обврзувачко дејство и кои  зависеа пред се од добрата волја на политичките партии. Може да се напомене дека  Декадата за Вклучување на Ромите ја зајакна соработката помеѓу меѓународните  организации и Владите на државите потписнички, но сепак постои чувство дека Декадата  произведе многу мал број на видливи резултати во смисла на имплементирање на  ефективни акции во долните слоеви на општеството, и не успеа да допринесе за значајни  резултати.   

Во изминатите години институциите почнаа да спроведуваат различни делови од ромските  јавни политики преку проекти со цел да се идентификуваат модели на добри практики за  идното справување со комплексната состојба на Ромите. Иако се идентификувани одредени  добри практики и решенија на одредени проблеми, истите не се систематски вградени во  институциите и некои институции сеуште претпочитаат користење на странски донации.

Кликнете тука за да ја прочитате целата анализа