Стратегијата за Ромите во РМ 2014-2020 (оттука па натаму стратегијата) е континуитет  на претходната стратегија која го опфаќаше периодот 2005-2015 година. Оваа стратегија е преточена во пет акциски планови1, за исто толку приоритети  идентификувани во овој национален стратешки документ.    

Исполнувањето на стратегијата и на националните акциски планови се во надлежност  на ресорните министерства во согласност со приоритетните области, но добар дел од  идентификуваните и очекувани резултати кои се вклучени во плановите се активности  кои се или биле планирани да се спроведуваат од граѓанските организации.   

Следењето и степенот на исполнетост на овие планови според стратегијата се  дефинирани да бидат во рамки на работната група на Владата односно Националното координативно тело за имплементација на Стратегијата за Ромите, како структура што  треба да ја следи и насочува имплементацијата на стратегиите и политиките за социјална инклузија и интеграција на Ромите.  

Во однос на буџетските импликации врз буџетот на РМ, истите четири ресорни  министерства (Министерство за труд и социјална политика, Министерство за  транспорт и врски, Министерство за образование и наука, Министерство за здравство)  како и Министерот без ресор одговорен за проведување на Стратегијата за Ромите  (како национален координатор) со средства од Буџетот на РМ, спроведуваат една  буџетска потпрограма која е со назив Поддршка на имплементација на стратегијата за Ромите. Кај некои пак буџетски корисници се јавуваат дополнителни потпрограми кои  се во рамки на приоритетите (како на пример Министерство за образование со потпрограма Проект за поддршка на средното образование на Ромите, Министерство  за транспорт и Врски потпрограма изградба на социјални станови, итн.). Висината на буџетите за потпрограмите варира од година на година, меѓутоа со нагорен тренд во  однос на апсолутната вредност на издвоените средства. Изворите за финансирање се  основен буџет на РМ како и донации.   

Во услови на системски недостаток на адекватни системи за следење на успешноста  (и во делот на буџетирање – performance budgeting и во имплементација performance measurement) постои потреба од воспоставување на систем за следење на степенот  на имплементација на стратегијата односно на постигнувањата и исходите.   

Оттука, двете партнерски организации Центар за економски анализи (ЦЕА) Скопје и  Институт за Истражување и Анализи на Политики – Ромалитико, поддржани од  грант од Фондацијата Институт Отворено Општество во соработка со Ромски иницијативи на  Фондацијата Отворено Општество, го подготвија овој извештај како преглед на постигнувањата во 2016 година односно реализацијата како од оперативна така и  буџетска перспектива, како и за 2017 година до оној степен до кој се достапни информации.   

Целта на овој извештајот е даде видување и преглед на спроведените мерки од  стратешките документи на државата во 2016 година, да ги сподели со засегнатите страни и да упати на можни насоки за унапредување, а во согласност со потребите и  приоритетите на граѓаните.   

При прибирање на информациите и податоците за подготовка на овој документ  користени се секундарни и примарни податоци. Секундарните податоци и информации  кои се користени во овој документ главно се базирани врз стратешките документи и  националните акциски планови како и документи објавени и достапни од страна на надлежните министерства. Примарните податоци се прибрани преку разговор со  претставници од надлежните институции кои се/биле членови во НКТ како и преку информации прибрани преку БИЈК. Наодите од овој документ беа дополнително  дискутирани и споделен со други ГО кои работат/работеле во некоја или сите приоритетни области преку организација и фасилитирање на фокус групи со цел  прибирање на поголем опсег на информации кои ги имаа граѓанскиот сектор во РМ.   

Нацрт извештајот беше споделен со значаен број на засегнати страни како и  институции кои имаат одговорност во спроведувањето на стратегијата и акциските  планови. Процесот за добивање на коментари и дополнувања беше отворен и  добиените коментари во целост или делумно беа вметнати во финалниот извештај,  меѓу кои и коментарите на МТСП, АВРМ, МОН-УРУОЈПЗ итн.

Кликнете тука за да го прочитате целиот извештај