Стратегијата за Ромите во РМ 2014-2020 (оттука па натаму стратегијата) е континуитет  на претходната стратегија која го опфаќаше периодот 2005-2015 година. Оваа  стратегија е преточена во пет акциски планови, за исто толку приоритети  идентификувани во овој национален стратешки документ.    

Исполнувањето на стратегијата и на националните акциски планови се во надлежност  на ресорните министерства во согласност со приоритетните области, но значаен дел од  идентификуваните и очекувани резултати кои се вклучени во плановите се активности  кои се или биле планирани да се спроведуваат од граѓанските организации.   

Следењето и степенот на исполнетост на овие планови според стратегијата се  дефинирани да бидат во рамки на Националното координативно тело за  имплементација на Стратегијата за Ромите (НКТ), како структура што треба да ја следи  и насочува имплементацијата на стратегиите и политиките за социјална инклузија и  интеграција на Ромите.  

Во однос на буџетските импликации врз буџетот на РМ, четири ресорни министерства  (Министерство за труд и социјална политика, Министерство за транспорт и врски,  Министерство за образование и наука, Министерство за здравство) како и Министерот  без ресор одговорен за проведување на Стратегијата за Ромите (како национален  координатор) со средства од Буџетот на РМ, спроведуваат буџетска потпрограма со  назив Поддршка на имплементација на стратегијата за Ромите. Дополнително кај некои  пак буџетски корисници се јавуваат и потпрограми кои се во рамки на приоритетите (како  на пример Министерство за образование со потпрограма Проект за поддршка на  средното образование на Ромите, Министерство за транспорт и Врски потпрограма  изградба на социјални станови, итн.). Висината на буџетите за потпрограмите варира  од година на година, меѓутоа со нагорен тренд во однос на апсолутната вредност на  издвоените средства. Изворите за финансирање произлегуваат од основниот буџет на  РМ и донации.   

Во услови на системски недостаток на адекватни системи за следење на успешноста (и  во делот на буџетирање – performance budgeting и во имплементација performance  measurement) се уште постои потреба од воспоставување на систем за следење на  степенот на имплементација на стратегијата од аспект на постигнувањата и исходите.   

Оттука, двете партнерски организации Центар за економски анализи (ЦЕА) Скопје и  Институт за Истражување и Анализа на Политики – Ромалитико, поддржани од  Фондацијата Институт Отворено Општество во соработка со Канцеларијата Ромски  иницијативи на Фондацијата Отворено Општество, го подготвија овој извештај како  преглед на постигнувањата во 2017 година, односно реализацијата како од оперативна  така и буџетска перспектива преку ажурирање на оние податоци и информации кои  недостасуваа во текот на 2017 година.   

Целта на овој извештајот е да де видување и преглед на спроведените мерки од  стратешките документи на државата во 2017 година, да ги сподели со засегнатите страни и да упати на можни насоки за унапредување, а во согласност со потребите и  приоритетите на граѓаните.   

При прибирање на информациите и податоците за подготовка на овој документ  користени се секундарни и примарни податоци. Секундарните податоци и информации  кои се користени во овој документ главно се базирани врз стратешките документи и  националните акциски планови како и документи објавени и достапни од страна на  надлежните министерства. Примарните податоци се прибрани преку разговор со  претставници од надлежните институции кои се/биле членови во НКТ како и преку  информации прибрани преку БИЈК.

Кликнете тука за да го прочитате целиот извештај