Според вредностите и принципите на демократијата, секој човек без разлика  на етничката, религиозната или родовата припадност има право да учествува  во јавните процеси и одлуки кои влијаат врз неговиот или нејзиниот живот.  Сепак според податоци од меѓународните организации, жените се значително  помалку застапени во јавните процеси, а посебно на пазарот на трудот на  национално ниво. Според Организацијата за Економска Соработка и Развој  (ОЕЦД), разликата во висината на личниот доход се должи на полот на  вработените. Податоците покажуваат дека најголема разлика во висината на  личниот доход е во Јужна Кореа, Естонија и Јапонија, додека пак во Луксембург,  Белгија и Нов Зеланд е најмала. Ваквите податоци покажуваат дека родовата  рамноправност и положбата на жената во општеството сеуште се третира  различно во светот. Поразителен е фактот што Меѓународната Организација  на Трудот (ИЛО) бележи дека во последните 20 години, учеството на жените  на пазарот на трудот во светски рамки е намалена од 52.4% на 49.6%.  

Исто така, според студија на Светска Банка во 2015 година, речиси половина  од женското работоспособното население во Македонија е неактивно, додека  пак неактивноста на машкото население во државата е значително помала.  Резултатите од студијата, исто така покажуваат дека етничката припадност  игра голема улога на пазарот на трудот. Конкретно, постои силна интеракција  меѓу половата и етничката припадност на пазарот на трудот, посебно за жени  од етничките заедници или ранливите групи. За веќе вработените жени,  ИЛО бележи дека воведувањето на минимална плата во Македонија доведе  до регулација на статусот на жените на пазарот на трудот. ИЛО предупредува  дека голем број на вработени жени не се соодветно платени, односно се  платени според минимален личен доход без оглед на нивното занимање.

Според овие податоци, може да се потврди дека жените  во светот се недоволно застапени во општествените  процеси. Истиот тренд се бележи и во Република  Македонија каде што жените се недоволно застапени  во општествените текови како и на пазарот на трудот.  

Според истражувањата кои ги покриваат родовата  еднаквост и пазарот на трудот, постојат повеќе фактори  кои влијаат врз учеството на жената во општествените  текови, како што се општествените вредности,  традицијата, културата, социо-економскиот развој на  државата, географската положба и политичкиот систем.  ИЛО во својата студија ги идентификува факторите  кои влијаат врз учеството на жената во општеството  и ја посочува нееднаквоста меѓу жените и мажите  врз ставовите и предрасудите за различните улоги на  половите во општеството.  Жената, во зависност од  културата, традицијата и вредностите, често е во улога  на сопруга, родител, домаќинка односно е во улога да  обезбеди грижа за семејството. Воедно, географската  положба, политичкиот систем и социо-економскиот  развој генерира фактори кои примарно ја користат  работната сила на машката популација, со предрасуда  дека жената не е соодветна за одредена активност.Сите  претходно наведени фактори имаат големо влијание  врз жените и се спрега за нивното учество на пазарот  на трудот, притоа заборавајќи на фактот дека жените  треба да бидат активни учесници во поставувањето и  имплементацијата на развојните агенди.

Истото го бележи и Светската банка со фокус на Ромките  во Македонија, според нивната студија, учеството на  работната сила е особено ниско. Околу две третини  од жените Ромки на работоспособна возраст не  учествуваат на пазарот на трудот, кое укажува дека  нискиот ангажман на жените Ромки на пазарот на  трудот поради возраста, структурата на семејството  и образованието кои претставуваат бариери при  нивното вработување. Сите претходно наведени  бариери резултираат со нееднаков пристап кон  жените во Република Македонија без оглед на нивната  етничка припадност. Сепак во споредба со останатите  етнички заедници, кај жените Ромки се воочуваат  енормни разлики во пристапот на пазарот на труд.  Без разлика на брачниот статус, жените Ромки за 33%  имаат помалку можности да учествуваат на пазарот на  труд отколку мажите Роми. Во теоријата, правото на  учество на пазарот на трудот е еднакво, односно исто  за сите вклучувајќи ја и жената Ромка во Македонија.  Но за жал во реалноста, жената Ромка, без оглед на тоа  што е дел од населението, таа не е активен учесник на  пазарот на труд во Република Македонија. Со оглед на  статусот и комплексноста на двојната дискриминација  врз жената Ромка (полова и етничка дискриминација),  се јавува потреба политиките и мерките на државата  да се насочат кон конкурентноста и застапеноста на  жената Ромка во општествените процеси и на пазарот  на труд.

Кликнете тука за да ја прочитате целата анализа