Проектот „Граѓанска Интеграција за Роми 2020“, што го имплементира Институтот за истражување и  анализа на политики – Ромалитико, има за цел да даде придонес на граѓанското општество во  следењето и во оценувањето на јавните политики кои произлегуваат од Националната Стратегија за  Роми и Националните Акциони Планови. Овој извештај ги обединува наодите, заклучоците и  препораките што произлегуваат од следењето на приоритетните области од Националната Стратегија  за Роми – Вработување, Домување, Образование и Здравство, како и посебните области  дискриминација, жена – Ромка и Култура.   

Потребата од подготовка од ваков извештај е утврдена во наодите на меѓународните и домашните  извештаи вклучувајќи го и ЕУ Прогрес извештајот, каде што специфично се укажува на фактот дека  “Имплементацијата на Националната Стратегија за Роми и НАП е бавна и уште многу преостанува да  се направи за инклузија на Ромите во Република Северна Македонија“1. Исто така во рамките на  заклучоците од втората Национална платформа за Ромска Интеграција се нотира недостатокот од  мониторинг и потребата од значително подобрување на известувањето и подготовката на Извештајот  за спроведување на јавните политики за интеграција на Роми. Истите укажуваат на поголема  одговорност и ангажираност на релевантните министерства за спроведување на НАП, одвојување на  повеќе средства од државниот буџет за реализирање на НАП и таргетирање на Ромските прашања  во веќе постоечките (мејнстрим) политики.   

Генерален заклучок е дека политиките за Интеграција на Ромите во горенаведените области за  периодот Јан-Дек 2018,  на оперативен план имаат прогрес во одделни области како на пример –  зголемување на инфраструктурните проекти во Ромските населби, зголемувањето на опфатот на  средношколци со стипендии, намалување на стапката на смртност кај ромските доенчиња  како и  тренд на премин на пасивните баратели на работа во активни баратели. Од финансиски аспект, за  прв пат буџетската ставка за поддршка на Имплементацијата на декадата и Стратегијата за Роми е  зголемена за 24%. Во однос на приоритетните области – домување и вработување сеуште не е  постигнат напредок во однос на постигнувањето на видливи промени во Ромската заедница. Во  доменот на здравство, мерката за укинување на патрицијата за деца од социјален ризик има  позитивно влијание, меѓутоа во однос на останатите мерки и активности нема значителни промени  во однос на 2017 година. Во доменот на образование, активностите и буџетот се непроменети, додека  во однос на доменот култура постои напредок со креирање на работна група за дефинирање на  акциски план за Култура.   

Имајќи во предвид  дека резултатите од имплементацијата на НАП и буџетската алокација треба да  одат со забрзано темпо за да се постигнат индикаторите за 2020, може да се заклучи дека  генералните политики во државата ги кочат процесите за имплементацијата на Стратегијата за Роми.  Причината за ваквта состојба  на реализацијата на Националните акциони планови се должи пред се  на политичките процеси во државата, вклучувајќи го референдумот за името, подготовката за  претседателски избори, вклучувањето во НАТО како и добивањето на датум за преговори за влез во  ЕУ.

Преку Извештајот во сенка се овозможува  да се воочи степенот на имплементацијата на НАП од  приоритетните области од надлежните ресорни министерства и оценка на спроведените мерки во  придонесот на социјална инклузија на Ромите. Извештајот го опфаќа периодот Јануари – Декември  2018 година, за да соодветствува со фискалната година во однос на издвоените ресурси за  спроведување на националните акциони планови. Извештајот во сенка го надополнува официјалниот  извештај за Спроведувањето на Стратегијата на Роми кој го изготвува Владата на Република Северна  Македонија, со тоа што  обезбедува дополнителни информации, пополнување на празнините и  преземање повеќе критични перспективи за нејзиното спроведување. Во услови кога Националниот  Извештај за спроведувањето на Националната Стратегија на Ромите за 2018 сеуште не е подготвен,  овој извештај дава преглед на постигнувањата за 2018  како и осврт врз импактот на спроведувањето  на активностите и мерките.   

Покрај тоа, извештајот дава проценка на постапувањето на ресорните министерства по препораките  и заклучоците од Националната платформа дадени од страна на тимот на Советот за регионална  соработка кој го спроведува регионалниот проект – Интеграција на Роми 2020.   

При подготвувањето на овој извештај се примени Методологија за следење на приоритетните   области – вработување, образование, домување и здравство изработена во 2016 година и веќе  применета на претходните извештаи. Методологијата вклучува прибирање и анализа од примарни и  секундарни извори. Секундарните податоци и информации кои се користени во овој документ главно  се базирани врз стратешките документи и националните акциски планови како и документи објавени  и достапни од страна на надлежните министерства. Примарните податоци се прибрани преку разговор  со претставници од надлежните институции членови во НКТ како и преку информации прибрани  преку БИЈК. Во натамошниот дел, анализирани се активностите кои се во директен придонес во  остварувањето на исходот. Наодите од овој документ беа дополнително дискутирани и споделени со  други ГО кои работат/работеле во некоја или сите приоритетни области преку отворен процес на  консултации со цел прибирање на поголем опсег на информации кои ги има граѓанскиот сектор во  РМ.

Кликнете тука за да го прочитате целиот извештај