Проектот „Граѓанска Интеграција за Роми 2020“, што го имплементира Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, има за цел да даде придонес на граѓанското општество во следењето и во оценувањето на јавните политики кои произлегуваат од Националната Стратегија за Роми и Националните Акциони Планови. Имајќи во предвид дека Стратегијата беше донесена во 2022 година, овој извештај дава приказ на состојбата во четирите приоритетни области – Вработување, Домување, Образование и Здравство.
Генерален заклучок е дека политиките за интеграција на Ромите во горенаведените области за периодот 2021-2022, не го достигнаа очекуваниот прогрес и покрај силните заложби кои Владата ги предвиде во својата програма. Во однос на јавните политики за Роми, периодот 2021-2022 се карактеризираше со справување со економските последици од Ковид кризата и општото зголемување на цените, со значителна финансиска стимулација на приватниот сектор, при што политиките за Роми беа потиснати од останатите приоритети – Влез во ЕУ, справување со корупцијата, скрининг процес.
Во однос на вработувањето, има зголемување на регистрираната невработеност на Ромите, при што во апсолутни бројки бројот на регистрирано невработени Роми како активни баратели на работа е зголемен. Активните политики на пазарот на трудот во некоја мера придонесоа во креирање на нови бизниси, меѓутоа и понатаму главен предизвик останува образовната квалификација. Во однос на домувањето, општините ниту ги урбанизираат ромските населби ниту ги користат државните средства за урбанизација. Новиот предлог закон за легализација повеќе од 2 години е закочен во Собранието, додека општините под притисок на граѓанскиот сектор почнува да ги решава предметите според стариот закон за постапување со бесправно изградени објекти од 2018 година. Во областа на здравството, лошата социо-економска состојба дополнително ја влошува здравствената состојба; буџетот во рамките на Министерството за здравство и понатака останува неискористен; додека бројот на ромски здравствени медијатори е значително зголемите, истите сеуште не сè систематизирани во здравствениот систем. Во однос на граѓанската регистрација, предизвиците со лицата кои се евидентирани во посебната книга во однос на користењето на правата од социјална заштита, образование, вработување и натаму остануваат. Олеснителна околност е што новиот закон за државјанство овозможува симплификација во докажувањето на престој во државата, при што дава неколку можности за докажување – работна книшка, свидетелство, здравствена книшка која се користела во период од осамостојувањето до денес. Остануваат клучните предизвици во процесот на спроведување на јавните политики за Роми – намалување на невработеноста и трансформација на неформалната економија во формална, урбанизација на ромските населби и легализација, премин од основно во средно образование на ученици Роми, додека пак во областа на здравството – краткиот животен век на Ромите и високата стапка на смртност кај новороденчињата.
Имајќи во предвид дека во периодот 2021-2022 немаше Стратегија за Роми и Акциски планови, јавните политики за Роми кои беа добра пракса од изминатите години продолжи да се спроведува, при што може да се заклучи дека во однос на приоритетните области домување и инфраструктура ситуацијата е подобрена, пред се поради реализацијата на инфраструктурни проекти. Во делот на вработување, зголемена е опфатеноста на Роми во активните мерки за вработување особено во делот на започнување на бизнис, но ниската образовна квалификација и немањето на јавни политики за подобрување на образовната структура остануваат и понатака главен предизвик. Здравствената состојба е значително влошена, пред се поради немањето на матични лекари, лошата 4 инфраструктура но и предизвиците кои произлегуваат од социо-економските карактеристики на заедницата. Во делот на образование, одредени политики се систематизира, се зголемија бројот на медијатори во основното образование, се воведоа и педагошки асистенти, но и понатаму предизвик останува преминот од едно во друго одделение, како и сегрегацијата во одредени општини кои произлегуваат од неспроведувањето на политиката за реонизација на локално ниво. Немањето на структура за спроведување на јавни политики, и покрај најавувањето за воспоставување на директорат, сектори за Роми, дополнително го отежнува процесот на координација и спроведување на планираните политики и буџет. Исто така, негативниот ефект за реализацијата на програмата на Влада се должи и на политичките процеси во државата, вклучувајќи го проблемот со Бугарија, политички турбуленции во мнозинството како и честите промени на клучните луѓе кои беа назначени за координација и имплементација на целиот процес.
Извештајот во сенка врши проценка на состојбата во приоритетните области на релевантните министерства и ги оценува спроведените мерки за социјална инклузија на Ромите. Извештајот опфаќа период јануари 2021 – декември 2022 година.
Во подготовката на извештајот применета е методологија за следење на приоритетните области – вработување, образование, домување и здравство развиена во 2016 година, како и во претходните извештаи. Методологијата вклучува прибирање и анализа од примарни и секундарни извори. Примарните податоци се прибрани преку разговор со Ромската заедница во форма на онлајн дијалози како и преку информации прибрани преку БИЈК.