Ромската заедница е како пиреј колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира и ќе се издигне над сите овие предизвици и гордо ќе го продолжи отпорот кои нашите предци го започнаа токму на денешен ден пред 76 години. Заедно ќе го продолжиме отпорот кој е започнат години наназад и ќе ставиме крај на нееднаквостите кои се случувале во минатото и сега.
Автор: Дениз Селмани
Ромите како мирољубив народ, никогаш не војувал пред се поради либералниот однос кон животот, и почитта кон тоа што претставува човекот, неговата природа и улогата да носи хармонија, љубов и баланс. Тоа довело до тоа со шок да ги доживеат и да не се спротивставуваат на неправдите кои векови наназад им се случувале како народ, започнувајќи од поробувањето во 15 век во денешна Романија[1], прогонството и истребувањето[2] за време на Втората светската војна па се до денес кога целиот свет се соочува со пандемијата предизвикана од КОВИД-19, а Ромите најпрви ја почувствуваа кризата.
Многу ромски семејства се чувствуваат запоставено бидејќи КОВИД-19 и вонредната состојба најмногу ги погоди како заедница, пред се поради сиромаштијата и условите во кои живеат без пристап до вода, електрична енергија, канализациона мрежа и соодветна инфраструктура, услови кои се предуслов и од голема важност за примена и почитување на мерките за заштита во време на КОВИД-19 пандемијата
Но, не е првпат Ромите како заедница да се соочуваат со суровата реалност и нечовечките услови за живот. За жал, во минатото Ромите беа на мета на еден налудничав режим и нечовечка идеологија, која однесе милиони животи. Ромите беа жртви на холокаустот, прогонувани, затворени и убиени врз расна основа од страна на нацистите за време на Втората светска војна. Многу малку се знае за Ромскиот геноцид и страдањата на оваа заедница. А, уште помалку се знае за востанието и борбата за опстанок на Ромите на 16 мај 1944 година во Аушвиц Биркенау, затворени во таканаречениот “камп на циганските фамилии”[3].
На 15 мај, 1944 командантот на Аушвиц, Рудолф Хус, донел наредба за ликвидација на целиот „камп на циганските фамилии“. Целта на ваквата одлука било да се испразни кампот, бидејќи се очекувало да пристигнат унгарски еврејски затвореници кои требало да бидат сместени во тој камп. Службеникот на СС, Георг Бонигут и покрај улогата на командант на логорот со Роми, се чини дека имал симпатии кон затворениците при што ги предупредил дека наскоро ќе следат масовни убиства на целиот логор и дека треба по секоја цена да се спротивстават[4].
Затворени меѓу бодликавата жица, дрвените бараки, гасните комори и печките за кремирање на телата, Ромите можеле да ја видат смртта да ја помирисаат, да ја почувствуваат и допираат насекаде околу нив: смртта на нивните сакани, смртта на другите Роми, смртта на Евреите, смртта на хомосексуалците, смртта на човечко суштество.
Тогаш, околу 6500 Роми и Синти решиле да се спротивстават при што се самоорганизирале и се подготвиле да се соочат со СС војниците каде што секој еден предмет кој што можел да се примени како оружје го собрале, вклучувајќи лопати, цевки и камења. Некои од затворените германски Синти биле војници кои служеле воен рок во Вермахт и имале извесно борбено искуство што им помогнало да се спротивстават. Кога пристигнале трупите од 50 до 60 СС војници се зачудиле кога откриле дека затворениците ги забарикадирале вратите од кампот и одбивале да излезат кога им било наредено да го сторат истото[5].
Плашејќи се за непотребни загуби, бидејќи дел од затворениците беа поранешни припадници на германската војска и од тоа отпорот да не се прошири во останатите делови од кампот, СС војниците се повлекоа. Но, следеа нечовечки мерки кон таквиот отпор. На затворениците од „Циганскиот камп“ им беше укината и таа мала порција на храна кои што ја добиваа дневно. На 23 мај, СС војниците се вратија и преку 1500 Роми од Биркенау беа односени кон Аушвиц од каде што беа испратени за Бухенвалд. Два дена подоцна, 82 Роми беа испратени во кампот Флосенбург и 144 Ромски жени во Равенсбрук. Останаа околу 4300[6] луѓе во таканаречениот „камп на циганските фамилии“, повеќето жени, деца и изнемоштени стари лица. Нивното убиство се случи ноќта помеѓу 2 и 3 август 1944 година, и покрај отпорот што го дадоа, Ромите беа натоварени на камионите и однесени во гасната комора број V, каде што беа убиени, а нивните тела спалени…“[7].
Oвој ден не треба да служи само за паметење на ромските жртви, туку треба да не потсети на храбрите акти на отпор кои изминатите генерации ги презеле да се борат за своето човечко достоинство. На овој ден треба да ја препознаеме важната улога која нашите Роми ја одиграа во националното ослободителното движење на 20 век[8].
Покрај тоа што се поминати 76 години откако Ромите и Синтите се спротивставија на нацистите; ромскиот народ низ цела Европа е се’ уште принуден да се бори за своите права и достоинство. Иако глобалната пандемија од КОВИД-19 претставува ризик за секого и не препознава, пол, години, општествен статус, етничка заедница, маргинализираните групи се двојно подложени на дополнителни предизвици. Во една ваква состојба на површина излегуваат занемареноста на институциите, ризикот од сиромаштија, гладот, говорот на омраза, антициганизмот[9] и насилството кои претставуваат сериозна закана и директно ја погодуваат ромската заедница која живее на маргините на општеството.
Исто така, на површина излегува негрижата на државата и политичките актери. Голем број ромски заедници во Северна Македонија се’ уште се во лоша социо-економска положба, живеејќи во пренаселени соседства со ограничен пристап до инфраструктура, водоводна и канализациона мрежа[10] кој ги ограничува почитувањето на препораките од државата за справување со КОВИД-19 кризата. Воедно овие услови предизвикуваат закана за ширење на вирусот во и надвор од ромските населби.
Голем број на Роми пред пандемијата заработуваа преку, сезонска и неформална работа, собирање на отпадни материјали за рециклирање, трговија и продажба на пазар. Како последица од кризата, приходите се намалиле или целосно се недостапни и ограничени за оваа група на луѓе. Граѓанските организации, дијаспората, кризните штабови и надлежните институции се трудат да помогнат и да ги санираат новонастанатите штети врз населението обезбедувајќи хигиенски и прехранбени пакети до најранливите категории на граѓани. Сепак, вонредната состојба покажа дека е потребна подготовка на соодветни протоколи и логистика за доделување на помош на населението за навремено да пристигне помошта во зависност од потребата.
Онлајн наставата го отежна процесот на образование кај голем број ученици од ромската заедница, токму поради немањето на соодветни услови, пристап до интернет и уред за следење на наставата. Дополнителни причини за отежнување на овој процес е и дигитална неписменост, како и недоволната подготвеност на родителите да им помогнат на своите деца да ја следат наставата и да одговорат на училишните обврски.
Во екот на пандемијата, дополнителен предизвик за ромската заедница е и зголемениот говор на омраза и ширењето на лажни вести преку медиумите[11]. Фактот дека на места каде што нема соодветни хигиенски услови, достапност до вода и се пренаселени, ризикот од пренесување на вирусот е поголем. Информирањето од стана на медиумите за ваквиот ризик етикетирајќи ги ромските населби го зголемува потенцијалот за тензии помеѓу граѓаните, исклученост и изолираност на ромската заедница, страв и насилство.
Ромската заедница е како пиреј колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира и ќе се издигне над сите овие предизвици и гордо ќе го продолжи отпорот кои нашите предци го започнаа токму на денешен ден пред 76 години. Заедно ќе го продолжиме отпорот кој е започнат години наназад и ќе ставиме крај на нееднаквостите кои се случувале во минатото и сега.
OPRE ROMA!
[1] Achim, Viorel (2004). The Roma in Romanian History. Budapest: Central European University Press. ISBN 9639241849.
[2] Hancock, Ian (2005), “True Romanies and the Holocaust: A Re-evaluation and an overview”, The Historiography of the Holocaust, Palgrave Macmillan, pp. 383–396, ISBN 978-1-4039-9927-6
[3] Heroes of Resistance. Roma Resistance. (2020). Retrieved 15 May 2020. https://bit.ly/2Z61rTH
[4] Ibid
[5] Die Sinti und Roma im Konzentrationslager Auschwitz-Birkenau / Memorial Book. The Gypsies at Auschwitz-Birkenau / Ksiega Pamieci. Cyganie w obozie koncentracyjnym Auschwitz-Birkenau, ed. State Museum Auschwitz-Birkenau in cooperation with the Documentation and Culture Center of German Sinti and Roma (Heidelberg), Volume 1, München/London/New York/Paris 1993, p. XXXI.
[6] Official web page of Auschitz. Sinti and Roma in Auschwitz. Retrieved 15 May 2020. https://bit.ly/2ZbxFwT
[7] Die Sinti und Roma im Konzentrationslager Auschwitz-Birkenau / Memorial Book. The Gypsies at Auschwitz-Birkenau / Ksiega Pamieci. Cyganie w obozie koncentracyjnym Auschwitz-Birkenau, ed. State Museum Auschwitz-Birkenau in cooperation with the Documentation and Culture Center of German Sinti and Roma (Heidelberg), Volume 1, München/London/New York/Paris 1993, p. XXXI.
[8] Rromani Resistance. 2020. Roma Heroes. Retrieved 15 May 2020. https://bit.ly/2LzrqLw
[9] Reference paper on Antigypsyism. Retrieved 15 May 2020. https://bit.ly/3fThytT
[10] Ромалитико. Инклузијата на Ромите по завршување на Декадата на Ромите, тековна состојба и предизвици. Посетено 15 мај 2020. https://bit.ly/2zGfHYQ
[11] Matache, Margaret, Bhabha, Jacqueline. Anti-Roma Racism is Spiraling During COVID-19 Pandemic. Health and Human Right Journal. Retrieved 15 May 2020. https://bit.ly/2WEFRnX
Otporot-vo-period-na-KOVID-19-mora-da-prodolzi.pdf