На 11 декември, Извршниот директор на Ромалитико, Елвис Шаќири учествуваше на панел дискусијата „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“ во организација на ЦИВИЛ.
Во своето излегување истакна дека кога се работи за Ромската заедница секогаш странските донатори и невладиниот сектор се први да помогнат, а не државата и дека тоа мора да се промени.
Тој додаде дека државата генерално не креира услови, без разлика за која категорија на луѓе се работи.
„За жал не можеме да стигнеме до сите семејства, проблемите се системски, ќе решиш еден проблем, па се појавува друг. Баравме средби со државни институции, но нашето општество секогаш има други приоритети, да ги решаваат оние проблеми на елитите, ретко се решава проблем без да се оди кон системско решение, преку ПР прават дека решиле некој поголем проблем, но најчесто не е така, тоа е генерален проблем кај нас, тие проблеми треба да се решаваат системски“, истакна Шаќири.
Во однос на дискриминација со која се соочува ромската заедница тој истакна:
„Имаме два вида дискриминација во секојдневниот живот меѓу физички лица, но имаме и покомплексна дискриминација од државата, таа не презема никакви чекори. Државата во овој случај на некој начин со оглед на тоа дека не презема системски решенија ги поттикнува индивидуалнците така да се однесуваат кон одредени групи“.