ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е здружена иницијатива на 12 организации и активистички групи кои на 23 септември до Град Скопје доставија сет предлози за „За зелен и хуман град“ произлезени од Граѓанскиот буџетски форум „Моја заедница. Моја визија.“ и побараа тие да се инкорпорираат во буџетот на Град Скопје за 2021 година.
Граѓанскиот буџетски форум се одржа на 16 септември, во Градскиот парк во Скопје и на него присуствуваа претставници на организации и активистички групи кои долги години се општествено ангажирани, голем дел од нив волонтерски, имаат докажани резултати и дале огромен придонес за унапредување на сферите во кои делуваат. Покрај нив, за предлозите дискутираа и гласаа граѓани на Скопје, со што одлуките донесени на форумот добија несоборлив демократски легитимитет.
Ромалитико по консултација со граѓаните на општина Шуто Оризари ги претстави следните три барања до град Скопје.
1. Отворање противпожарна единица
2. Воспоставување мрежа од локални мерни станици во Шуто Оризари
3. Субвенции за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства во Шуто Оризари
За трите предлозите се потребни 90.227.000 мкд од градскиот буџет.
Како дел од учесниците во Граѓанскиот буџетски форум едногласно побаравме Град Скопје овие предлози да ги вклучи во финалната предлог-верзија на буџетот која ќе биде доставена на гласање во Советот на Град Скопје.