Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико и Регионалната Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА во рамките на проектот на ЕРГО мрежата “Врсничка едукација за борба против говорот на омраза на интернет” поддржан од Google вчера организираше конференција на тема “Говор на омраза кон ромската заедница во онлајн сферата како дел од антициганизмот”.
На конференцијата се презентираше извештајот за говор на омраза проследен со дискусија на темата антициганизам во Република Северна Македонија. Според извештајот, во кој се анализирани 118 случаеви на говор на омраза кон ромската заедница значително се има зголемено во текот на Ковид19 пандемијата. Говорот на омраза во интернет сферата е присутен најчесто на социјалната мрежа Facebook, како најчесто користена мрежа. Негативните коментари, навреди и како и поттикнувањето на говор на омраза се присутни и на постови кои одразуваат негативна содржина кон ромската заедница, меѓутоа и на постови кои прикажуваат позитивна содржина.
На конференцијата се упати и апел за регулирање на слабата правна рамка за говор на омраза за која говори и фактот што во нашата држава е донесена само една правосилна одлука за говор на омраза. Исто така, се упати порака дека потребно е институциите да се запознаат со терминот и концептот антициганизам кој претставува специфична форма на расизам врз Ромите и за прв пат како термин е официјално прифатен и од страна на РСМ во новата Стратегија за Роми во која се предвидени активности преку кои ќе може се работи искоренување на антициганизмот.