Денеска се одбележува завршувањето на втората иницијатива предводена од заедницата на Роми во Берово – Поставување на заштитни огради/банкини на критични места од улицата 23 Август. Важна улога во процесот на планирање, финансирање и имплементацијата на оваа иницијатива имаше локалното ромско население, кое даде свој придонес во  транспортот  на материјалите и нивна припрема како и работна рака во монтажа и бојадисување. За успешна реализација на оваа иницијатива важна улога имаше остварената добра соработка со општината, која обезбеди придонес преку набавка на банкините и надзор на целокупната работа од страна на двајца локални инспектори.

Ова не е прва акција во Берово имплементирана во кохезија на Ромалитико, локалната ромска заедница и општината. Имено, во текот на летото беше поставено и сообраќајно сферно огледало на критична точка на ул. 23 Август со кое се реши проблемот со честите сообраќајни незгоди поради намалена прегледност во сообраќајот.

Ромалитико и во иднина ќе продолжи со реализација на уште многу проекти за подобрување на животот на ромската заедница и активно ќе ги поддржува иницијативите на граѓаните.

Активностите за спроведување на локални акции под водство на заедницата  се подржани од проектот Заедно за просперитетна заедница кој е финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), како дел од програмата „Активности за самоодржливост на заедницата“ (ЦСРА), чија цел е да воспостави одржливи системи и да развие капацитети на заедниците, така што заедниците ќе можат да планираат, финансираат и имплементираат решенија за сопствените развојни предизвици и приоритети. Проектот е  имплементиран од страна на Институтот за истражување и анализа на политики–Ромалитико во партнерство со  Здружението на граѓани ”Ромаверзитас”,  Здружение за јакнење и организирање на ромската заедница ,,Романо Авази”, и Здружението на граѓани ,,Иницијатива за Економски Развој на Ромите- РЕДИ Скопје”.