До:
Министерот за здравство – Д-р Венко Филипче
ЈЗУ Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство – Скопје
Комисијата за здравство при Собранието на Република Северна Македонија
Институтот за истражување и анализа – Ромалитико како дел од Граѓанската иницијатива Аваја следејќи го трагичниот настан на починатата родилка од Шуто Оризари на 19ти септември 2020, упатува јавен повик до Министерот за здравство, ЈЗУ Университетска Клиника и Акушерство и до Комисијата за здравство при Собранието на Република Северна Македонија за целосно расветлување на случајот и преземање на мерки во здравствениот систем на државата кои ќе осигураат дека вакви случаеви во иднина нема да се повторат.
Како што пренесуваат медиумите, родилката била во 36та недела или осми месец од бременоста. Прегледот покажал можни проблеми со бебето, пришто на родилката и било кажано да се напие течност и да се врати на преглед, меѓутоа таа не била сместена во болничка просторија туку и било посочено да почека надвор пред болницата. Според прилогот на Канал 5 ТВ, од болницата изјавиле дека ја побарале, меѓутоа таа не била пред болницата. Родилката се вратила по еден час со обилно крварење, но и покрај интервенциите таа и нејзиното бебе не можеле да бидат спасени.
Објаснувањето дадено од страна на болницата во прилогот на Канал 5 ТВ е дека поради состојбата со корона вирусот, на родилката и било кажано да почека пред болницата и покрај тоа што прегледот покажал можни проблеми со бебето.
Бараме итно објаснување:
1. Зошто родилката не била соодветно згрижена откако биле утврдени можните проблеми со бебето; дали и другите пациенти кои доаѓаат со компликации не се сместуваат и им се посочува истото, да почекаат надвор од болницата? Како и секоја друга здравствена установа, и болницата за гинекологија и акушерство треба да создаде услови за критичните пациенти да бидат соодветно згрижени и покрај состојбата со корона вирусот.
2. Дали на родилката и биле дадени информации за нејзината здравствена состојба и дали и било посочено дека треба да остане во болницата поради можните проблеми со бебето и нејзиното здравје?
Во изјавата за Канал 5 ТВ, сопругот на почината родилка го истакнува и фактот дека родилката не била во можност да остварува редовни прегледи за следење на нејзината бременост поради немањето на матичен гинеколог во општината Шуто Оризари. Во општината веќе една година нема гинеколог, проблем кој се одолговлекува и повторува повеќе години. Ваквата состојба укажува на
тоа дека здравјето на родилките и нивните бебиња е загрозено. Обидите за поставување на гинеколог во општината Шуто Оризари вклучувале и дополнителен стимул за пријавување на
гинеколози кои би прифатиле да работат во оваа општина. Состојба на изнаоѓање на гинеколог кој би работел во ромската општина ја прикажува тешката состојба на Ромите и пред се Ромките во здравството предводена од системската дискриминација. Токму несоодветната грижа за бремените Ромки, немањето на гинеколог и соодветна здравствена инфраструктура придонесуваат стапката на доенечка смртност на ромската популација, која изнесува 8.57 на 1000 жители, да е втора највисока во споредба со останатите заедници.
Овој случај не е единствен случај кој отвора сомнежи за пристапот кон здравствена помош и грижа кон пациентите и пациентките Роми и Ромки, туку претставува дел од низа на случаеви. Поради тоа здравствениот систем на државата треба ургентно да работи на елиминирање на несоодветниот пристап, подигање на совесноста и етиката кај медицинскиот персонал и признавање на системската дискриминација. Здравствениот систем треба да обезбеди соодветни мерки и политики за здравствената заштита, особено во областа на репродуктивното здравје.
Затоа упатуваме јавен повик до горенаведените институции ургентно во рамките на Државната комисија за пациентите да биде формиран тим од стручни лица кои ќе ја утврдат причината за смртта и причинско последичната врска на смртта на родилката со фактот дека истата немала пристап до соодветни контроли во текот на бременоста поради немањето на гинеколог во општината Шуто Оризари.
Очекуваме, согласно законските рокови на Законот за заштита на правата на пациентите – не повеќе од 15 дена, целосен увид на состојбата и преземање на одговорност за смртта на родилката. Бараме целосно расветлување на сите причини за овој трагичен настан.
Воедно, очекуваме здравствените политики на државата да вклучат ефективни мерки за елиминирање на системската дискриминација кон Ромите и Ромките во здравството и непречен пристап до здравствените услуги.