Датум на објава: 22.05.2026

Краен рок за аплицирање: 20.06.2026

Период на ангажман: 01.07.2026 – 31.12.2026 (со можност за продолжување)

Тип на ангажман: Проектен ангажман, со исплата врз основа на реализиран учинок и доставени месечни извештаи (timesheets)

За проектот

Институтот за истражување и анализи на политики – Ромалитико, со поддршка од We Effect, го спроведува проектот насочен кон вклучување на Ромите на пазарот на труд преку зајакнување на посредувањето, поврзување со компании, пристап до обуки, образование и користење на дигиталната платформа Balkan Job Market.

Проектот има за цел да одговори на постојниот јаз помеѓу побарувачката за работна сила од страна на компаниите и ограничениот пристап на Ромите до формални можности за вработување. Иако на пазарот на труд постои потреба од работници, особено во сектори со ниски и средни квалификации, голем број Роми остануваат исклучени поради ограничен пристап до информации, недоволна поддршка, слаба поврзаност со работодавачи, недостиг на вештини, документи или завршено образование.

Проектот ќе работи на подобрување на функционирањето на системот преку комбиниран модел кој вклучува:

• теренска работа со ромската заедница;

• профилирање и поддршка на невработени Роми;

• поврзување со компании;

• користење на дигиталната платформа Balkan Job Market;

• упатување кон обуки, сертификација и образование за возрасни;

• поддршка за стекнување лични документи каде што е потребно;

• следење на вработувањето и задржувањето на работното место.

Проектните активности ќе се спроведуваат во општини со значително ромско население, вклучувајќи: Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Тетово, Гостивар, Неготино, Кочани, Виница, Берово, Штип, Струмица, Кавадарци и Делчево.

Ангажирање на фасилитатори за економски развој и вклучување на пазарот на труд

Ромалитико објавува повик за ангажирање на фасилитатори кои ќе имаат клучна улога во поврзување на ромските баратели на работа со компаниите, обуките, институциите и платформата Balkan Job Market.

Фасилитаторите ќе делуваат како посредници и овозможувачи на пазарот на труд. Нивната улога нема да биде само мапирање на невработени лица, туку и активно водење на процесот од идентификација, профилирање, советување, упатување кон услуги и обуки, до поврзување со компании и следење на резултатите по вработување.

Главни должности и одговорности

Избраните фасилитатори ќе бидат одговорни за следните задачи:

1. Учество на подготвителна обука/работилница за користење на методологијата за профилирање, индивидуален план за вработување, работа со работодавачи и користење на платформата Balkan Job Market.

2. Идентификување, мапирање и профилирање на Роми баратели на работа во целните општини.

3. Внесување и ажурирање на податоци за кандидатите во проектната база/платформата Balkan Job Market, согласно насоките за заштита на лични податоци.

4. Поддршка на невработени Роми при подготовка на CV, проценка на вештини, идентификување на потреби и дефинирање на индивидуален пат кон вработување.

5. Идентификување на лица кои имаат потреба од:

  • завршување основно образование;
  • обуки за меки вештини;
  • стручни/VET обуки;
  • сертификација или валидација на практични вештини;
  • правна помош за добивање лични документи.

6. Поврзување на кандидатите со релевантни обуки, центри за образование на возрасни, VET даватели на услуги и други институции.

7. Мапирање на локални компании и идентификување на нивните потреби за работна сила.

8. Одржување редовна комуникација со работодавачи и прибирање информации за отворени работни места, потребни квалификации и услови за работа.

9. Пред-селекција и предлагање соодветни кандидати до компании врз основа на нивниот профил, вештини и интерес.

10. Поддршка при организирање интервјуа, посредување меѓу кандидатите и компаниите и следење на процесот на вработување.

11. Обезбедување поддршка по вработување, вклучувајќи комуникација со кандидатот и работодавачот заради задржување на работното место.

12. Следење на резултатите, вклучително број на профилирани лица, лица упатени на обука, лица поврзани со компании, лица вработени и лица кои го задржале работното место.

13. Подготовка и доставување месечни извештаи за реализираните активности.

14. Редовно пополнување и доставување timesheets, како услов за исплата.

Очекувани резултати од фасилитаторите

Од фасилитаторите ќе се очекува да придонесат кон следните резултати:

  • зголемен број на Роми вклучени во услуги за посредување при вработување;
  • зголемен број на Роми профилирани и внесени во платформата Balkan Job Market;
  • подобрена поврзаност помеѓу Роми баратели на работа и компании;
  • зголемен пристап до обуки, образование и сертификација;
  • зголемен број на успешни вработувања;
  • подобрено задржување на работните места;
  • зајакната доверба помеѓу ромската заедница и работодавачите.

Начин на исплата

Исплатата на фасилитаторите ќе се врши согласно однапред дефинирани задачи, индикатори и доставена документација по доставен месечен извештај (timesheet).

Фасилитаторите ќе бидат обврзани секој месец да доставуваат:

  • месечен наративен извештај за реализирани активности;
  • листа/евиденција на профилирани лица;
  • листа на контактирани компании;
  • евиденција за поврзани кандидати со компании;
  • евиденција за упатени лица кон обуки, образование или други услуги;
  • докази за реализирани резултати, каде што е применливо;
  • пополнет и потпишан timesheet.

Исплатата ќе се реализира по проверка и одобрување на доставените извештаи, timesheets и постигнати резултати од страна на проектниот тим.

Ненавремено доставување на timesheets, нецелосна документација или недоволно реализиран учинок може да влијае врз висината или одобрувањето на месечната исплата.

Потребни квалификации

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните минимални услови:

  • најмалку завршено основно образование;
  • најмалку две години искуство во работа на терен со ромската заедница;
  • искуство во работа со невработени лица, работодавачи, претприемачи или локални институции;
  • познавање на локалниот контекст и состојбите на ромската заедница;
  • основни дигитални вештини и способност за внесување податоци во база/платформа;
  • способност за подготовка на кратки извештаи и пополнување timesheets;
  • добри комуникациски и организациски вештини;
  • подготвеност за теренска работа.

Предност ќе имаат кандидати кои имаат:

  • претходно искуство во посредување при вработување;
  • искуство со компании или приватен сектор;
  • искуство во работа со платформи, бази на податоци или системи за следење;
  • искуство во проекти за економско зајакнување, образование, VET обуки или социјална инклузија;
  • познавање на ромски јазик и/или јазиците што се користат во локалната заедница.

Евалуација на апликациите

Сите пристигнати апликации најпрво ќе бидат предмет на административна проверка. Апликациите ќе се сметаат за некомплетни и ќе бидат отфрлени доколку недостасува некој од задолжителните документи.

Апликациите кои ќе ја поминат административната проверка ќе бидат оценувани според следните критериуми:

Критериум

Максимум поени Објаснување за бодување

Образование

20

Завршено основно образование – 10 поени; завршено средно образование – 15 поени; завршено високо образование – 20 поени.

Работно искуство со ромската заедница

25

До 2 години искуство – 10 поени;

 Од 3 до 4 години искуство – 20 поени;

Над 5 години искуство – 25 поени.

Искуство во посредување при вработување, работа со компании или поврзување со пазарот на труд 25

Без директно искуство, но со релевантно општо искуство – 10 поени;

Основно искуство во посредување/комуникација со компании – 15 поени;

Докажано искуство во поврзување лица со работодавачи или поддршка при вработување – 25 поени.

Искуство во внесување податоци, подготовка на извештаи и timesheets

15

Основно административно искуство – 5 поени;

Искуство со внесување податоци и подготовка на кратки извештаи – 10 поени;

Докажано искуство со извештаи, бази на податоци и timesheets – 15 поени.

Познавање на локалниот контекст и мотивација за работа

15

Ограничено познавање и општа мотивација – 5 поени;

Добро познавање на локалниот контекст и јасна мотивација – 10 поени;

Одлично познавање на локалната ромска заедница, релевантни институции/компании и силна мотивација – 15 поени.

Вкупно 100

Бодувањето ќе се врши врз основа на доставената биографија, релевантното искуство, мотивацијата на кандидатот.

Минималниот резултат за поминување на техничката евалуација е 50 поени.

Со најдобро рангираните кандидати може да биде организиран краток разговор/интервју пред финалната селекција.

Потребни документи за аплицирање

Кандидатите треба да ги достават следните документи:

1. Лична биографија – CV

2. Мотивациско писмо во кое кандидатот треба да одговори на следните прашања:

  • Зошто аплицирате за оваа позиција?
  • Какво релевантно искуство имате во работа со ромската заедница?
  • Какво искуство имате во поврзување на невработени лица со компании, обуки или институции?
  • Кои се вашите најзначајни достигнувања поврзани со оваа позиција?

Мотивациското писмо треба да биде максимум 400 зборови.

Начин на аплицирање

Рокот во врска со поставување на прашања и појаснување во врска со повикот е до 17.06.2026. Документите за апликација треба да се достават најдоцна до 20.06.2026 до 17:00 часот на следната е-маил адреса: [email protected], и [email protected] со назнака/наслов на е-маилот: Апликација за фасилитатор за економски развој и вклучување на пазарот на труд

Некомплетните апликации и апликациите доставени по истекот на рокот нема да бидат земени предвид.