Ние, ромските организации од Северна Македонија, најостро ја осудуваме јавната изјава на советникот од партијата Македонска акција – Конзервативна партија (МААК), Љубе Темелков, во која тој повикува на забрана на гласачкото право на лицата кои живеат во одредени населби во Општина Неготино.
Во својата изјава објавена на личниот профил на социјалната мрежа Facebook, Темелков користи навредлив и деградирачки речник, нарекувајќи ги жителите од овие населби „Ѓупци“, и изјавува:
„Во Криволак… ова се однесува за ѓупците во Криволак, ѓупска работа и ѓупците ќе решаваат во Општина Неготино за да живееме во здрава животна средина… Нас на 15.920 гласачи 1000 ѓупци ќе ни кажуваат што да правиме и ќе решаваат за судбината во Неготино. Тоа не може да биде и на ѓупците треба да им се забрани да гласаат, мора да одговараат за криминалот… Во Војшанци… и таму ѓупците…“
(видеоматеријал од 22.10.2025, минута 04:18)
Понатаму, во видеото од 6:23 минута тој дополнително додава:
„Граѓани на Општина Неготино – од 80.577 гласа за советници и 610 неважечки ливчиња, Ѓупа дојде да ни кажува ние во каков град ќе живееме.“
Со ваквите изјави Темелков шири антициганистички наратив, кој традиционално е поврзан со ромската заедница, при што се засилуваат предрасудите, дискриминацијата и исклучувањето на Ромите од јавниот и политичкиот живот.
Таквиот говор не само што ја навредува и деградира ромската заедница, туку и се квалификува како говор на омраза, бидејќи содржи елементи на поттикнување на омаловажување врз основа на етничка припадност.
Во неговата последователна објава на Facebook на 23.10.2025 година, Темелков тврди дека не ги спомнува Ромите и дека зборот „ѓупци“ не го користи за да навреди етничка заедница, туку за „поткупувачи на гласови“, наведувајќи дека:
„Ако некоја заедница се има препознаено во мојата изјава, тоа е грешка…“
Сепак, во друго видео објавено истиот ден, на истата страница, тој јавно изјавува:
„Ромите треба да се извинат на Македонците за нарушување на легалитетот, законивоста на изборниот процес, на локалните избори за советници и за градоначалник, посебно на граѓаните на Неготино… Дали се станува советник и градоначалник со купени гласови?“
Ако ги повикува Ромите да се извинат, тогаш е јасно дека зборот „ѓупци“ го користи токму како замена и навредлив израз за ромската заедница.
Со оваа серија изјави, Темелков користи антициганистички говор кој негативно влијае врз ромската заедница, а со тоа се квалификува како говор на омраза, бидејќи користениот наратив директно се поистоветува со Ромите во јавниот дискурс.
Како организации, ја поддржуваме транспарентноста на изборниот процес и активно придонесуваме кон зајакнување на демократијата во државата.
Но, истовремено сме должни да реагираме на јавни изјави и говори што негативно влијаат врз ромската заедница, го нарушуваат нејзиното достоинство и поттикнуваат нетрпеливост во општеството.
Повикот за одземање на гласачко право врз основа на етничка припадност е опасен преседан и недозволив облик на расизам во едно демократско општество.
Граѓаните Роми се рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, и нивниот глас има иста вредност како и на сите други.
Во нашето општество нема место за расизам. Ние сме мала држава и ваквото ниво на омраза нема иднина.
Апелираме до сите политички субјекти, институции и медиуми да покажат јасна нулта толеранција кон расизмот и антициганизмот и да придонесат кон изградба на општество засновано на еднаквост, достоинство и почит.
Ќе го следиме случајот, ќе реагираме јавно и доколку нема јавно извинување ќе го пријавиме случајот до соодветните институции.
- Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико
- Здружението Асоцијација Иницијатива за Социјална Промена- ИнСоК
- Здружение за развој на ромската заедница СУМНАЛ
- Здружение на граѓани – Ромски Ресурсен Центар (РРЦ)
- Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА
- Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари
- Едукативен медиумски центар 24 Вакти
- Ромаверзитас Скопје
Регионален Хаб во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите во Западен Балкан“









