Институтот за истражување и анализа на политика „Ромалитико“ го спроведува проектот „Проект на УСАИД за инклузија на Ромите“, поддржан од Агенција на САД за меѓународен развој (УСАИД).
Целта на Проект на УСАИД за инклузија на Ромите е да ја мотивира Ромската заедница и граѓанските организации да преземат лидерски улоги во развојот и спроведувањето на националните стратегии и политики кои се однесуваат на вклученоста на Ромите, да ги следат и држат владините институции за одговорност кон решавање на ромските прашања и потреби.
1. ЦЕЛ НА ПОВИКОТ
Целта на овој повик е да се обезбеди финансиска поддршка за граѓански организации кои ќе дизајнираат предлог проект (акција) со активности кои нудат правна поддршка и застапување на Ромската заедница, за едно или повеќе од следните прашања:
- Поддршка на Ромите во добивањето државјанство, регулирање на статусот на лица без државјанство и нерегистрирани лица, поддршка на реинтеграцијата на Ромите повратници од трети земји како баратели на азил, регулирање на имотните права (легализација) и домувањето;
- Застапување на судски спорови за дискриминација на Ромите и кршење на човековите права пред локални институции и судови;
- Застапување на случаи поврзани со полициска бруталност
- Други прашања кои ги засегаат основните човекови права
Еден (1) предлог проект (акција) може да содржи активности во поддршка на една (1) или повеќе од наведените прашања. Различните активности можат да бидат искомбинирани во еден предлог проект.
2. СОДРЖИНА НА ПРЕДЛОЖЕНИТЕ АКЦИИ
Проектните апликации треба да содржат проектни активности во насока на остварување на дефинираната цел на повикот. Правното застапување, застапувањето пред институциите треба да има централно место во предложените проекти. Проектите треба да предвидат конкретна методологија за избор на предмети, случаи за правно застапување, која што треба да е придружен документ на самиот повик.
Една организација може да аплицира како носител на проектот во рамките на повикот, додека пак други организации можат да се јават како партнери во проектите.
Спроведувањето на акциите треба да се одвива до декември 2023 година. Овој период ги вклучува и подготвителните активности како и подготовката на завршниот наративен и финансиски извештај.
3. ГЕОГРАФСКИ ОПФАТ
Во рамки на повикот ќе се поддржат предлог проекти кои предвидуваат спроведување на активности на територија на Република Северна Македонија со фокус на следните 18 општини: Кичево; Велес; Гостивар; Виница; Неготино; Струмица; Кавадарци; Дебар; Кочани; Град Скопје; Битола; Прилеп; Крива Паланка; Радовиш; Берово; Штип; Куманово; Тетово.
4. РАСПОЛОЖЛИВИ СРЕДСТВА
Вкупната сума на расположливи средства за акциски грантови во рамки на проектот е 45.000 (УСД) американски долари во денарска противвредност. Планирано е да се доделат не повеќе од 1 (еден) грант во износ од 45.000 (УСД) американски долари во денарска противвредност за спроведување на активности во предложената временска рамка.
Ромалитико го задржува правото да го смени овој износ (да го намали или зголеми) во зависност од резултатите од овој Повик. Конечниот договорен износ ќе биде усогласен со апликантот пред потпишување на договорот.
5. ГЕНЕРАЛНИ КРИТЕРИУМИ ЗА УЧЕСТВО ВО ПОВИКОТ
Организациите кои се заинтересирани да учествуваат на повикот (носителите на проектот и партнерските организации) мора да ги исполнуваат следниве општи критериуми:
– да биде граѓанска организација, здружение, асоцијација или фондација, регистрирана согласно Законот за здруженија и фондации;
– да биде активна на локално ниво и/или национално ниво;
– да има искуство во работа со обезбедување на услугите наведени во самиот повик;
– времетраењето на грантот е предвидено до декември 2023;
– буџетот на грантот смее да го надминува износот предвиден во повикот;
6. ПОДОБНИ/НЕПОДОБНИ ТРОШОЦИ
Најголем дел од вообичаените оперативни трошоци ќе бидат подобни, вклучително:
– Трошоци за хонорари на персоналот вклучен во спроведување на проектот; (максимум до 30% од вкупната вредност на проектот);
– Дел од редовните оперативни трошоци на граѓанските организации (канцелариски трошоци, кирија, телефонски сметки, итн.) кои се релевантни за предложената акција(максимум 10% од вкупната вредност на проектот);
-Трошоците поврзани со правно застапување, административни, судски и други трошоци кои произлегуваат од застапувањето треба да изнесуваат максимум 60% од вкупната вредност на проектот.
За акциските грантови во рамките на повикот, следните трошоци нема да се сметаат за подобни:
-Трошоци за активности кои се започнати пред денот на потпишување на договорот за грант;
-Трошоци за активности кои се завршени до/на денот на потпишување на договорот за грант;
-Трошоци што се финансиски поддржани од друг донатор;
-Проекти кои поддржуваат политички партии;
-Купување возила, ИТ техника, мебел и друг инвентар;
-Купување или реновирање (делумно или во целост) на недвижнини (земја, згради, итн.)
-Давање кредити на трети лица;
-Долгови и давачки за подмирување на долг;
-Акции поврзани само или во најголемиот дел со индивидуални спонзорства за учество во работилници, семинари, конференции и конгреси и други настани.
-Трошоци за даноци (ДДВ)*
*Апликантите со кои ќе биде склучен договор ќе треба самостојно да спроведат постапка за ослободување од ДДВ по основ на странска донација во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), во соработка со Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико.
7. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ И НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПРИЈАВИТЕ
Граѓанските организации аплицираат со пополнување на пријава која е потребно да ги содржи следниве документи:
- Уредно пополнет образец за предлог проект
- Уредно пополнет образец за предлог буџет
- Копија од решението за регистрација на организацијата издадено од Централен регистар или тековна состојба од Централниот регистар
Потребните документи можете да ги симнете од следниот линк.
Целосна апликација со сите придружни документи наведени погоре треба да се испратат единствено во електронска форма на [email protected] (со назнака во Subject: Application-03/2022), не подоцна од 17.30 часот, на 30 јуни 2022 година.
Забелешка: Во случај на некомплетна документација, апликацијата нема да биде предмет на понатамошна квалитативна евалуација и ќе се смета за одбиена. Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, нема обврска после поднесена апликација во рамки на рокот за аплицирање да известат организација апликант дека нејзината документацијата е некомплетна.
8. РОКОВИ
- Доставување на апликации: 30 јуни 2022 година, 17.30 часот
- Поставување прашања на електронска пошта со наведен референтен број во предмет на пораката: QA-03/2022 до 3 Јуни 2022.
- Објавување на поддржаните акции и склучување на договори: јуни-август 2022.
- Спроведување на активностите: јули 2022– декември 2023 година.
9. ОЦЕНУВАЊЕ И ИЗБОР
Предлозите ќе се оценуваат од страна на Комисија на оценувачи која ќе биде формирана за целите на оваа активност. Селекцијата на ГО ќе се врши врз основа на однапред воспоставени критериуми за избор кои се дел од овој повик. Изборот на организациите на кои ќе се додели грант ќе се одвива во две фази и тоа:
- Оценување на пријавите
- Пријавата за предлог-проект и буџетскиот образец се целосно и соодветно пополнети и ги вклучуваат потребните прилози (копија од решение за регистрација на организацијата или тековна состојба);
- Поднесувањето на апликацијата е извршено во временскиот рок наведен во Повикот;
- Организацијата ги исполнува генералните критериуми за учество на Повикот:
- Квалитативна евалуација на предлог проектите:
Бодирањето на предлог проектот ќе се врши според следната скала:
- Организациски капацитет и резултати од минато работење (максимум 20 поени):
- Искуство во работа со ромската заедница и другите целни групи на проектот (јавни институции итн.) (10 поени)
- Искуство на кадарот за реализација на проектните активности, како и административни, финансиски и управувачки капацитети (10 поени);
- Технички пристап (максимум 50 поени)
- Предлог-концепт на активности во согласност со целите на повикот (30 поени):
- Методологија за избор и приоретизирање на предмети за правно застапување (10 поени)
- Соработка со Ромската заедница (10 поени).
- Предлог – буџет (максимум 30 поени):
- Трошковна ефективност (20 поени);
- Адекватна можност за финансиско управување (10 поени);
*Одлуката на Комисијата за избор на грантови е конечна. Апликантите по добиеното известување за одбивање на доставената пријава, а коишто сметаат дека биле оштетени поради грешка или нерегуларност во текот на процесот, може да поднесат приговор до Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико.
Приговорите мора да бидат поднесени во пишана форма, во рок од 10 дена по известувањето за одбивање, а треба да се поднесе лично на адресата на Ромалитико , ул. Аминта Трети (Ленинова) бр.33А/1-25, 1000 Скопје.
Поднесувањето приговор нема да го одложи или промени процесот на склучување договорисо избраните апликанти. Ромалитико ќе одговори на сите приговори во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на приговорот.
10. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
За организациите кои ќе бидат избрани ќе биде организирана средба за појаснување на правата и обврските што произлегуваат од доделувањето на финансиската поддршка. Сите организации кои се пријавиле ќе бидат известени за резултатите од Повикот.
Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико, го задржува правото да не додели дел или сите расположливи средства и истите да ги пренамени за идни повици.