Проектниот тим на Заедно за просперитетна заедница се сретна со градоначалникот на општина Ѓорче Петров со цел да се разгледаат можностите за имплементација на локални иницијативи предложени од страна на Ромската заедница во оваа општина. На градоначалникот г-дин Александар Стојкоски му беа презентирани проблемите на ромската заедница кои беа мапирани од страна на локалната структура и можностите и начините како дел од проблемите можат да се решат во рамки на проектот. Меѓу другото се разговараше и за унапредување на соработката со локалната самоуправа и како општината може да се вклучи во планираните иницијативи на заедницата.

На средбата детално беше презентирана иницијативата на заедницата за поставување на бекатон плочки и улично осветлување со соларно напојување на улицата 14 во населба Геге, а се оствари и теренска посета на лице место.

За поздравување е спремноста на општината да излезе во пресрет во решавање на проблемите на заедницата со вклученост во конкретни иницијативи произлезени од самата заедница во оваа општина.

Иницијативите на заедницата се поддржани од проектот Заедно за просперитетна заедница во рамки на Програмата на УСАИД за развој на заедниците, имплементирана од Институтот за истражување и анализа на политики во партнерство со РЕДИ, Романо Авази и Ромаверзитас.