Почитувани,

Ние, долупотпишаните Ромки, активистки и граѓански организации од Република Северна Македонија и други европски земји, со ова писмо ја изразуваме нашата длабока загриженост за неодамнешниот случај на фемицид на 36-годишната Рамајана Асан од Шуто Оризари, која беше убиена од нејзиниот вонбрачен партнер во присуство на нејзината 5-годишна ќерка во нејзиниот дом на 03 мај 2025 година околу 15 часот.

И покрај повеќе пријави за семејно насилство од страна на Рамајана – вклучително и во присуство на нејзиниот татко и други сведоци – надлежните органи не покренаа кривична постапка ниту презедоа заштитни мерки.7 Според меѓународното право, вклучувајќи ја и Истанбулската конвенција, ратификувана од страна на Република Северна Македонија, полицијата има обврска да постапува по службена должност кога постои разумно сомневање за семејно насилство, без оглед на инсистирањето на жртвата. Во случајот на Рамајана, полициските службеници ги игнорирале нејзините поплаки, уверувајќи ја дека ќе се „смири“ со насилникот, наместо да извршат проценка на ризик или да покренат кривична постапка.8

Иако стандардните полициски протоколи бараат од полициските службеници да направат проценка на ризикот, да соберат докази и да приведат кога постои основано сомнение за семејно насилство, по се изгледа дека тие не биле почитувани во овој случај. Ваквиот однос кон жртвата значително отстапува од добрите практики во постапувањето со случаи на семејно насилство, кои подразбираат сериозно третирање на сите пријави, водење приватни разговори, собирање докази и преземање итни мерки кога има опасност. Недостатокот на брза, темелна и жртвоцентрична институционална реакција – од страна на полицијата, социјалните служби и правосудството – укажува на системска негрижа која мора веднаш да се адресира. Ова укажува на неисполнување на обврските на државата според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и Истанбулската конвенција.

Овој случај е показател на пошироки системски пропусти во спречувањето на родово базирано насилство, особено врз Ромките кои се соочуваат со повеќекратна дискриминација. Жените и девојките Ромки се соочуваат со вкрстена (интерсекциска) форма на дискриминација, што ги става во понеповолна положба од другите жени и Роми мажи. Европскиот парламент уште во 2004 година во својата резолуција утврди дека Ромките се меѓу најзагрозените групи, а во 2013 изрази жалење што и покрај резолуцијата од 2006 година, „ранливата положба на Ромките останува неадресирана од националните и европските политики“.

Според официјалните податоци од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Ромките се меѓу најпогодените од насилство и најнезаштитените. Само во 2024 година, во Северна Македонија се регистрирани 142 случаи на семејно насилство врз Ромки. Дополнително, 20% од жртвите на трговија со луѓе се жени Ромки.

Извештајот „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, законска рамка и судска пракса (2018-2022)“9 идентификуваше 17 кривични гонења за фемицид со 19 женски жртви. Извештајот утврди дека фемицидите главно се случуваат во домовите на жртвите, а извршители најчесто се сегашни или поранешни партнери – како и во случајот на Рамајана. Истражувањата покажуваат дека во повеќето случаи жртвите претходно пријавувале насилство, но не добиле соодветна заштита. Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во 2022 година имало 1.117 случаи на семејно насилство, при што мажи биле главни сторители: сопрузи (474 случаи), синови (171) и интимни партнери (119). Во истата година, семејното насилство резултирало со седум убиства и две обиди за убиство, што укажува на системски пропусти во превенцијата.10

Центарот за поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство „ИСИ АРКА“, основан во Шуто Оризари во септември 2023 година, документирал бројни случаи кои покажуваат дека Ромките се соочуваат со сериозни пречки при пријавување семејно насилство, засилени од дискриминација.11 Жените од оваа заедница често изразуваат чувство на напуштеност од институциите, наведувајќи бавни и неадекватни реакции, како што е случајот и со Рамајана.

Со оглед на горенаведеното, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и начелата на транспарентност и одговорност, бараме:

 

Од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство:

  • Детален извештај за дејствијата преземени од полицијата по секоја пријава од
    жртвата или нејзиното семејство, вклучително со датуми, вклучени службени лица и донесени одлуки.
  • Дали се поведени дисциплински или кривични постапки против службени лица кои не постапиле според законските обврски.
  • Копија од внатрешните протоколи или упатства за постапување во случаи на семејно насилство, и дали истите биле следени во конкретниот случај.
  • Број на обучени полициски службеници од Полициската станица во Шуто Оризари за постапување при случаи на семејно и родово базирано насилство.

 

Од Министерството за труд и социјална политика:

  • Дали жртвата била контактирана или поддржана од Центарот за социјална работа, и ако да, кои мерки биле преземени.
  • Број на обучени вработени во Центарот за социјална работа специјализирани за постапување со семејно насилство.
  • Кои услуги за поддршка ѝ биле понудени на жртвата (прифатилиште, советување, финансиска помош) и дали била информирана за нив.

 

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација:

  • Дали е поведена постапка по службена должност за да се утврди дали институционална дискриминација врз основа на етничко и социјално потекло придонела за неуспехот во заштитата.

 

Од Народниот правобранител:

  • Дали е отворена истрага за пропуст на јавните институции во заштитата на жртвата.

 

Ова барање е поднесено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и обврските на Северна Македонија според Истанбулската конвенција.12

Бараме итно:

  • Фемицидот на Рамајана Асан во Шуто Оризари да биде правилно квалификуван како убиство сторено во контекст на родово базирано насилство.
  • Одделот за внатрешна контрола да спроведе детална истрага за постапувањето на полицијата.
  • Независна и итна истрага за институционалните реакции во овој и претходни случаи на фемицид, согласно член 4 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените.
  • Воспоставување на прифатилиште (сигурна куќа) и СОС линија на ромски јазик, со институционална поддршка, достапна за Ромките од Шуто Оризари и пошироко.
  • Континуирани обуки за сите релевантни институции за интерсекциска дискриминација и заштита на жртви.
  • Активно учество на ромските организации во креирањето, имплементацијата и следењето на мерки за родова еднаквост.

Очекуваме транспарентен одговор во рокот пропишан со закон. Добиените информации ќе придонесат за подобро разбирање на системските пропусти и превенција на идни трагедии.

За понатамошна комуникација, ве молиме контактирајте нè преку е-пошта на :
[email protected]

Со почит,

Ромки активистки:

1. Есма Веселовски (Шведска)
2. Анна Снежана Јашаровска (Шведска)
3. Саманта Селимовиќ (Шведска)
4. Сенада Сали (Северна Македонија)
5. Селвије М. Алкан (Северна Македонија)
6. Тања Савиќ (Србија)
7. Марија Сулејманова (Северна Македонија)
8. Фикрија Таир (Северна Македонија)
9. Алмира Реџепи Усеин (Северна Македонија)
10. Гулистан Вејсел (Шведска)
11. Салија Љатиф Петрушовска (Северна Македонија)
12. Сунита Меметовиќ (Шведска)
13. Силвија Амедовска (Данска)
14. Биљана Трајковиќ Радемакерс (Германија)
15. Ипек Усаинова (Северна Македонија)
16. Сузан Амет (Северна Македонија)
17. Фатима Османовска (Северна Македонија)
18. Надире Реџепи (Северна Македонија)
19. Симона Торотоцои (Романија)
20. Мерита Мустафи (Северна Македонија)
21. Шенас Имер (Северна Македонија)
22. Дилбера Камберовска (Северна Македонија)
23. Себијан Фејзула (Северна Македонија)
24. Зухријана Саити Реџепи (Северна Македонија)
25. Надире Селман (Северна Македонија)
26. Радојка Морина (Србија)
27. Инес Џемаил (Северна Македонија)
28. Кјмет Амет (Северна Македонија)
29. Бак Дидар (Италија)
30. Фатма Бајрам Аземовска (Северна Македонија)
31. Љиљана Хлемиќ (Шведска)
32. Салија Бекир Халим (Северна Македонија)
33. Реџепи Љуљзиме (Северна Македонија)
34. Алтна Сефер (Северна Македонија)
35. Беара Рамадaнова (Северна Македонија)
36. Иријет Османи (Белгија)
37. Ајтен Хасан (Италија)
38. Сенада Јашар (Северна Македонија)
39. Севдије Салим (Северна Македонија)
40. Азиза Сали (Северна Македонија)
41. Фата Салим (Северна Македонија)
42. Вивиен Брасои (Унгарија)
43. Мањола Веизи (Албанија)
44. Алба Ернандез Санчез (Шпанија)
45. Алдеса Георгиана Линкан (Романија)
46. Анико Оршош (Унгарија)
47. Кат Југраву (Романија)
48. Кармен Георге (Романија)
49. Сандра Кармона (Шпанија)
50. Имола Малек (Унгарија)
51. Антонела Лерка Дуда (Романија)
52. Ибоља Венцлер (Унгарија)
53. Елизабет Емилија Венцлер (Австрија)
54. Лејла Зекировска (Северна Македонија)
55. Мартина Иљаз (Северна Македонија)
56. Антоанета Андреева Илиева (Бугарија)
57. Марија Георгијана Думитру (Романија)
58. Јудит Игнац (Унгарија)
59. Лорена Имре (Унгарија)
60. Џенифер Џеладин (Австрија)
61. Елма Демировска (Северна Македонија)
62. Ајсел Амет (Северна Македонија)
63. Бедрија Ајдини (Северна Македонија)

Организации:

1. Европски центар за права на Ромите, AISBL (Белгија)
2. Џувљано вас (Шведска)
3. Џелем џелем лунгоне дроменцар (Шведска)
4. Ромска Европска Унија Јекихпе (Белгија)
5. Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико (Северна Македонија)
6. Здружение МИР Скопје (Северна Македонија)
7. НВО ДАЈА Куманово (Северна Македонија)
8. Здружение на жени Ромки ЕСМА Скопје (Северна Македонија)
9. Ромско здружение на жени – Руж Браничевски округ (Србија)
10. Ромска асоцијација за жени и млади ЛУЛУДИ (Северна Македонија)
11. Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари (Северна Македонија)
12. Hand by hand (Италија)
13. Amrita OBK Association (Унгарија)
14. ERC (Едукативни Центар Рома) – (Србија)
15. Женска Ромска Иницијатива Жабаљ (Србија)
16. Феминистички Колектив на Ромски Родови Експертки (ЕУ)
17. Romnja Feminist Library (ЕУ)
18. BARE Bündnis (Германија)
19. Здружение Тара (Унгарија)
20. Центар за права на Ромките (Албанија)
21. Ромски културен и медија центар Бариканипе (Северна Македонија)
22. Здружение на правници Роми(Северна Македонија)
23. Здружение за Перспективна Интеграција и Развој Рома Перспектив-Прилеп (Северна Македонија)
24. Ромски Ресурсен Центар РРЦ Скопје (Северна Македонија)

ЛИНК ДО ОФИЦИЈАЛНОТО ПИСМО

___________

7 Партнерот на Рамајана ја убил пред 5-годишната ќерка | Сител Телевизија.

8 Според Член 50 од Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција), и во согласност со Законот за кривична постапка на Северна Македонија, надлежните органи за спроведување на законот се должни да постапуваат со соодветна стручност и да започнат службена истрага и гонење по службена должност во случаи на семејно насилство. Оваа обврска особено важи кога постојат докази за повторено насилство, видливи повреди или закани по животот на жртвата. Непостапувањето може да претставува повреда на позитивните обврски на државата за заштита на животот и спречување на нечовечко или понижувачко постапување, согласно Членовите 2 и 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), како што се толкувани од Европскиот суд за човекови права во случаи како Opuz против Турција (2009) и Kurt против Австрија (2021).

9 „Фемицид во Република Северна Македонија: Состојба, Правна Рамка и Судска Практика (2018–2022)“, достапно на: https://femplatz.org/library/publications/2023-09_femicide-report-nmk-2023-nmk.pdf.

10 Програмата за развој на Обединетите нации – Северна Македонија. (10 јули 2023). Конечно слободни: Кршење на синџирите на семејното насилство. UNDP Северна Македонија. Достапно на: https://www.undp.org/north-macedonia/stories/free-last-breaking-chains-domestic-violence.

11 „Анализа на соодветна заштита, помош и поддршка за жртвите на родово базирано и семејно насилство“, достапна на: https://zenisutoorizari.org.mk/wp-content/uploads/2025/02/Анализа-Соодветна-заштита-помош-и-поддршка.pdf.

12 Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција), достапна на: https://rm.coe.int/168008482e.