Денес, по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, во Собранието на Република Северна Македонија се одржа настанот „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“. Настанот обедини претставници на институциите, меѓународната заедница, пратеници и претставници на ромската заедница околу заедничката заложба за поголема инклузија, видливост и еднаков пристап до права. Настанот беше организиран во соработка со Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, со поддршка на Националниот демократски институт, Ромалитико и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во рамки на панел-дискусијата за одржлива инклузија и правен идентитет, на која учествуваше и Елвис Шаќири, извршен директор на Ромалитико, беа отворени важни прашања поврзани со системските предизвици со кои се соочува ромската заедница. Во своето излагање, Елвис Шаќири истакна дека би било особено значајно Интерпартиската парламентарна група во текот на оваа година својата работа да ја фокусира на неколку клучни прашања: надминување на сегрегацијата во основното образование, за која Европскиот суд за човекови права во Стразбур веќе има донесено пресуда; забрзано решавање на предметите за легализација на бесправно изградени објекти; како и овозможување пристап до основно образование за Роми со одмината возраст, што понатаму би придонело и за нивно поактивно вклучување на пазарот на трудот.

Во оваа насока, Ромалитико е подготвен да ја преземе улогата на Секретаријат и да обезбедува стручна и техничка поддршка на Интерпартиската парламентарна група во процесот на подготовка и унапредување на законските измени.

Како Ромалитико, остануваме посветени на унапредување на правниот идентитет, еднаквиот пристап до права и креирање конкретни решенија за надминување на структурните нееднаквости со кои се соочуваат Ромите. Веруваме дека токму преку јасен институционален фокус, соработка и политичка волја, овие прашања можат да добијат реален напредок.