Датум на објава: 03.11.2026
Краен рок за аплицирање: 03.12.2026 до 17:00 часот
Период на ангажман: 01.01.2027 – 31.03.2029
Тип на ангажман: Проектен ангажман
За проектот
Институтот за истражување и анализи на политики – Ромалитико, со поддршка од We Effect, го спроведува проектот насочен кон вклучување на Ромите на пазарот на труд преку зајакнување на посредувањето, поврзување со компании, пристап до обуки, образование и користење на дигиталната платформа Balkan Job Market.
Проектот има за цел да одговори на постојниот јаз помеѓу побарувачката за работна сила од страна на компаниите и ограничениот пристап на Ромите до формални можности за вработување. Иако на пазарот на труд постои потреба од работници, особено во сектори со ниски и средни квалификации, голем број Роми остануваат исклучени поради ограничен пристап до информации, недоволна поддршка, слаба поврзаност со работодавачи, недостиг на вештини, документи или завршено образование.
Проектот ќе работи на подобрување на функционирањето на системот преку комбиниран модел кој вклучува:
- теренска работа со ромската заедница;
- профилирање и поддршка на невработени Роми;
- поврзување со компании;
- користење на дигиталната платформа Balkan Job Market;
- упатување кон обуки, сертификација и образование за возрасни;
- поддршка за стекнување лични документи каде што е потребно;
- следење на вработувањето и задржувањето на работното место.
Проектните активности ќе се спроведуваат во општини со значително ромско население, вклучувајќи: Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Тетово, Гостивар, Неготино, Кочани, Виница, Берово, Штип, Струмица, Кавадарци и Делчево.
Ангажирање на специјалист/ка за мониторинг и евалуација
Ромалитико објавува повик за ангажирање на еден/една специјалист/ка за мониторинг и евалуација, кој/а ќе има клучна улога во систематското следење на напредокот, квалитетот на податоците, мерењето на резултатите и проектното известување.
Специјалистот/ката ќе ја применува методологијата за мониторинг и мерење на резултати на We Effect и проектната рамка на резултати. Ангажманот не предвидува развивање посебна методологија, туку доследна примена на постојните насоки, индикатори, обрасци и правила за верификација и известување.
Работата ќе се одвива во тесна координација со проектниот тим, фацилитаторите, We Effect и другите релевантни партнери, со теренски мониторинг посети во целните општини согласно годишниот обем на продукти.
Главни должности и одговорности
Избраниот/ата специјалист/ка ќе биде одговорен/на за следните задачи:
- Учество на подготвителна обука/работилница за примена на методологијата за мониторинг и мерење на резултати на We Effect, проектните индикатори, алатките за прибирање податоци и начинот на известување.
- Доследна примена на постојната методологија на We Effect, проектната рамка на резултати, дефинициите на индикаторите, обрасците и барањата за верификација.
- Подготовка и редовно ажурирање на оперативен план и календар за мониторинг, во рамки на методологијата и насоките на We Effect.
- Воспоставување и одржување консолидирана база и матрица за следење на индикаторите, со соодветно расчленување на податоците, вклучително по пол и возраст, каде што е применливо.
- Прибирање, прегледување и консолидирање податоци од фацилитаторите, проектниот тим, работодавачите, давателите на обуки и релевантните институции.
- Проверка на навременоста, целосноста, точноста и конзистентноста на податоците, придружните докази и согласностите за обработка на лични податоци.
- Следење на патеката на корисниците од регистрација и профилирање, преку упатување кон услуги, обуки и работодавачи, до вработување, задржување на работното место и други релевантни резултати.
- Спроведување 12 теренски мониторинг посети годишно, со краток извештај за секоја посета, како и документарни проверки на квалитетот на податоците, евидентирање на утврдените недостатоци и предлагање корективни мерки.
- Обезбедување практични насоки и поддршка на фацилитаторите и проектниот тим за правилно прибирање, внесување, чување и известување на податоците.
- Подготовка и доставување два полугодишни извештаи годишно, со валидација на постигнатите таргети, ажурирана матрица на индикатори и придружни докази.
- Обезбедување верификувани податоци и наративни придонеси за полугодишните, годишните и другите проектни извештаи согласно барањата на We Effect.
- Подготовка на шест успешни стории годишно и документирање научени лекции, добри практики и релевантни промени на системско и политичко ниво.
- Учество на координативни состаноци со Ромалитико, We Effect и други релевантни чинители.
- Почитување на доверливоста, заштитата на личните податоци и принципите за етичко прибирање и користење податоци.
Очекувани резултати и продукти од специјалистот/ката за мониторинг и евалуација
Од специјалистот/ката ќе се очекува да ги испорача предвидените продукти и да придонесе кон следните резултати:
- функционален и редовно ажуриран систем за мониторинг и мерење на резултати, усогласен со методологијата на We Effect;
- навремени, целосни, точни и соодветно расчленети податоци;
- веродостојно следење на проектните индикатори со достапни и уредно архивирани докази;
- подобрен квалитет на прибирањето, внесувањето и известувањето на податоците од страна на фацилитаторите и проектниот тим;
- два полугодишни извештаи годишно со валидација на постигнатите таргети и квалитетни придонеси кон проектното известување;
- навремено идентификувани отстапувања, ризици и потребни корективни мерки;
- шест успешни стории годишно, документирани научени лекции, добри практики и релевантни системски промени;
- 12 теренски мониторинг посети годишно, документирани со поединечни извештаи, наоди и препораки.
Начин на исплата
Исплатата на специјалистот/ката ќе се врши врз основа на испорачани и одобрени продукти (deliverables), согласно прифатената финансиска понуда и договорот за ангажман. За секој вид продукт ќе се утврди единечна цена. Износот за исплата ќе се пресметува според бројот на испорачани и одобрени продукти и соодветната договорена единечна цена.
Годишниот обем на продукти врз основа на кои ќе се врши исплатата е:
- Два полугодишни извештаи со валидација на постигнатите таргети, споредба на планираните и постигнатите вредности, ажурирана матрица на индикатори, придружни докази и анализа на отстапувањата и потребните корективни мерки.
- Шест успешни стории за постигнатите резултати и промените кај корисниците, поткрепени со проверени податоци и соодветни согласности за користење на личните податоци.
- Дванаесет теренски мониторинг посети, со краток извештај за секоја посета кој содржи датум, локација, опфатени активности, извршени проверки, наоди, докази и препораки.
Исплатата ќе се реализира по проверка и одобрување на продуктите и придружната документација од страна на проектниот тим на Ромалитико. Роковите за испорака и динамиката на плаќање ќе бидат утврдени во договорот. Наведените количини се однесуваат на една целосна година од ангажманот; обемот на продукти за неполн годишен период ќе се утврди во договорот.
Потребни квалификации
Кандидатите треба да ги исполнуваат следните минимални услови:
- завршено високо образование во областа на општествените науки, економијата, статистиката, јавните политики, развојните студии или друга релевантна област;
- најмалку три години релевантно искуство во мониторинг и евалуација, мерење на резултати, управување со податоци и/или проектно известување во развојни проекти;
- практично искуство со рамки на резултати, индикатори, прибирање и верификација на податоци, бази на податоци и придружна документација;
- напредно користење на Microsoft Excel или споредливи алатки и способност за работа со бази на податоци и дигитални платформи;
- способност за подготовка на јасни анализи, наративни и мониторинг извештаи и успешни стории;
- активно познавање на македонски јазик и работно познавање на англиски јазик;
- добри аналитички, комуникациски и организациски вештини;
- подготвеност за спроведување 12 теренски мониторинг посети годишно во целните општини.
Предност ќе имаат кандидати кои имаат:
- искуство во мониторинг и евалуација на проекти поврзани со инклузија на Ромите;
- искуство со методологии за мерење на резултати и донаторско известување;
- искуство во работа со теренски тимови, фацилитатори, граѓански организации, компании и институции;
- искуство во проверки на квалитетот на податоците и примена на правила за заштита на лични податоци;
- познавање на ромски јазик.
Евалуација на апликациите
Сите пристигнати апликации најпрво ќе бидат предмет на административна проверка. Апликациите ќе се сметаат за некомплетни и ќе бидат отфрлени доколку недостасува некој од задолжителните документи.
Апликациите кои ќе ја поминат административната проверка ќе бидат оценувани според следните критериуми:
| Критериум | Максимум поени |
Објаснување за бодување |
|
Образование |
20 |
Диплома во релевантна област – 10 поени; диплома и M&E обуки/сертификати – 15 поени; релевантни магистерски студии и M&E обуки/сертификати – 20 поени. |
|
Релевантно искуство во мониторинг и евалуација |
20 |
3 години релевантно искуство – 10 поени; 4–5 години – 15 поени; повеќе од 5 години – 20 поени. |
|
Искуство со рамки на резултати, индикатори, бази, верификација и известување |
30 |
Основно практично искуство – 15 поени; значително искуство – 25 поени; сеопфатно искуство во сите наведени области – 30 поени. |
| Финансиска понуда | 30 |
Изборот се базира на принципот на најдобра вредност на понудата, при што финансиската понуда придонесува со максимум 30 поени за целокупната евалуација. Ќе се споредува вкупната годишна цена за предвидениот обем на продукти. Понудата со најниска вкупна годишна цена ќе добие 30 поени. Другите понуди ќе добијат пропорционален резултат според следната формула: 30 x (Најниска вкупна годишна цена / Предложена вкупна годишна цена).
|
|
Вкупно |
100 |
|
Бодувањето ќе се врши врз основа на доставената биографија, релевантното искуство и мотивацијата на кандидатот/ката. При евалуацијата на понудите, техничкиот дел ќе се оценува со 70% од вкупната оценка, додека финансискиот дел ќе се оценува со 30%. Вкупната оценка на секоја понуда ќе се утврдува врз основа на комбинираниот резултат од техничката и финансиската евалуација. Минималниот број на поени за да се помине техничката евалуација е 35 поени.
Потребни документи за аплицирање
Кандидатите треба да ги достават следните документи:
- Лична биографија – CV
- Мотивациско писмо во кое кандидатот/ката треба да одговори на следните прашања:
- Зошто аплицирате за оваа позиција?
- Какво релевантно искуство имате во мониторинг и евалуација, мерење на резултати, управување со податоци и проектно известување?
- Какво искуство имате со рамки на резултати, следење индикатори, верификација на податоци, бази на податоци и подготовка на проектни извештаи?
- Кои се вашите најзначајни достигнувања поврзани со мониторингот и евалуацијата – Мотивациското писмо треба да биде максимум 400 зборови.
- Изјава за односи – преземи урнек: Декларација за односи
- Финансиска понуда со единечна цена за секој вид продукт: еден полугодишен извештај со валидација на постигнатите таргети, една успешна сторија и една теренска мониторинг посета со краток извештај. Понудата треба да содржи и вкупна годишна цена за два полугодишни извештаи, шест успешни стории и 12 теренски мониторинг посети.
Начин на аплицирање
Рокот за поставување прашања и барање појаснување во врска со повикот е до 27.11.2026 до 17:00 часот. Документите за апликација треба да се достават најдоцна до 03.12.2026 до 17:00 часот на следните е-маил адреси: [email protected] и [email protected], со назнака/наслов на е-маилот: Апликација за специјалист/ка за мониторинг и евалуација.
Некомплетните апликации и апликациите доставени по истекот на рокот нема да бидат земени предвид.









