Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и организациите членки на Хабот во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите од Западен Балкан“ изразуваат загриженост и реагираат на употребата на навредливата ознака „КАЈ ЦИГАНИТЕ“ во корисничкиот систем на ЕВН Македонија.

До Ромалитико беше доставена фотографија од терминал за проверка и плаќање сметки, на која во делот „Приказ на долгови“ е прикажан ваков опис на мерно место. Употребата на погрдна етничка ознака во систем достапен за корисниците е неприфатлива и го повредува достоинството на ромската заедница.

Ваквото означување ги зајакнува предрасудите и придонесува кон нормализирање на антициганизмот во секојдневниот однос кон Ромите. Секој корисник има право на достоинствен, професионален и еднаков третман, без оглед на неговата етничка припадност.

Без да го прејудицираме начинот на кој ознаката била внесена, нагласуваме дека одговорноста за содржината во корисничкиот систем и за спречувањето на вакви практики е на компанијата. Поради тоа, од ЕВН Македонија бараме:

  • Итно отстранување на навредливата ознака и проверка на базата на мерни места и корисници за други погрдни или стигматизирачки описи врз етничка основа.
  • Јавно извинување до ромската заедница.
  • Внатрешна проверка на случајот и информирање за утврдените околности и преземените мерки.
  • Воведување јасни правила за внесување податоци и обуки за недискриминација и препознавање на антициганизмот, особено за вработените во теренските служби и центрите за корисници.

Очекуваме реакцијата да резултира со конкретни мерки што ќе спречат повторување на вакви случаи. Истовремено, повикуваме на дијалог и соработка меѓу ЕВН, ромските организации и заедницата за подобрување на комуникацијата и пристапот до услуги.Тешкотиите поврзани со долгови, исклучувања и недоволна информираност за достапните можности за поддршка бараат систематски пристап и непосредна комуникација со засегнатите домаќинства.

Во таа насока, предлагаме:

  • Информативна кампања на ромски и македонски јазик за правата и обврските на корисниците, достапните можности за репрограмирање долгови, поддршката за ранливите потрошувачи и безбедната употреба на електрична енергија.
  • Ангажирање ромски медијатори или контакт-лица што ќе ја олеснат комуникацијата со корисниците во населбите со бројно ромско население, вклучително и Шуто Оризари и Топаана.
  • Создавање можности за вработување и професионален развој на Роми во ЕВН, преку пракса и стажирање за млади, соработка со ромските организации при објавување огласи и стипендии за ученици и студенти по електротехника и сродни области.
  • Развивање заедничка годишна програма за општествена одговорност во ромските заедници, со јасни активности, мерливи цели и јавно известување за резултатите.

Почитувањето на достоинството и еднаквиот третман на сите корисници мора да бидат основа на секоја услуга. Очекуваме навремена реакција и јасна заложба од ЕВН за спречување на навредливи и дискриминаторски практики.

  • Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико
  • Здружението Асоцијација Иницијатива за Социјална Промена – ИнСоК
  • Здружение за развој на ромската заедница СУМНАЛ
  • Здружение на граѓани – Ромски Ресурсен Центар (РРЦ)
  • Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА
  • Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари
  • Здружение на граѓани Ромаверзитас – Скопје
  • Центарот за ромска заедница ДРОМ – Куманово
  • Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип
  • Рома Прес
  • Едукативен Медиумски Центар – 24 Вакти