Злоупотребата на квотите при упис во средните училишта е еден од проблемите со кои се соочува ромската заедница со што фиктивно се зголемува и бројот на ученици роми во средните училишта, велат од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико. Според нивните анализи од терен, само оваа година теренските соработници на тимот од „Ромалитико“ констатирале 100 до 150 деца кои ја злоупотребиле квотата при упис во средно училиште, па така наместо својата етничка припадност ја навеле ромската етничка заедница. Апелираат надлежните институции да постапат и на овој феномен да му пристапат со поголема сериозност при утврдување на фактичката состојба со која штетата се одразува на најмладите а тоа се децата роми кои треба да се дел од образовниот систем.

Во изминатиот период ние имавме дојави од терен дека се злоупотребува етничката припадност при запишување во средните училишта најчесто тоа се случува во гимназиите или во медицинските училишта. Според нашите дојави од терен се работи за околу 100 до 150 лица кои што лажно ја декларирале својата етничка припадност и тоа во општините Скопје, Штип, Битола, Прилеп и Тетово. Веруваме дека просветниот инспекторат што поскоро ќе постапи на терен и ќе ги утврди овие неправилности. Би сакал да напоменам и дека можеби добра пракса е тоа што во минатото при аплицирање за стипендирање како доказ за етничка припадност учениците кои што аплицирале за стипендии земаа потврди од страна на ромски невладини организации. Фактички самите организации им дава потврда за нивната етничка припадност и тоа служеше како доказ дека лицата навистина се од тој етникум, така да можеби тоа би бил еден од механизмите за во иднина да се спречуваат вакви злоупотреби. Така да, покрај изјавата да се доставува и потврда при упис во средните училишта.“ – вели, Елвис Шаќири од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

За оваа проблематика одговор побаравме од ресорното министерство за образование и наука. Министерката, Весна Јаневска вели дека за осуда е било каков вид на дискриминација и обидите на злоупотреба на етникумот во било кој случај, особено кога станува збор за младите од кои треба да очекуваме заедништво и едуцирани граѓани кои во иднина ќе придонесат за државата. Министерката Јаневска потенцира дека допреле до нив информациите за злоупотреба на етникумот при упис во средните училишта и  смета дека тоа е неморално и неетички но додава дека чувството за припадност е сепак променлива категорија кај секоја индивидуа.

„Етникумот е флуентна работа, тој е чувство и законот дозволув тоа да биде променливо. Злоупотребата е крајно неморална и неетичка и јас повторувам дека ја осудувам и сметам дека треба да има механизми со кои таквата злоупотреба би требало да се спречи. Доколку постојат вакви случаи ги охрабрувам да пријават во Државниот просветен инспекторат, во Државната комисија за спречување корупција, да пријават и до Министерството за образование за да можеме да постапиме. Инаку, училиштата, директорите, раководството на училиштето би требало да водат строга контрола на овој процес па и комисиите за упис но верувам дека тие работат по документи и ако се случило вакво нешто верувам дека не биле свесни. Но, доколку пак биле свесни тоа веќе е многу сериозен престап и прекршок.“ – вели, министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Од средното училиште на Град Скопје, гимназијата „Никола Карев“ велат дека при упис на учениците постојат строги критериуми кои мора да се почитуваат. Директорот,Андреј Манолев вели дека  врз основа на конкурсот  на МОН, за упис во прва година на учениците, децата од ромската националност имаат 10 поени согласно предвидената квота. Најниската квота при упис е 60 поени додека највисоката е 75 поени и врз основа на тоа се дава можност на децата од ромската националност да ја искористат таа поволност која ја нуди Конкурсот за упис на ученици во прва година средно. Директорот Манолев вели дека во гимназијата има запишани деца роми кои не ја искористиле  предвидената квота бидејќи се работи за одлични ученици кои и без предвидената квота ги исполниле критериумите во највисоката квота од 75 поени.

„Според извештајот на комисијата за рангирање при упис в нашето училиште во прва година има запишано едно ромче-ученик, просекот изнесува 75 поени според добиените информации сигурно ги нема искористено тие 10 проценти. Значи имаме еден ученик со 75 проценти целосно одличен ученик и на тој начин си влегол на ранг листата при уписот во нашето училиште. Додека во погорните години имаме во трета година две ромчиња, едно момче и едно девојче, и во 4-та година имаме уште едно момче од ромската националност кои се солидни ученици и учествуваат во сите активности кои ги организира нашето училиште.“ – вели директорот на СУГС гимназија „Никола. Карев” – Скопје, Андреј Манолев.

Квотите за запишување на ученици од ромската заедница се воспоставени со цел да се надминат историските и социјалните бариери кои оваа заедница ги доживува во пристапот до образование. Согласно со конкурсот за учебната 2024/2025 година, учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10% помалку поени од минималниот број поени предвидени за соодветните наставни планови и програми.

Злоупотребата на квотите може да има сериозни последици велат од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико . Прво, таквата злоупотреба ја поткопува довербата во образовниот систем и создава неправедна конкуренција меѓу учениците, второ, вистинските ученици од ромската заедница, за кои се наменети овие квоти, може да бидат исклучени или дискриминирани, наместо да добијат поддршка која им е неопходна на патот до успехот преку образованието.

Сунаи Сабриоски
Новинар