

ИЗВЕШТАЈ ОД КОНФЕРЕНЦИЈА
Презентација на Извештајот во сенка за Северна Македонија, 2025–2026 година
Датум: 21 октомври 2026 година
Место: Клуб на пратеници, Скопје
Организатор: Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико
Проект: „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите од Западен Балкан“
Финансиран од: Европската Унија
1. Вовед и воведни обраќања
На 21 октомври 2026 година, Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико организираше конференција за презентација на Извештајот во сенка за Северна Македонија, 2025–2026 година, во рамки на регионалниот проект „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите од Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија.
Конференцијата обедини претставници на националните институции, меѓународните организации и граѓанскиот сектор, со цел да се разгледа постигнатиот напредок, да се идентификуваат предизвиците во спроведувањето на политиките за инклузија на Ромите и да се отворат дискусии за идните приоритети и можности за соработка.
Во рамки на воведните обраќања, Мабера Камбери, раководител на Секторот за координација и техничка помош на министерот за социјална политика, демографија и млади, го истакна придонесот на проектите Roma Integration Phase III и ROMACT. Таа ја нагласи важноста на соработката со националните и локалните институции и позитивно ја оцени досегашната комуникација и заедничките активности реализирани преку овие иницијативи.
Рафаел Нивергелт, програмски менаџер во Делегацијата на Европската Унија, се осврна на идните приоритети на ЕУ, особено во делот на инвестициите во домување и инфраструктура. Тој ја истакна можноста за директна буџетска поддршка, при што приоритетите за финансирање ќе бидат дефинирани од страна на Владата. Дополнително, ги нагласи очекувањата на Делегацијата на ЕУ за усвојување на националните акциски планови за инклузија на Ромите.
Елвис Шаќири, извршен директор на Ромалитико, истакна дека главниот предизвик во инклузијата на Ромите не е недостатокот на политики, туку нивното недоволно спроведување. Тој ја нагласи потребата од поефикасно искористување на буџетските средства, поголема институционална одговорност и координација, потенцирајќи дека спроведувањето на Стратегијата претставува заедничка обврска на сите надлежни институции. Посебно беше нагласена потребата од активно вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето решенија и одржување отворен дијалог за заедничките приоритети.
2. Презентација на Извештајот во сенка
Во продолжение на конференцијата беа презентирани главните наоди, забелешки и препораки од Извештајот во сенка за Северна Македонија, 2025–2026 година, со осврт на постигнатиот напредок и предизвиците во спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите.
Презентацијата ја нагласи важноста на независното следење на јавните политики, институционалната отчетност и потребата од надминување на јазот помеѓу стратешките определби и нивната практична реализација.
Беше истакнато дека во рамки на проектот се изработени извештаи во сенка и за Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, со што се придонесува кон регионално следење на политиките за инклузија на Ромите и зајакнување на застапувањето на регионално ниво.
3. Панел-дискусија – Институционални одговори и идни приоритети
Панел-дискусијата беше насочена кон досегашните институционални активности, предизвиците во спроведувањето на политиките и планираните мерки за унапредување на инклузијата на Ромите.
Арабела Илјаз, виш соработник во Министерството за образование и наука, ја истакна важноста на хоризонталниот пристап кон инклузијата на Ромите преку нивно вклучување во пошироките национални политики, вклучително и Националната развојна стратегија, политиките за родово одговорно буџетирање и Европската детска гаранција. Таа посебно се осврна на потребата од зголемување на опфатот на ромските деца во образованието и справување со образовната сегрегација. Во таа насока, ја нагласи потребата од соработка со Министерството за внатрешни работи во однос на практиките на промена на адресата на живеење во личните документи на родителите, кои можат да придонесат кон сегрегација во училиштата. Дополнително, информираше за тековните активности на Министерството поврзани со оптимизација на училишната мрежа и паралелките, како и за важноста на домувањето и можностите што произлегуваат од Реформската агенда.
Елвис Мемети, раководител на Одделението за имплементација на Стратегија и декада на Ромите во Министерството за социјална политика, демографија и млади, ги презентираше мерките за зголемување на пристапот на ромските деца до предучилишно образование преку ослободување од плаќање партиципација во градинките. Тој ги истакна и активностите поврзани со поддршката на лицата без дом, нивното сместување и планираните мерки за менторство и социјална интеграција. Дополнително, ја нагласи потребата од соработка со Министерството за образование и наука во делот на младите, работата на протокол поврзан со стекнување државјанство, како и вклучувањето на препораките на ADI-ROM за унапредување на положбата и инклузијата на жените и девојчињата Ромки во институционалните политики и мерки на национално и локално ниво.
Љубица Томиќ, советник на премиерот и советник на националниот координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, информираше за активностите спроведени во рамки на Кабинетот, вклучително и изработката на SWOT анализа и подготовката на националните акциски планови за инклузија на Ромите, чие усвојување се очекува во ноември 2026 година. Таа најави дека во следниот период ќе се работи и на подготовка на локални акциски планови. Во своето обраќање ја истакна соработката со меѓународните организации, дискусиите поврзани со извештаите за инклузија на Ромите и отвореноста на Координативното тело за соработка со релевантните чинители. Дополнително, најави комуникација со надлежното министерство за транспорт во однос на буџетските средства за инфраструктурни проекти, како и активности за подготовка на протокол за антициганизам и продолжување на обуките за антициганизам за претставници на институциите, со цел зајакнување на нивните капацитети за препознавање, спречување и соодветно постапување во случаи на дискриминација кон ромската заедница.
Панел-дискусијата беше проследена со дел за прашања и дискусија, а главните теми ја потврдија потребата од посилна меѓуинституционална координација и поврзување на специфичните мерки за Ромите со пошироките национални стратегии, реформи и можности за финансирање.
4. Заклучоци и препораки
Главниот заклучок од конференцијата е дека Северна Македонија располага со развиена стратешка рамка и воспоставени институционални механизми за инклузија на Ромите, но дека клучниот предизвик останува ефективното спроведување на постојните политики и постигнувањето конкретни и мерливи резултати.
Особено беше нагласена потребата од интегрирање на ромското прашање во главните текови на јавните политики (mainstreaming), со цел ромската заедница да има пристап не само до посебните мерки за Роми, туку и до општите програми, националните реформи и јавните инвестиции.
Врз основа на дискусијата, се издвојуваат следните препораки:
- Подобрување на спроведувањето на политиките преку зајакната институционална координација, отчетност и поефикасно користење на буџетските средства наменети за инклузија на Ромите.
- Унапредување на стратешкото планирање преку усвојување на националните акциски планови и последователна подготовка на локални акциски планови, со јасно дефинирани институционални одговорности.
- Интегрирање на ромската инклузија во националните реформи, особено во образованието, домувањето, инфраструктурата, вработувањето, социјалната заштита и родовата еднаквост.
- Справување со образовната сегрегација преку координирано дејствување на надлежните институции и зголемување на опфатот на ромските деца во образовниот систем.
- Зајакнување на институционалниот одговор на антициганизмот преку подготовка на соодветен протокол, продолжување на обуките за антициганизам за претставници на институциите, со фокус на препознавање, спречување и справување со антициганизмот, како и унапредување на институционалните механизми за постапување во случаи на дискриминација.
- Подобрување на мерките за социјална инклузија, особено во однос на домувањето, лицата без дом, пристапот до државјанство и потребите на жените, девојчињата и младите Роми, вклучително и примена на релевантните препораки на ADI-ROM.
- Продолжување на структурираниот дијалог со граѓанскиот сектор, со цел наодите и препораките од независните извештаи да бидат земени предвид при планирањето и спроведувањето на јавните политики.
5. Фокус за следниот период
Во следниот период, приоритет треба да биде преточувањето на најавените институционални активности во конкретни мерки и резултати, особено преку усвојувањето и спроведувањето на националните и локалните акциски планови, подобрувањето на пристапот до инвестиции во домување и инфраструктура и координираното справување со образовната сегрегација.
Посебен фокус ќе биде ставен на продолжување на обуките за антициганизам за претставници на институциите, со цел зајакнување на нивните капацитети за препознавање, спречување и справување со антициганизмот. Обуките треба да придонесат кон подигнување на институционалната свест за специфичните форми на дискриминација со кои се соочува ромската заедница и унапредување на практиките за институционално постапување. Паралелно, потребно е да продолжи работата на развивање протокол за антициганизам и зајакнување на меѓуинституционалната соработка.
Дополнително, внимание треба да се посвети на идентификување можности во рамки на Реформската агенда и другите национални програми и финансиски механизми, со цел ромската заедница да биде рамноправно вклучена во пошироките развојни процеси. Во оваа насока, важно е и разгледувањето на можностите за интегрирање на препораките на ADI-ROM во релевантните национални и локални политики за инклузија на жените и девојчињата Ромки.
Во рамки на проектот „Надвор од бариерите: Резилиентност на Ромите од Западен Балкан“, Ромалитико ќе продолжи со застапување засновано на докази, институционален дијалог и следење на препораките од Извештајот во сенка, со цел да придонесе кон поефикасно и поинклузивно спроведување на јавните политики.
Клучната порака од конференцијата е дека напредокот во инклузијата на Ромите не зависи единствено од постоењето добро развиени политики, туку од нивното координирано спроведување, заедничката институционална одговорност и системското вклучување на ромското прашање во пошироките развојни приоритети на државата.
Подготвено од: Институт за истражување и анализа на политики – Ромалитико
Октомври 2026 година









