Ромалитико како и секоја година така и оваа година продолжува да ги следи наодите, заклучоците и препораките кои произлегуваат од последниот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија за 2023 година на Европската Комисија кои се однесуваат на ромската заедница.

На самиот почеток од извештајот се нотира работата на интерпартиските пратенички групи меѓу кои се вбројува и интерпартиската група за правата на Ромите, при што се вели дека спроведени се бројни активности во тесна соработка со граѓанските организации.

Понатака, во извештајот се нотираат родовите јазови при вработување и учеството во работната сила. Кај работоспособното население, 46% од жените постојано се надвор од работната сила во споредба со 23,3% од мажите, но јазот е уште поголем кај маргинализираните жени. Се забележува дека Ромките на возраст помеѓу 40 и 44 години имаат највисока стапка на невработеност.

Во однос на капацитетот на Центрите за социјална работа нотирана е потребата од проширување за да може да се развијат и поддржат нови услуги во заедницата низ целата земја, вклучително и услуги за поддршка на децата во ризик, децата Роми и децата со попреченост кои се жртви на дискриминација и сегрегација.

Европската Комисија во својот извештај нотира одреден напредок во вклучувањето на Ромите. Со новата стратегија за вклучување на Ромите 2022 – 2030 година се нотира усвојувањето на националните акционите планови во 2023 година во областите: антициганизам, образование, вработување, социјална заштита, здравство, домување, граѓанска регистрација и култура. Ромалитико со својата експертиза директно учествуваше во дизајнирањето на Стратегијата за Роми 2022 – 2030 година, Националните акциони планови и Локалните акциони планови. Воедно, нотирано е назначувањето на Советникот за инклузија на Ромите при Кабинетот на премиерот  како Национална точка за контакт на Ромите кој ќе ги надгледува прашањата за инклузија на Ромите.

Во делот на образование се нотира благото зголемување од 1,25% во запишувањето на деца Роми во градинките односно од 420 деца минатата година на 462 деца во 2023 година. Во учебната 2022/23 година, 4 429 деца Роми се запишале во прво одделение во основното образование, а 202 деца биле идентификувани од граѓанските организации како нерегистрирани. Годишната стапка на осипување на децата Роми во основните училишта сè уште е релативно висока. Според Министерството за образование и наука, 93,17% од учениците Роми останале на училиште и по учебната 2021/22 година, а 6,83% биле осипани. 89,08% од децата Роми на наставна возраст успешно го завршиле своето средно образование. Вработувањето на 35 ромски образовни медијатори се нотира како позитивен чекор, додека сегрегацијата во училиштата останува прашање за кое треба да се изнајде решение. Воедно, Европската Комисија забележува дека не постојат систематски мерки за спречување на нередовно посетување или за реинтеграција на децата кои го напуштиле образованието, или систематско спроведување на задолжителното образование на основно и средно ниво како што налага Законот. Исто така, во Извештајот се забележува зголемувањето на бројот на ромски образовни медијатори од 35 во 2021 година за во 2023 година се зголеми и достигне до 40 образовни медијатори. Во високото образование, Министерството за образование и наука доделило 135 стипендии за студенти Роми.

Во делот на препораки од последниот извештај останува препораката:

→ Да подобри пристапот до квалитетно образование за сите, во особено децата со инвалидитет и децата од ромската заедница; и зголемување предучилишна уписи и продолжи подобрување поддршка за обука и стручно образование на наставниците развој.

Во областа здравство се нотира пристапот до превентивните и куративните здравствени услуги, односно намалувањето на смртноста, справувањето со дискриминацијата и нееднаквиот третман од страна на здравствените работници и здравјето на жените кои остануваат клучни предизвици во областа на здравствената заштита на Ромите.

Европската Комисија забележува мало намалување во невработеноста на ромската заедница. Намалувањето се должи на воведените мерки за таргетирање на ромските поединци со ниско ниво на образование и промовирање на нивното вклучување на пазарот на трудот. Ромалитико учествуваше со предлози во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година. Во шемата за младинска гаранција биле вклучени 969 Роми од кои 148 Роми се вработиле.

Во делот на домување нотирано е географското мапирање на ромските населби во пет општини при што се идентификувани областите каде што се потребни дополнителни интервенции. Повеќето ромски населби сè уште не се опфатени со урбанистички планови.

Во областа на бездржавјанство и исполнување на меѓународните обврски на државата нотирани се донесените измени на Законот за матична евиденција, Законот за пријавување на местото на живеење и Законот за лична карта кои Ромалитико заедно со останатите чинители ги застапуваше со цел решавање на сите познати случаи на бездржавјанство. Горе наведените измени го гарантираат правото на регистрација на децата родени на територијата на Северна Македонија во рок од 45 дена од раѓањето, без оглед на статусот на нивните родители. Прекинувањето на бездржавјанството може да има значително позитивно влијание врз засегнатите Роми и општеството во целина.

Во самиот извештај евидентирани се случаи на дискриминација и полициска бруталност врз основа на ромска етничка припадност, особено врз млади Роми, девојчиња и Роми во притвор. Како други бариери, Европската Комисија го забележува недостатокот на дигитални вештини и пристапот до технологија кои продолжуваат да ги спречуваат Ромите целосно да ги уживаат своите права и да пристапат до повеќето услуги, од кои повеќето сега се дигитални (здравство, образование, вработување, социјална заштита итн).

Европската Комисија забележува дека потребни се дополнителни напори и ресурси за да се забрза инклузијата на Ромите, да се справи со антициганизмот, дискриминацијата и образовната и просторната сегрегација и да се намалат нееднаквостите со остатокот од населението, при што заклучува дека е потребно е систематско учество, зајакнување и градење капацитети.

Исто така, се нотира работата на Владата на спроведување на приоритетите утврдени со Познанската декларација и на приоритетните мерки идентификувани на билатералните семинари на ЕУ за Ромите.

На територија на државата забележани се 235 Роми, Ашкалии и Египќани од Косово, од кои 11 со статус на бегалци, 64 се под супсидијарна заштита и приближно 160 се со заштитен статус. Поединците остануваат во ранлива ситуација поради недостаток на правен статус и недоволен пристап до основните права.