Речиси и по 30 години независност на Република Северна Македонија, две суштествени прашања  доминираат во надворешната и внатрешната политика и тоа: внатрешната кохезија помеѓу  етничките групи која во голема мера ја детерминира внатрешната политика во однос на која етнички  заедница “губи“ или “добива“ од распределбата на јавни добра, и второто прашање признавање  на националниот идентитет од соседните држави кои ја детерминираат надворешната политика  и влезот во ЕУ.  Ваквата констелација на односите внатре во државата и надвор помеѓу државите  во голема мера влијаат врз општествените односи, економскиот развој и стабилноста на државата,  но исто и врз развојот на национализам и/или етноцентризам помеѓу различните групи во државата.

Политичките процеси, селективната правда, врзаноста на правата со големината на етничките  заедници доведува до задушување на општествените односи во државата, при што толерантноста  внатре кон заедниците но и кон соседите се намалува.   Условно кажано, недовербата помеѓу заедниците во минатото на балканскиот полуостров, но и во  Република Северна Македонија предизвика сериозни последици, а штетите беа огромни. Еден од  поважните настани во поновата историја на државата е конфликтот во 2001 година, којшто  следуваше по низа на настани кои меѓу другото беа резултат токму на недовербата помеѓу  заедниците. Конфликтот беше и причината за потпишувањето на Охридскиот рамковен договор,  каде што, главен акцент е ставен на прекинот на непријателствата, развојот на децентрализирана  власт, недискриминација и правична застапеност и употреба на јазиците.1 Речиси две децении по  потпишувањето на Рамковниот договор, постојат незадоволни и задоволни страни, постојат  различни ставови во однос на тоа која заедница најмногу изгуби со овој договор, а која најмногу  доби, и сето тоа директно влијае и врз довербата помеѓу различните етнички заедници. Овој договор  е прв исклучително важен договор според кој се уредуваат односите помеѓу државата и  припадниците на различните заедници.  Како понов документ во насока на развивање на интеркултурализам во македонското општество е  Стратегијата – „Едно општество за сите“.

Според авторите, овој документ подразбира: признавање  на сите различности, гарантирање и обезбедување еднаквост, социјална правда, правичност,  еднакви можности на жените и мажите, рамномерен регионален развој како и вклученост и учество  на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија2. Овие документи се креирани  во насока на подобрување на состојбите, но и зацврстување на довербата помеѓу етничките  заедници, кои иако на прв поглед делуваат како два спротивни начини на зајакнување на довербата – при што од една страна Рамковниот договор ја обврзува државата да обезбеди унапредување на  правата на малцинствата, додека пак, стратегијата за „Едно Општество за сите“ предвидува  надминување на етничките разлики и креирање на еднакво општество без разлика на припадноста.  Досега во историјата се покажало дека во услови на економска криза и општа несигурност за  безбедноста, меѓусебната довербата на групите (етнички, религиозни) се намалува додека  стереотипите и предрасудите се зголемуваат. Во таа насока, Ковид 19 кризата ги истакна на  виделина системските недостатоци на сите досегашни влади, додека на површина испливаа и  ставови од типот дека верските или етничките групи ја загрозуваат безбедноста на останатите групи.

Дискусијата за пописот во 2021 повторно во фокус ја стави меѓусебната доверба помеѓу заедниците,   поради стравот за големината на етничките заедници кои се наметна како  еден од предусловите за  стекнување на одредени права во Република Северна Македонија.   Токму ваквата поставеност на надворешните и внатрешните односи во државата, како и политичките  процеси во државата, беа главен мотив на Институтот за истражување и анализа на политики  „Ромалитико“ – Скопје да пристапи кон Истражување за меѓуетничките односи и ставови коишто  различните групи ги имаат едни за други. Оваа анализа има за цел да го испита степенот на доверба  помеѓу различните етнички заедници кои живеат во Република Северна Македонија, како и да  одреди кои карактеристики имаат влијание во формирањето на ставовите на припадниците на  различните етнички заедници кон другите граѓани (од други етнички заедници). Воедно, резултатите  од ова истражување даваат препораки до сите засегнати страни за  надминување на меѓусебните  бариери и зголемување на довербата помеѓу заедниците кои живеат во Република Северна  Македонија.

Првиот дел од ова истражување дава приказ на историскиот контекстот во Република Северна  Македонија во поглед на етничките односи, вториот дел се однесува на методолошкиот аспект на  истражувањето и демографските карактеристики на испитаниците. Анализата на податоците е  прикажана во третиот дел, при што истата е поделена на три дела – и тоа анализа на податоци на  основа на целиот примерок, анализа на податоци според етничките карактеристики и статистичка  анализа на разликите помеѓу испитаниците од различен пол, образование, религиска припадност и  работен статус. Четвриот  дел дава сумирани заклучоци и препораки за зголемување на довербата  кон креаторите на политики.

Кликнете тука за да ја прочитате целата анализа

1 Охридски Рамковен договор (2001), https://www.pravdiko.mk/wpontent/uploads/2013/11/ramkoven_dogovor-3.pdf

2 Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022  https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/strategii/strategija_ednoopshtestvo_29.10.2019.pdf