Здравствената криза предизвикана од состојбата со ковид-19, освен  што влијаеше врз здравјето на граѓаните и врз достапноста на услугите,  значително ја погодува и материјалната благосостојба на домаќинствата  преку губењето на работни места и намалувањето на нивните приходи.  Вклучувањето во системот на социјална заштита и проширувањето на  програмите за социјална заштита е неопходен чекор за задоволување на  егзистенцијалните потреби и зачувување на здравјето и благосостојбата  на сите граѓани во услови на криза. Притоа, особено треба да се запази  принципот на еднаквост, што значи дека дури ни во вакви услови не смее   да има заборавени категории – мерките треба да ги опфатат сите граѓани   и никој не треба да биде изземен од нив.  

Во услови на пандемијата со ковид-19, Владата на РСМ донесе низа мерки  и уредби кои имаат за цел да овозможат олеснет пристап до правата од  областа на социјалната и детската заштита. Една од мерките што беше  особено значајна за Ромите се однесуваше на овозможен брз пристап во  системот на социјална заштита што се однесува на лицата кои останале без  приходи или биле дел од неформалната економија, односно обезбедување  парична помош за домаќинства и енергетски додаток за корисниците на  социјална заштита.  

Во 2019 година беше донесена социјалната реформа. Новиот систем на  социјална и детска заштита ќе придонесе за извлекување на најранливите  граѓани, но и на децата од сиромаштија. Беше донесен нов Закон за  социјална заштита, нов Закон за социјална сигурност за стари лица и  измени во Законот за детска заштита.  

Целта на ова истражување е да направи анализа на искористеноста на  правата од социјална и детска заштита од страна на ромската заедница за  период 2019 и 2020 година, опфаќајќи ги сите фази, односно почнувајќи од  информираноста на Ромите за социјалните права, процесот на аплицирање,  како и исходот од аплицирањето.  

Ова истражување ја мапира реалната состојба на ромската заедница во  делот на искористеноста на правата од областа на социјална и детска  заштита. Воедно, истражувањето има за цел да ги согледа и адресира  препреките и предизвиците со коишто се соочува ромската заедница во  процесот на имплементација на социјалната реформа, а дополнително и во  услови на пандемија.  

Резултатите од истражувањето ќе ја отсликаат состојбата на ромската  заедница во нашата држава и согласно на тоа ќе се дадат конкретни  препораки, кои се неопходни за унапредување на достапноста до правата  од социјална и детска заштита

Кликнете тука за да го прочитате целото истражување